Разговор со Марија Јанкова, основач на „Macramé Story“: Макраме техника која ќе ве освои со својата уникатност
„Макраме е посебно интересна техника од причина што машински не можат да се реплицираат јазлите, а предметите што се изработуваат можат да се направат само рачно“, вели Марија.
Макраме е древна техника на врзување разни видови јазли, при што може да се добијат различни видови текстилни производи и модни додатоци. Поради нивната уникатност и убава визуелност, макраме бележи зголемена популарност меѓу младите креативци ширум светот.
Препорачано
Па, доколку сте љубители на уникатен накит во различни бои, претпочитате бохо стил на облекување и имате желба сами да направите интересни чанти и парчиња облека – макраме техниката е токму за вас.
Во овој прекрасен месец на жената, ја имаме честа да поразговараме со Марија Јанкова – ракотворец на изработки со макраме техника и основач на е-продавницата „Macramé Story“. Таа е дипломирана на Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, а работи како административен службеник во Министерството за одбрана. Оваа креативна жена за себе вели дека го живее животот со голем ентузијазам, дека е феминистка и голем борец за правата на животните. Со други зборови – таа сака сѐ што е убаво, а доказ за тоа е нејзиното креативно хоби.
Марија, кога Ви се роди љубовта кон макраме?
– Уште од мали нозе паметам дека сакав да цртам, да моделирам со пластелин, да читам. Љубовта кон убавото ми е во срцето откако знам за себе. Конкретно со макраме техника, „во живо“, се сретнав на еден предновогодишен базар организиран во Домот на армијата уште во 2008 или 2009 година. Ме привлече штанд со накит изработен со оваа техника. Купив две парчиња, се вљубив и така започна сѐ. Благодарение на безброј туторијали кои ги одгледав на интернет и огромната желба и упорност, ја научив техникава. Без оглед што многу години го познавам макрамето, никогаш нема да помислам дека сум „мајсторка на својот занает“! Секогаш постои уште нешто што може да се научи.
View this post on Instagram
Дали може да ни раскажете нешто повеќе за ова древна техника?
– Техниката на врзување јазли, што всушност претставува макраме, е една од најстарите техники на рачни изработки. Шпанскиот збор macramé потекнува од арапскиот збор migramah (مقرمة), што во превод значи „украсни реси“ или „извезен вел“. Некои мислат дека зборот има турско потекло од макрама, кој значи „салфета“ или „пешкир“. Макраме е посебно интересна техника и од причина што машински не можат да се реплицираат јазлите, а предметите што се изработуваат можат да се направат само рачно. Инаку се смета дека техниката потекнува уште од времето на Вавилонците и Асирците. Техниката тесно се поврзува и со морнарите.
View this post on Instagram
Што сѐ може да се изработи со рачното врзување јазли и која Ви е најдрагата изработка досега?
– Сѐ што можете да си замислите! Од ѕидни висечки украси, торби, ташни, каиши, лежалки, украсни модни додатоци, висечки држачи за цвеќе, до накит на кој јас најмногу се задржувам при употреба на оваа техника.
Јас се фокусирав на микро макраме и изработка на накит. Во секое парче кое го изработувам, јас вложувам многу љубов, имагинација, време и енергија. Секое ново парче ми е убаво, но едно од најдрагите ми е ланчето коешто го изработив за ќерка ми за посебна пригода. Емоционално се врзувам и кога помислувам дека еден ден можеби некој ќе го купи… ми паѓа жал! Чудно е и можеби неразбирливо, но тоа сум јас!
View this post on Instagram
Покрај макраме, дали можеби креативноста ја изразувате и на некој друг начин?
– Да. Ја научив и техниката на хеклање. Би сакала да го научам филигранот и копаничарството. Цртав на стакло со специјални бои и контури-нешто што изгледа како витраж.
View this post on Instagram
Каков е интересот за ваквиот вид рачни изработки?
– Мислам дека интересот и побарувачката за рачна изработка се менуваат периодично, исто како и за се друго. Се надевам дека не се лажам, но приметувам дека особено во последно време, младите се почесто ја препознаваат правата вредност на рачната изработка и ја купуваат.
View this post on Instagram
Дали имате некој совет за оние креативци кои би сакале да почнат да се занимаваат со макраме?
– Да. Откако ќе ги научите неколкуте основни јазли, техниката ќе ви даде неограничени можности. Не е прескапо и не треба големо почетно вложување. Ви требаат конци или ортоми од различен состав и дебелина, некаква подлога и вашите прсти. Со трпение, комбинирање на материјали и јазли, малку љубов, може да направите многу интересни употребливи предмети и мали уметнички дела. Сатисфакцијата која ќе ја почувствувате е повеќекратна!
Повеќе интервјуа на Катерина Стевовска:
Разговор со Кристина Велевска: Везењето е вештина што ги обединува сите делови од мојот карактер


