Разговор со Сара и Катерина од „Yes for Less“: „Црн петок“ може да е „црн“ и за планетата Земја
„Доколку сакаме да почнеме да работиме на овој проблем што секој од нас го има во помала или поголема мера, првиот чекор е да развиеме навика на поставување одредени прашања пред секое купување, а потоа и да бараме одговори на нашите прашања“, велат Сара и Катерина.
Последниот петок во ноември, кој е познат и како „црн петок“, е ден по Денот на благодарноста и традиционално го означува почетокот на божиќната куповна сезона во САД.
Оваа практика започнала во далечната 1952 година, а денес е раширена низ целиот свет. По повод „црн петок“, речиси сите брендови понудија ценовни намалувања на своите производи, со цел да им помогнат на купувачите полесно да го изберат совршениот подарок за претстојните празници.
Но, која е вистинската цена што ја плаќаме во моментот кога ќе купиме евтино парче облека од бренд што нуди т. н. брза мода – масовно производство облека со низок квалитет на материјалите и ниска продажна цена?
Одговорот на ова прашање го побаравме од младите еко-ентузијастки од платформата „Yes for less“ („Да за помалку“) – Сара Коцевска, дипломиран и магистриран архитект, и Kатерина Илијовска, дипломиран инженер технолог со магистратура во областа на енергетска транзиција и алтернативни горива.
Пред сѐ, дали би сакале да ѝ се претставите на нашата публика? Што е „Yes for less“ и која е Вашата мисија?
– Секој ден планетата сè повеќе се дави во ѓубре, изумираат ретки животински и растителни видови поради климатските промени и се задушуваме од загаден воздух. Јасно е дека како човештво не можеме да продолжиме со истото темпо ако сакаме да опстоиме како вид. За среќа, сè повеќе гледаме раст на „еко-трендови“, односно луѓе што се освестуваат и бараат поеколошки алтернативи во начинот на живеење и во производите што ги купуваат.
Со нашата работа сакаме да бидеме катализатор на ова движење што во моментов во Македонија не е толку застапено. За сè постојат еколошки алтернативи, но не знае секој од каде да почне или каде да ги најде. Со нашата идеја сакаме овој процес да го олесниме и да го доближиме до другите, со што повеќе луѓе би се мотивирале и би се насочиле кон поодржлив начин на живот.
Нашата мисија е да покажеме дека секој од нас може да направи мала промена и дека сечиј индивидуален придонес е важен. Поголем број еколошко свесни луѓе значи поголема побарувачка на еколошки производи, методи на транспорт, храна и слично, што врши притисок врз големите компании да ја адаптираат понудата наспрема побарувачката како што веќе се случува во некои поразвиени земји.
View this post on Instagram
Што Ве инспирираше да почнете да споделувате содржина за подигање на свеста за важноста на одржливото живеење?
– И двете отидовме во странство пред околу пет години поради магистерски студии – Сара во Италија, а Кате во Полска, Португалија и Шпанија. Гледајќи како жителите на сите овие земји живеат и се однесуваат, бевме поттикнати да размислуваме што и ние во Македонија правиме добро за животната средина, а што не, и кои добри практики што сме ги виделе или научиле од странство може се применат кај нас.
Така, во јануари 2021, го започнавме инстаграм-профилот @_yesforless, каде што првичната идеја беше споделување секојдневни, еколошки навики со нашите пријатели и најблиски и учење едни од други. Со текот на времето, добивме многу позитивни коментари од поединци што лично не ги познававме, но со кои поминувавме многу часови допишувајќи се. Разменивме толку многу совети и научивме толку многу, што решивме дека имаме нова мисија – воспоставување и креирање еко-заедница во Македонија. Овие луѓе и нивната заинтересираност за содржините што ги обработуваме продолжуваат да бидат нашата инспирација во она што го правиме.
View this post on Instagram
Маркетинг-кампањите ни го наметнуваат хиперконсумеризмот како парадигма за успешен живот. Со други зборови – оној што купува повеќе е оној што вреди повеќе во општеството. Но, колку нашите купувачки, односно модни избори ја чинат животната средина?
– За производството на кое било материјално добро, потребни се разновидни ресурси, како материјали за изработка, така и енергенси, вода, работна рака. Голем дел од овие ресурси се необновливи, или доколку се, тоа најчесто не е со истата брзина со која ги искористуваме.
Толку сме отуѓени од целиот процес на производство на сѐ што консумираме секојдневно, што воопшто не е зачудувачки фактот дека не сме свесни за многу од влијанијата што нашите куповни одлуки ги имаат врз животната средина. Многу луѓе денес живеат со идејата: „Ако не го гледам, не постои или, едноставно, не е мој проблем“. Тоа се случува со целиот отпад што го создаваме и за кој не се чувствуваме одговорни бидејќи по фрлање никогаш повеќе не го гледаме.
Ние сметаме дека начинот на кој консумираме дефинитивно е проблем, бидејќи со секое купување гласаме произведувачите да продолжат со нивниот „business as usual“.
