Разговор со Кристина Велевска: Везењето е вештина што ги обединува сите делови од мојот карактер

Кристина Велевска и нејзините изработки / Фото: Приватна архива

„Во мојата фамилија сите жени знаат некој занает – плетење, шиење, па и традиционален вез. Порасната сум во таква средина и сум гледала колку уживање и љубов имаат за таа работа, па за мене рачниот вез беше сосема природна наклонетост“, вели Кристина.

Македонската везбена уметност е една од најубавите во светот, а везењето како вештина се пренесувала од поколение на поколение. Во минатото, младите девојки учеле да везат уште од најмала возраст, а везот претставувал карактеристичен традиционален украс, особено на женските носии.

За жал, денес доминира машинското везење, но сѐ уште постојат креативни луѓе кои го претпочитаат рачното везење и ја чуваат оваа прекрасна вештина од заборав.

Една од нив е и Кристина Велевска од Скопје, родум од Битола, која е дипломиран професор по македонски јазик и самоук изработувач на модерен рачен вез аплициран на дрвени обрачи, облека и разни модни додатоци како оригинални авторски производи под брендот „KVembroidery“.

Покрај везењето, оваа млада девојка предава македонски јазик на странци, пишува, чита, планинари, вози велосипед и се грижи за цвеќињата во нејзината градина. Со други зборови, таа е вистински креативец во сѐ што работи.

Кристина, како дојдовте до идејата да почнете да се занимавате со оваа подзаборавена, но преубава техника?

– Се интересирам, читам, следам сè што се поврзано со уметност, креативност и творење. За модерниот вез прочитав во весник пред 5- 6 години, кога кај нас речиси немаше и никој што со тоа се занимава. Везењето е вештина што ми се чинеше дека ги обединува сите делови од мојот карактер, процесот е смирувачки, бара присутност и фокусираност во моментот, што ми доаѓаше како мал одмор од неизбежното брзо темпо на живот. Така спонтано се насочив кон модерниот рачен вез како моја посериозна креативна определба.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KVembroidery (@kvembroidery)

Дали можете да ни кажете нешто повеќе за самиот процес на везење? Кои материјали ги користите и колку време Ви треба за да направите една изработка?

– Процесот на рачен вез е деликатен и етапен, бара посветеност, трпение и време. Основните материјали се дрвен обрач (ѓерѓеф) на кој се затегнува платното врз кое се везе со игли и конци соодветни за рачен вез, според одреден дизајн. Наједноставен вез може да се изработи и за еден ден, додека за посложени некогаш ми требало и до 30-40 часа работа, сѐ зависи од сложеноста и големината на дизајнот и техниките.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KVembroidery (@kvembroidery)

Вие создавате прекрасни везови, а најчест мотив Ви се растенијата и цвеќињата. Дали можеби природата Ви е најинспиративна работна средина?

– Ви благодарам. Чинам дека сите ние креативци сме некако и љубители на природата која е неисцрпен извор на уметност и инспирација. Огромен бонус за мене е што алатките за везење се лесно преносливи и не ми е потребна струја, поради што најчесто одбирам да везам надвор – во парк, на тераса и секаде каде што може да користам природна дневна светлина.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KVembroidery (@kvembroidery)

На која изработка сте особено горди?

– Иако се гордеам со сите подеднакво, можеби најдраги ми се оние изработки кои си ги правам за себе, што е навистина ретко- како на пример маичката на која го навезов мојот велосипед, која потоа стана една од најпобаруваните дизајни а велосипедот препознатлив знак за „KVembroidery“. Тоа е како да носите некој вид на орден за својата посветеност и труд. И нормално, црешовото дрвце кое беше меѓу првите производи што стекнаа поголема популарност и симпатии кај купувачите.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KVembroidery (@kvembroidery)

Се чини дека луѓето ѝ даваат предност на брзата мода. Според Вашето искуство, колку се ценат рачните изработки кај нас?

– Сметам дека рачните изработки се ценат повеќе од порано. Улога во ова имаше и ковид пандемијата, кога имаше ограничено движење надвор од домот, па многу купувачи се свртеа кон малите креативни бизниси кои главно функционираат онлајн. Народот генерално го препознава процесот на рачна изработка како сложен и уникатен, но сè уште треба време за цените на рачните изработки да се сметаат за прифатливи и нормални наспрема фабричките производи.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KVembroidery (@kvembroidery)

Меѓу другото, Вие везете и на памучни торбички, кои се одлична замена за пластичните ќесиња. Каква е заинтересираноста за нив и дали Ви е драго што сте дел од создавањето еколошки навики?

– Многу ми е драго бидејќи сè што правам во „KVembroidery“ e одраз на моите навики и приватно, кои се стремам да ги пренесам и во производите и во вредностите на „KVembroidery“, како одлика за брендот уште од почетокот, како користење природни материјали, еко-пакувања и достава, пренамена и реупотреба на остатоците. Памучните везени торбички за кои има голем интерес се само уште еден убав и практичен начин да бидеме поодржливи и посовесни кон планетата во своите дневни избори.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KVembroidery (@kvembroidery)

Дали везбената традиција била присутна во Вашето семејство и колку жените од Вашето опкружување имале влијание врз Вашата креативност?

– Во мојата фамилија сите жени знаат некој занает – плетење, шиење, па и традиционален вез. Порасната сум во таква средина и сум гледала колку уживање и љубов имаат за таа работа, па за мене рачниот вез беше сосема природна наклонетост. Сепак, морам да кажам дека најзаслужна за мојата креативност е мојата мајка, од која ги имам наследено уметничките дарби, и која ми ја отвори вратата кон светот на креативноста, секогаш насочувајќи ме да ја следам и одржувам таа љубов и врска со себеси.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KVembroidery (@kvembroidery)

Од денешна перспектива, кој совет би ѝ го дале на помладата Кристина која штотуку почнала да везе?

– Помладата Кристина, која е почетник во везењето, не би ја советувала ништо. Сè што направила и искусила било важна лекција за да стигне до каде што е сега.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KVembroidery (@kvembroidery)

Разговор со Сара и Катерина од „Yes for Less“: „Црн петок“ може да е „црн“ и за планетата Земја

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот