ФОТО | Запознајте го ежот Благица, најслаткиот домашен миленик во Македонија

Ежот Благица / Фото: Приватна архива

„Ежовите се идеални миленици за луѓе што се зафатени преку ден, но би сакале да имаат домашен миленик без страв дека нема да му обрнуваат доволно внимание“, вели Наташа.

Одлуката да се чува домашен миленик е почеток на една убава приказна. Секој што се грижел за куче или мачка многу добро знае дека тие ни го разубавуваат животот. Но, дали некогаш сте размислувале за идејата да чувате еж во својот дом? Да, она малечко и симпатично животно со боцки на грбот што неретко ни било омилениот лик во басните што сме ги читале во детството.

Иако се работи за невообичаен домашен миленик, да се чува еж е едно забавно искуство. Барем тоа е искуството на Наташа Петровска од Битола, која е лекар по професија и живее во Скопје повеќе од една деценија.

Таа ја вдомила преслатката женка еж Благица од сортата афрички минијатурен еж пред нешто повеќе од шест години. Наташа вели дека ежовите од оваа сорта се одгледувани да бидат миленици и, освен боцките, немаат многу заедничко со ежовите што ги има во парковите и шумите.

– Ве молам, не се обидувајте да вдомите еж што ќе ви дојде во дворот или ќе го најдете некаде во природа. Сепак, тие се диви животни што може да пренесуваат болести, ниту пак, треба да им оставате храна. Нема потреба ниту да ги бркате и, ве молам, не ги повредувајте или убивајте – тие се многу важни во екосистемот. Едноставно, дозволете им да си живеат слободно како и сите други диви животни – вели Наташа.

Фото: Приватна архива

Наташа, како дојдовте до идејата да вдомите еж?

– За чување еж како миленик размислував со години пред да ја земам Благица, бидејќи многу сакам животни, но живеам во стан и реално немам доволно простор (а ни време – кога ја купив уште бев студент на медицина) за милениче како мачка или куче што бара повеќе грижа. Чекањето беше најмногу поради тоа што не се чести миленици во Македонија и тешко е да се дојде до легло. Кога конечно најдовме легло, воопшто не се двоумевме и ја резервиравме Благица веднаш штом дознавме за неа.

Постои непишано правило дека во речиси секое семејство има еден член што негодува на идејата да се вдоми домашен миленик, а потоа најмногу се грижи за него. Како реагираа вашите домашни кога им кажавте дека ќе вдомите еж?

– Тој чекор го прескокнавме со брат ми бидејќи не им кажавме воопшто и ја купивме Благица скришно од нив, ха ха ха. Сепак, криењето не траеше долго, родителите беа шокирани на почетокот, но брзо им помина, ја засакаа и помагаат во грижата околу неа.

Фото: Приватна архива

Кој ѝ беше кум и дали има некоја интересна приказна околу името Благица?

– Нема тука посебна приказна, доколку беше машко ќе беше Соник. Кога отидовме да ја купиме дознавме дека е женско и дека мајка ѝ се вика Слаѓана, па ми беше симпатично да се вика Благица.

Кучињата и мачките имаат различен сензибилитет и динамика на функционирање. Но, како е да се живее со Благица? Кое ѝ е омилено место во домот и дали сака да шета надвор?

– Најголем дел од времето нема никакви обврски околу Благица бидејќи спие, а и кога е будна не значи дека е секогаш расположена да се гали. Има свое живеалиште каде што секогаш има достапно храна и вода, хигиенски силиконски песок, некоја стара маица за спиење и во зимските месеци е вклучен и грејач бидејќи се исклучително нетолерантни на ниски температури.

Кога беше помлада многу повеќе сакаше да излегува и да шета, омилено „шеталиште“ ѝ е тесниот простор под каучите, а имало случаи и кога навечер сама скока од живеалиштето па наутро ја наоѓавме заспана во некој ќош. Сега е многу остарена (има 6 години и 9 месеци – просечен животен век им е 3 до 5 години) и движењето ѝ доста отежнато, па кога ја вадиме да прошета мора да е под надзор за да не се повреди.

Фото: Приватна архива

Дали имаше потреба од одредена дресура кога ја вдомивте или таа лесно се прилагоди на средината?

– Нема дресура кај овие животни, повеќе е заемно прилагодување на нивниот и човечкиот животен стил за да биде соживотот пријатен за сите. Интеракцијата со нив е многу важна, особено на почетокот додека да се навикнат на мирисот и гласот на новиот сопственик, но тоа треба да биде постепено и без форсирање. Клучно е ежето да стекне доверба во сопственикот и да дозволи да биде допирано затоа што со чест контакт најдобро ќе имате увид во здравствената состојба на миленикот и рано ќе откриете доколку се случува нешто несакано. Бидејќи имаат многу слаб вид, претежно се ориентираат по мирисот и со мустаќите во просторот како мачките, па затоа се трудам да не правам големи измени во просторот каде ѝ дозволувам слободно движење.

Ежовите се животни што ја обожаваат ноќта. Дали и Благица е најактивна во тој период?

– Да, денот најчесто го преспива или станува само за јадење и веднаш пак се крие да спие. Навечер журката почнува околу 22 часот – прво јаде и потоа е спремна да го претрча целиот стан.

Фото: Приватна архива

Со што се храни Благица и дали има омилени грицки?

– Во нашите продавници за домашни миленици нема голем избор на достапна готова храна за овие ежови, па најблиску до нутритивниот состав што им е потребен е храната за мали мачиња – поголема количина на протеини од месо и риба, а помалку масти бидејќи се склони кон дебелеење. Тука важно е да напоменам дека иако се слични по големина, исхраната им е сосема поразлична од морски прасиња, зајаци и други мали животни – ежовите не треба да јадат семки, житарици, сено, млеко и слични производи. Како и секое друго милениче сака и грицки, омилени ѝ се брашнарските црви кои ги крцка како да се смоки.

Кога станува збор за хигиената, дали ежот треба да се бања и колку често?

– Во принцип, ежовите се многу чисти и педантни животни, сакаат да живеат во чисти услови и лесно се учат да вршат нужда на едно посочено место. Воопшто не сакаат вода бидејќи кога боцките им се мокри не може да ги креваат и така остануваат без својот главен заштитен механизам, а и нема потреба од редовно бањање, освен ако ептен не се извалка. Најчесто, доволно е миење само на шепите ако се многу валкани. Исто така, потребно е и редовно кратење на ноктите за да може правилно да гази на шепите.

Фото: Приватна архива

Верувам дека многумина што ќе го прочитаат овој разговор ќе пројават желба да вдомат пресладок еж како Благица. Кои се вашите совети до оние кои допрва ќе станат сопственици на домашен еж?

– За почеток, многу читање и едукација бидејќи треба сериозно да размислите дали ежот се вклопува во вашата идеја за миленик. Не би ги препорачала за семејства со мали деца и за луѓе кои очекуваат дека ќе постојано ќе се галат или ќе ги држат во раце, ежовите се претежно самотници и иако се зближуваат со сопствениците тоа никогаш нема да биде на ниво како куче или мачка. Понатаму, ежот бара темница и тишина преку ден, треба да размислите дали во вашиот дом има таков простор каде ќе може мирно да спие дење, а кога е активно навечер да не ви смета и да не ве буди. Ежовите се идеални миленици за луѓе што се зафатени преку ден, но би сакале да имаат домашен миленик без страв дека нема да му обрнуваат доволно внимание

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот