Разговор со Ивана Грозданова, основач на „Мадам Пипи“: Декоративната керамика е мој начин да споделувам љубов
„Зарем има нешто поубаво од тоа да го започнете денот со топол пијалак во чаша на која е нацртано нешто што ви е драго? Дефинитивно, најдраги ми се тие нарачки бидејќи знам дека имаат посебно значење за моите клиенти. Нивната среќа е мојата најголема мотивација да бидам што е можно подобра во цртањето“, вели Ивана.
Нема поголема среќа од тоа кога ќе добиеме подарок што некој го создал специјално за нас. Иако е во прашање мал гест, рачната изработка му дава голема вредност.
Препорачано
Ивана Грозданова е млада девојка од Скопје, која е дипломиран економист, но моментално работи во ИТ-компанија. Како што вели самата, таа отсекогаш ја сакала уметноста, но само како посетител на уметнички изложби или базари каде што се претставени убави рачни изработки.
За да се опушти во слободно време, неодамна почнала да црта на чаши. Позитивните реакции од околината ја мотивирале да почне да црта и за своите пријатели. И така, нејзиното креативно хоби прераснало во бренд што таа го нарекла „Мадам Пипи“, нејзиното креативно алтер-его.
„Мадам Пипи е креативецот во мене. Таа има желба да црта, да креира дизајни со многу љубов и да создава подароци што предизвикуваат насмевки кај другите. Се разбира, нејзиното куче Дасти ѝ е главен придружник во оваа креативна авантура“, вели Ивана.
Како се роди приказната за „Мадам Пипи“?
– Отсекогаш сум имала љубов спрема уметноста. Но, сѐ до „раѓањето“ на „Мадам Пипи“, јас секогаш бев во улога на страстен набљудувач на сите оние прекрасни уметнички дела и рачни изработки. Со оглед на тоа што сум дипломиран економист по професија, а моментално работам во ИТ-секторот, мислам дека ми требаше малку време да ѝ дадам предност на мојата креативна страна.
Сѐ почна со една чаша, за мене, онака мерачки. Во тој момент, јас сфатив дека цртањето ме опушта и дека ми претставува големо задоволство. Моите цртежи им се допаднаа на драгите луѓе околу мене, па почнав да добивам нарачки од нив. И така, малку по малку, слаткото хоби што ме исполнуваше по работното време почна да прераснува во симпатичен бренд на кој му се посветувам стопроцентно.
View this post on Instagram
Каде ја црпите инспирацијата за Вашите цртежи?
– Колку и да звучи клише, инспирацијата е насекаде околу нас. Кога цртав за себе, мене ме инспирираше речиси сѐ, но најмногу моето куче Дасти. Навистина сакав да имам нешто што ќе ме потсетува на моето шепасто пријателче, дури и кога не сум со него.
Секој од нас сака да има нешто свое, но и да добие нешто персонализирано. Зарем има нешто поубаво од тоа да го започнете денот со топол пијалак во чаша на која е нацртано нешто што ви е драго? Дефинитивно, најдраги ми се тие нарачки бидејќи знам дека имаат посебно значење за моите клиенти. Нивната среќа е мојата најголема мотивација да бидам што е можно подобра во цртањето.
View this post on Instagram
Која е најинтересната нарачка што сте ја добиле досега?
– Секоја нарачка што стигнала „на моја адреса“ ми била забавна и, пред сѐ, предизвик. Но, би сакала да го издвојам сетот што го направив за моја другарка која има козметички салон. Ѝ направив неколку персонализирани чаши на кои нацртав козметички производи, но и фрази од типот „Правењето нокти е мое кардио“, „Мојот живот не е совршен, но моите нокти се“, „Имам 99 проблеми, но мојата коса не е еден од нив“ итн. Навистина ми е драго што успеав, на некој начин, да ѝ го разубавам просторот во којшто работи.
View this post on Instagram
Живееме во време на слеп консумеризам, каде што сѐ е инстантно. Дали сметате дека луѓето треба повеќе да ги ценат нештата што се рачно изработени?
– Дефинитивно, ниту една машина не може да ја замени рачната изработка. Нема ништо поубаво од тоа кога ќе создадеме нешто совршено несовршено, но со многу љубов и внимание. Зборувајќи за себе, дури и кога правам чаша со туѓа замисла, јас секогаш се обидувам да ѝ дадам парче од мојата душа на секоја изработка.
А, да не зборуваме за одржливото живеење и за способноста да се поддржи, одржи или издржи. Некогаш навистина треба да се запрашаме дали нашите навики како консументи се добри за нас, но и за околината. Затоа, нареден пат кога ќе решите да фрлите некој предмет во домот, размислете за тоа дали можете да пресоздадете нешто ново од него. Можеби ќе го разбудите креативецот во вас, а ќе придонесете за еден поубав свет.
View this post on Instagram
Социјалните мрежи се покажаа како одлични платформи за креативците ширум светот. Колку тие Ви помогнаа да ги претставите своите изработки пред една поголема публика?
– Моето искуство со социјалните мрежи секогаш било позитивно. Се обидувам да следам содржина која ме инспирира, а и луѓе што споделуваат убави работи од своето секојдневние. Сѐ додека користењето на социјалните мрежи е умерено, тогаш можеме да добиеме само убави работи од нив.
Јас сум прилично нова во овој свет, но за кратко добив задоволителен број следбеници. Навистина се трудам да објавувам убави фотографии, за подобро да им ги претставам своите изработки пред оние што се заинтересирани за тоа што го работам. Се разбира, ништо претерано, бидејќи сакам да бидам што е можно пореална пред своите следбеници. Секоја критика е добредојдена, бидејќи многу може да се научи од повратните реакции на клиентите. Позитивни или не, за мене се многу важни.
View this post on Instagram
Кои се следните планови за „Мадам Пипи“?
– Иако имам многубројни идеи, моментално сум фокусирана на рачното цртање на чаши и саксии.
Следно што би сакала да го имплементирам во своето работење е цртање торби бидејќи веќе има голема заинтересираност за такво нешто. Исто така, имам идеја да почнам да изработувам чинии за накит.
Со оглед на тоа што пред нас се новогодишните и божиќните празници, исто така, планирам да изработам празнична серија чаши.
View this post on Instagram
ФОТО | Запознајте го ежот Благица, најслаткиот домашен миленик во Македонија


