Разговор со Наташа Чавдаровска од „Half Moon Crafts“: Рециклирана уметност која промовира живеење со нула отпад
„Откако почнав да ги изработувам производите на „Half Moon Crafts“, грижата за животната средина се зголеми и почнав да откривам и применувам други нови одржливи начини и навики на живот. Тоа е нешто што бара постојан влог, и не само од страна на поединци, туку и на заедници, а треба да е и потег за системски решенија и промени“, вели Наташа.
Дали некогаш сте размислиле за тоа дека од неколку печатени изданија на весникот „Слободен печат“, вие можете да создадете предмет кој ќе има друга намена во вашето секојдневие? Рециклирањето е едно од петте златни правила на концептот „нула отпад“, кој ја претставува помислата дека доколку ги промениме животните навики ќе можеме да го елиминираме целиот непотребен отпад во општеството.
Препорачано
Битолчанката Наташа Чавдаровска е дипломирана новинарка и долгогодишна активистка, која во своето слободно време создава рачни изработки од употребена хартија, кои промовираат живеење со нула отпад. Идејата за оваа креативна активност дошла сосема случајно, но нејзините навики за одржлив начин на живот почнала да ги развива уште во студентските денови.
Во нејзината работилница „Half Moon Crafts“, денес можете да најдете свеќници, декоративни садови, кутии, обележувачи за книги и сл., што докажува дека прилично лесно можеме да ѝ дадеме нов живот на употребената хартија.
Наташа, што Ве инспирираше да почнете да правите рачни изработки од употребена хартија?
– Како дипломиран новинар и магистер на економски науки, во последните неколку години работам во секторот маркетинг и комуникации. Претходно бев повеќе години активна во граѓанскиот сектор во Македонија, водејќи непрофитна организација. Во еден одреден период организацијата соработуваше со волонтери на Мировниот корпус. Низ текот на работата разгледувавме модели за финаниска одржливот на здруженијата на граѓани и тогаш дојдовме до идеја да ја искористиме отпадната хартија од канцелариите за нешто продуктивно што ќе носи приход. Веднаш по тие иницијални разговори почнав да се обидувам да создадам нешто кретивно од неупотребливата хартија и се разви концептот за „Half Moon Crafts“ – рачни изработки од хартија кои ќе го промовираат концептот „нула отпад“. Името на ракотворбите и на „работилницата“ е според името на енергетски одржливиот имот на еден од волонтерите во САД. Од моментот кога производите на „Half Moon Crafts“ почнаа да се продаваат, па сѐ до денес, одреден процент од секоја продажба се вложува во организацијата која јас ја менаџирам или за активности на останати граѓански организации и донаторски цели.
View this post on Instagram
Што сè може да се изработи од хартија и како изгледа процесот на изработка?
– Главен ресурс за производите е неупотрелива хартија од канцеларии и од домаќинства која наместо во отпад се користи за нешто креативно. На пример, хартија на која веќе не може да се печати, хартиена амбалажа од производи, картонски кутии, списанија, промотивни материјали и слично. Дел од хартијата повторно се употребува за некои прозиводи, а од дел се прави смеса од која изработувам хартија и друг вид производи како свеќници, декоративни садови, кутии, обележувачи за книги, картички за пораки, коверти и слично. Еден од новитетите е садливата хартија, која изминатата година беше доста барана за покани за свадби и родендени. Во процесот на изработка користам традиционални методи на изработка на хартија, но за некои производи методите или чекорите се различни од она што можам да да го видам кај сродни ракотворци во останати земји. Исто така, тоа е дел од уникатноста на „Half Moon Crafts“. Такви се и формите на некои производи. Тие не се од калапи како кај многумина нарачани на интернет, туку реупотебувам предмети кои инаку би завршиле во отпад. Или, пак, дезените кај некои производи. Не е класичен декупаж, туку техника која сама ја развив со тек на време. Тоа, исто така, придонесува во уникатноста на производите.
View this post on Instagram
Колку весници на „Слободен печат“ ќе бидат потребни за изработка на една еко-чинија?
– Вакви прашања ми се многу интересни. Како и коментарот на некои мои колеги новинари кои се шегуваат дека наместо да пишувам за весник, јас изработувам уметност од весници. Сигурно некои изданија на „Слободен печат“ се вредни за архива и не би ги реупотребила. Сепак, немам прецизен одговор на прашањето затоа што секогаш од смесата од рециклирана хартија која ја подготвувам излегува различен број на производи и различни големини на еко-декотративни садови или свеќници.
View this post on Instagram
Колку ова креативно хоби Ве поттикнува да живеете поодржлив начин на живот?
– Уште додека студирав бев вклучена како волонтер во граѓанска организација за екологија и од тогаш почнав да развивам навики за одржлив начин на живот. Преку ангажманот во граѓанскиот сектор придонесувам за промоција на социјалното претприемништво и за достигнување на целите за одржлив развој 2030 што исто така значи промоција на оржливоста, вклучувајќи и начин на живот. Но, откако почнав да ги изработувам производите на „Half Moon Crafts“ грижата за животната средина се зголеми и почнав да откривам и применувам други нови одржливи начини и навики на живот. Тоа е нешто што бара постојан влог, и не само од страна на поединци, туку и на заедници, а треба да е и потег за системски решенија и промени. Така што секогаш има простор за напредок и подобрување.
View this post on Instagram
Според Вашето искуство, колку Македонците се еколошки освестени за рециклирање и колку ги ценат рачните изработки од овој вид?
– Ова е тешко да се каже, но ќе бидам искрена – иако има подобрување во свеста и навиките на граѓаните, далеку сме од она каде што би требало да сме како општество и како поединци. Секако, тоа се одразува и врз изборот на производи, особено рачно изработени и кои го промовираат еко-концептот. Но, се надевам дека вакви интервјуа и слични поддршки придонесуваат за видливост и размрдување на размислата, па може да очекуваме промени на подобро во иднина. Затоа сум исклучително благодарам за можноста приказната за „Half Moon Crafts“ да ја претставам пред публиката на „Слободен печат“.
View this post on Instagram
Кои се идните планови за „Half Moon Crafts“?
– Една сигурна желба во планот за „Half Moon Crafts“ е да се презентира барем еден нов производ во текот на годината, или да се усоврши просецот, изгледот или квалитетот на некој постоен производ. Би сакала да се зголеми промоцијата во јавност преку присуство на настани и вмрежување со останати брендови кои делат иста или слична визија. Тоа се надевам дека, на долг рок, ќе се одрази со зголема продажба и ангажирање на повеќе луѓе во производството. Сѐ останато од „планот“ оставам да се разива со текот на време и според моменталните услови.
Повеќе интервјуа на Катерина Стевовска:
Разговор со Сара и Катерина од „Yes for Less“: „Црн петок“ може да е „црн“ и за планетата Земја
Разговор со Кристина Велевска: Везењето е вештина што ги обединува сите делови од мојот карактер
Разговор со Павел Мише, познат како „Cactus Father“: Луѓето што чуваат кактуси се посебни битија