View this post on Instagram
Брзата мода не придонесува само за загадување на природата, туку и за лошите работни услови во текстилната индустрија. Дали имате увид во моменталната состојба во светот?
– Познатите брендови за брза мода се сѐ повеќе притиснати од купувачите и од разни еколошки здруженија и иницијативи да бидат транспарентни за нивниот бизнис. Глобалното движење „Фешн револушн“, кое постои и кај нас, веќе седма година по ред го издава извештајот „Фешн транспаренси индекс“ (Fashion Transarency Index) во кој се анализира и се рангира транспарентноста на 250 најголеми модни брендови во однос на нивните еколошки и социјални влијанија и политики, меѓу кои и работните услови. За жал, извештајот од 2022 покажал дека 96 отсто од брендовите не дале информација за тоа колку од вработените низ целиот синџир на снабдување земаат достоинствена плата доволна за покривање на основните трошоци за живот.
Иако постојат многу аспекти во кои е потребно подобрување, позитивната страна е што ваквите извештаи ни помагаат да дознаеме кои се најкритичните точки каде што треба да го насочиме нашето дејствување. Така, врз основа на поразителните резултати од овој извештај, годинава се појави иницијативата „Good Clothes Fair Pay“ која од Европската комисија бара да воспостави закон со кој брендовите ќе мора да обезбедат достоинствена плата за работниците во текстилната индустрија.
View this post on Instagram
Кои еколошки практики би требало да ги усвоиме во нашето секојдневие за да го намалиме неконтролираното купување производи кои, во суштина, не ни се потребни? Кои се Вашите совети?
– Целата промена на ова поле тргнува од свесноста. Доколку сакаме да почнеме да работиме на овој проблем што секој од нас го има во помала или во поголема мера, првиот чекор е да развиеме навика на поставување одредени прашања пред секое купување, а потоа и да бараме одговори на нашите прашања.
Дали овој производ навистина ми треба? Од каде доаѓа и колку километри „пропатувал“ за да стигне до нас? Дали дома (во мојот плакар) имам ист или сличен производ? Дали однапред бев свесен/на дека ми треба или потребата се створи откако го здогледав? Дали ќе ме направи среќен/на подолго време или ќе биде само инстантно покачување на допамин како „лајк“ на Инстаграм? Дали додава некаква вредност во мојот живот или е уште едно нешто што ќе го купам и ќе го фрлам по краток период?
Честото практикување на овој процес нам ни помогна да развиеме голема самоконтрола при купување што било, и во моментов уживаме во живеењето на еден поминималистички начин со помалку материјални работи.
View this post on Instagram
Животните навики, свесно или потсвесно, ги усвојуваме од нашите најблиски. Катерина, дали би сакале да ни споделите како Вашата баба Ве инспирирала да живеете поодржлив начин на живот?
– Инспирација ми се не само моите баби и дедовци, туку целата постара генерација. Најголемиот дел од нив се пораснати на село каде што биле самоодржливи и живееле не создавајќи речиси никаков отпад освен органски. Со сѐ поголемото искористување на природните ресурси и огромните количини отпад што ги создаваме, станува сѐ повеќе јасно дека мора да преминеме од линеарна во циркуларна економија и на ова поле има многу за научиме од нашите предци.
Нешто конкретно што многу ме инспирира е колку тие биле креативни со малкуте нешта што ги поседувале и како таа „навика“ им останала дури и живеејќи во денешниот помодерен свет. Така ми доаѓаат слики од детството кога баба ми ги врзуваше стеблата од доматите со износени хулахопки и кога плетеше торби и килимчиња од пластични ќеси.
View this post on Instagram
Веруваме дека има и други ентузијасти кои би сакале да станат дел од Вашата еко-заедница. На кој начин би можеле да го направат тоа?
– Моментално сме во процес на изработка на веб-платформа „Yes for Less“ и сме во потрага по луѓе кои би сакале да се приклучат и да придонесат на каков било начин за дооформување на нашата еко-заедница.
Правиш нешто (не)обично за заштита на животната средина? Имаш совет за поодржлив начин на живот кој го применуваш во твоето секојдневие? Беше на некој интересен еко-настан и сакаш да ги споделиш твоите импресии со другите? Сѐ што мислиш дека би ги подучило и мотивирало другите да живеат на еден поеколошки и свесен начин со задоволство ќе го споделимe. Освен за пишување на текстови, отворени сме и за луѓе кои ги интересира лекторирање на текстови, графички дизајн, дигитален маркетинг итн.
Доколку имаш некакво познавање од овие области, имаш малку слободно време и сакаш да бидеш дел од ширењето на еколошката свест во Македонија, тогаш дефинитивно треба да ни се приклучиш!
Достапни сме на Инстаграм – @_yesforless, Фејсбук – „Yes for less“ или, пак, на електронска пошта – [email protected].
View this post on Instagram