Разговор со Павел Мише, познат како „Cactus Father“: Луѓето што чуваат кактуси се посебни битија
„Фактот дека градското зеленило се намалува, ми беше предизвик да креирам една мала урбана џунгла во домот, па дури и кога немам услови да сум во природа, да сум опкружен зеленило во домот“, вели Павел.
Кактусите им се омилени домашни растенија на многумина, а постојат повеќе причини за оваа љубов кон нив. Покрај тоа што имаат прекрасна декоративна функција во домот, тие се лесни за одржување и го апсорбираат зрачењето што произлегува од електронските уреди.
Препорачано
Павел Мише, кој е познат како „Cactus Father“(„Татко на кактуси“) на социјалните мрежи, фасцинира со својата пасија кон одгледувањето на кактусите. Тој има нешто повеќе од 50 растенија во својот дом, а за секое од нив се грижи со голема посветеност.
По професија, тој е аналитички биохемичар и работи во лабораторија за безбедност на храна, а во своето слободно време изработува и прекрасни саксии за кактуси.
Павел, Вашата приказна за љубовта кон кактусите е една од најсимпатичните на македонската инстаграм-заедница. Како започна сѐ?
– Мојата „опсесија“ со растенијата од фамилијата Cactaceae започна пред околу 10 години, кога за роденден на шега добив кактус од другарите, па читав како да го одржувам. Ме привлече фактот дека се многу самостојни и издржливи, а сепак и покрај нивната грубост во изгледот, знаат да ги родат, според мене, најубавите цветови. Оттогаш, секојпат кога ќе погледнам кактус или сукулент што е несекојдневен, знам дека местото му е меѓу останатите кои ги имам дома.
View this post on Instagram
Колку кактуси имате во моментов и какви видови можат да се видат на Вашите полици?
– Дружината од #КактусНаДенот брои околу 50 членови. Таксономски речиси и да не се занимавам со детална класификација, но како најчести примероци во мојата колекција ги издвојувам: Opuntia, Cereus, Mammillaria, Crassula, Astrophytum, Echinocactus, Rhipsalis.
View this post on Instagram
Вашата баба негувала љубов кон сите растенија и билки. Што научивте за одгледувањето растенија од неа?
– Имаше што да се научи и за луѓето и за растенијата. Секогаш ми велеше дека растенијата „чувствуваат, знаат“. Тоа за мене беше лекција дека сите битија чувствуваат внимание и на енергетско ниво.
Една од омилените: „За сѐ во животот за да вроди со плод и цвет, потребни се љубов и внимание“.
Велеше: „Испиј го утринското кафе со нив, подобро ќе те ‘ислушаат’ од повеќето луѓе“. Што и не е така далеку од вистината, денес кога сите брзаме и, за жал, немаме време за емпатија и разбирање за опкружувањето околу нас.
Имаше многу совети, кои од денешен аспект, знам дека не беа лекции само за растенијата.
View this post on Instagram
Кактусите Ви беа инспирација да почнете да правите саксии. Како изгледа процесот на правење т. н. совршена саксија?
– Идејата ми дојде од лична нужност. Пластичните и керамичките саксии ми беа здодевни, металните не се соодветни за секоја намена или декор, цементните и гипсените саксии се многу порозни и често токсични за коренот на растенијата. Така се роди и мојата идеја за да си ја направам „совршената“ саксија.
Бетонот како материја дојде сам по себе – еколошки, траен и флексибилен да се приспособи во различни големини и форми. Дополнително, неговата неутралност може да одговара во сечиј дом и со секоја палета на ентериер.
Што се однесува до времето потребно за изработка на една саксија или нивна серија, тоа е исто. Целиот процес трае во идеални временски услови околу 7-10 дена. Од правење на специјалниот матрикс на база на бетон, до сушење и вадење од калапите. Следен е процесот на брусење и поставување на водоотпорната изолација што е многу важно за заштита на самата саксија, но и на самото растение. На крај остануваат дизајнот и боењето, кои се по желба на клиентот. Процесот е долготраен, но крајниот резултат секогаш е вреден за целото посветено време и внимание.
View this post on Instagram
Научни истражувања сугерираат дека опкружувањето со зеленило може да ја зголеми продуктивноста, а да ја намали анксиозноста. Колку кактусите имаат позитивно влијание врз Вашето расположение?
– Многубројни научни истражувања покажале дека сукулентите и кактусите ги неутрализираат штетните зрачења и негативната енергија. Сансеверијата и други видови се познати како прочистувачи на воздухот.
Одгледувањето растенија како активност е проучувана од многу клинички психолози и е дојдено до многу интересен заклучок. Наводнувањето и грижата за растенијата може значително да ги намали анксиозноста, стресот и депресијата. Позната е како екотерапија и оваа неделна или дури и дневна практика има позитивни ефекти врз нашето ментално здравје. Пробајте зборувам од искуство, нема што да изгубите.
View this post on Instagram
Дали мислите дека луѓето што живеат во градот се отуѓени од природата?
– И да и не. За жал, сѐ повеќе сме опкружени со градби, отколку со зеленило, кое секојдневно се намалува. Некои од нас немаат услови или едноставно не сакаат да престојуваат во природа за да си ги наполнат батериите. Фактот дека градското зеленило се намалува, ми беше предизвик да креирам една мала урбана џунгла во домот, па дури и кога немам услови да сум во природа, да сум опкружен зеленило во домот.
View this post on Instagram
Кактусите се одлични домашни растенија за почетници. Кои се Вашите совети за правилно одгледување?
– Најпрво да имате желба да ги чувате и да не се плашите дека ќе направите нешто погрешно.
Што се однесува до условите, верувајте има знаци и сигнали со кои ќе ви покажат дека нешто не им одговара. Премногу светло, ќе променат боја, премалку вода (да, и тоа се случува) ќе се збрчкаат или ќе се наведнат, премалку светло придонесува за слаб раст и опаѓање на ливчињата кај сукулентите. Наше е да им обрнеме внимание и да ги „читаме“ знаците и да ја следиме интуицијата, а тие ќе го облагородат нашиот дом или градина со убава енергија.
И да додадам уште нешто – луѓето што чуваат кактуси се посебни битија. Кој познава такви луѓе, знае за што зборувам.
View this post on Instagram


