Разговор со Христијан Малески: Со работа и труд успеавме да ја донесеме титулата во Струга

За првпат во својата историја Струга Трим Лум ја освои титулата во Првата македонска фудбалска лига и тоа на две кола пред крајот на сезоната.
Стружани кога беше најпотребно го победија Силекс по што седумте бода беа недостижна предност во генералниот пласман за ривалите.
Играчите предводени од тренерот Шпетим Дуро ги очекуваат и европски натпревари, стартувајќи од првото квалификациско коло во Лигата на шампионите. А како што најавија од клубот подготовките за новата натпреварувачка сезона ќе стартуваат на 5 јуни.
Еден од играчите кој исто така придонесе во одличната сезона на струшкиот клуб беше и У21 репрезентативецот Христијан Малески кој гледано статистички во првенството запиша 23 настапи и постигна седум гола.

После една тешка и напорна сезона, Струга Трим Лум ја оствари целта, шампион на Македонија. Што значи за вас овој момент и секако за градот Струга и навивачите на клубот?
– После сезоната за која и самите напоменавте дека беше тешка и напорна, со многу вложена работа и труд како екипа успеавме да ја освоиме и донесеме титулата „шампион на Македонија“ во Струга. Ова е еден незаборавен и исполнувачки момент кој нè направи особено горди на сите што сме дел од оваа екипа, а несомнено и на навивачите.
Што ја красеше екипата во текот на првенството, колку сте вие задоволен од игрите, индивидуално и гледано колективно?
– Во текот на првенството екипата ја красеше неуморната борба, посветеност и тимската атмосфера. Можам да кажам дека сум задоволен од себе, а исто така и од целата екипа.
Тимот ќе игра и европски натпревари ова лето, како гледате на тој предизвик што Струга Трим Лум ќе ја претставува Македонија на меѓународната сцена?
– И покрај тоа што европските натпревари се голем предизвик, верувам во нас и се надевам на позитивни резултати од претстојните натпревари.
Член сте на У21 репрезентацијата, добивте повик за контролните мечеви со Ерменија и Малта. Што претставува за вас репрезентативниот дрес?
– Секогаш сум среќен и благодарен, бидејќи носењето на репрезентативниот дрес на Македонија претставува огромна чест.