Разговор со Елена Христова за нејзиниот прв комплетно авторски албум: Откако се роди „Јоруклук“ се чувствувам возбудено и ранливо
Вокалната солистка Елена Христова, која е позната како фронтмен на групата „Баклава“, деновиве го промовираше својот прв комплетно авторски албум наречен „Јоруклук“.
Препорачано
Официјалната слушачка промоција на албумот „Јоруклук“ на Елена Христова се случи во Бифе „Тафталиџе“, додека премиерната проекција на првиот видеозапис за првата песна од албумот се одржа во „Ла Кања“. Со огромна радост и видливи возбуда и страст, Елена Баклава го промовира своето авторско првенче „Јоруклук“.
Изминативе денови имаше неколку промотивни активности поврзани со својот прв комплетно авторски албум наречен „Јоруклук“. Од кога ја носиш идејата и замислата за албумот?
– Пред повеќе од петнаесет години, живеев еден динамичен музички живот преполнет со прекрасни, разновидни музички активности. Живеев како настапувачки војник, постојано на пат (авион, хотел, сцена). Во тој период со мојата група „Баклава“ го издадовме и концертиравме третиот албум насловен „Ме манкас мучо“ и бевме дел од филмот „Трето полувреме“ со саундтракот за филмот; со Горан Трајкоски го издадовме и промовиравме нашето прво музичко чедо „Биоскопија“; настапував како вокал на турнеите на Кирил Џајковски, соработував со разни музички имиња, но пред сѐ, бев вокал на турската група „Баба Зула“, со која имавме постојано настапи по ворлд мјузик, филмски и џез-фестивали, како и клупски свирки по целиот свет.
Сето ова како да не ми беше доволно. Мојот немирен дух постојано трагаше по нови предизвици. Така се зафатив со антрополошки истражувања на изолирани заедници што својата култура и традиција ја сочувале во автентична форма. И ден-денес тоа за мене е едно од најголемите богатства што ги стекнав во животот.
Особено ме возбудуваат миграциските приказни, односно како една заедница опстојува во еден сосема поинаков контекст, на друга територија, друго поднебје. Во еден таков синхроницитет, Јоруците (јуруците) постојано ми беа пред очи. Пред сѐ визуелно се возбудив, од нивниот изглед, од облеките кои ги кројат и носат жените, налик на надреалистични слики што врескаат.

Какви истражувања претходеа на создавањето на материјалите за албумот?
– Најпрвин ги проучував Јоруците од Источна Македонија, користејќи секаква литература и секаков медиум за нив. Читав, гледав и восприемав сѐ што ќе ми дојдеше под рака. Особено ме инспирираше поезијата на писателот и мој пријател, покојниот Илхами Емин и сѐ што тој ми раскажуваше за нив.
Ме фасцинираше нивната мудрост, нивната животна филозофија, пред сѐ нивната естетика. Се вљубив во нивните приказни, турскиот јазик што го зборуваа, јоручкиот дијалект. Потоа, почнав да талкам, како вистински номад, налик на нив. Патував, им одев на гости, ги запознавав, се дружев, пеев со нив. Тука започнаа вистинските истражувања, се нурнував сѐ подлабоко и подлабоко и… пронајдов богатство.
Колку твоето познавање на турскиот јазик ти го олесни контактот со јуручката заедница и како тие ги прифатија твоите идеи?
– Ме интересираше сѐ во врска со нив. Песни, приказни, начин на живот, обичаи, облеки, храна, јазик итн. Бидејќи го зборувам турскиот јазик, можев навистина силно да се поврзам со нив. Ја почувствував нивната топлина, добрина, гостопримливост, нивниот копнеж, нивната болка, судбина, мудрост, експресија. Станав едно со нивните насмеани, озарени лица. Се вљубив во нивниот чист, турски јазик, кој ми ги скокоткаше ушните тапанчиња.

Со кои музички соработници го сними албумот и чии се сликите, фотографиите и дизајнот на обвивката?
– Многубројните истражувања беа само една капка во морето на создавањето на албумот „Јоруклук“, едно жарче што потоа требаше да заискри и да стане пламен. Се нурнав во еден навистина сложен процес на креирање, налик на создавање на човечки живот. И по 15-ина години се роди „Јоруклук“.
Во создавањето на музиката не се плашев да експериментирам со разновидни непостоечки сложени ритми. Ме возбудува математиката и архитектурата во музиката. Исто така, звукот што го компонирав и продуцирав беше разновиден, инспириран од моите разновидни музички стилски афинитети. Работата во студио беше како метаморфоза. Си дозволував да импровизирам од секој аспект, особено да ѝ се препуштам на сопствената интуиција, наместо да се држам до некои ригидни планови и одлуки.
Многу сум среќна што Дени Крстев ме препозна и ме разбра и мајсторски виртуозно го сними и го дизајнира финалниот звук, а и отсвири преубави гитарски, бас-гитарски и синтисајзер делови. Покрај него во музиката се провлекуваат четворица мајстори музичари: Трајче Ристов на перкусии, Влатко Терзиски на кларинет и саксофон, Тимко Чичаковски на канон и Сашо Митев на кавал, гајда и тамбура.
Исто така, за мене е многу битен и визуелниот елемент на албумот, кој има дигитално, компакт-диск и винилно издание. Сликата на омотот е фрагмент од прекрасна слика на уметницата Дивна Пешиќ, која ја наслика по еден неколкуминутен разговор во кој јас само ѝ објаснив што подготвувам и што ми е потребно. Бев воодушевена и сѐ повеќе и повеќе се вљубувам во ова дело.
Фотографиите што ја доловуваат духовната убавина и длабочина на Јоруците се на фотографот Горан Анастасовски. Многу сум среќна и благодарна што сите овие прекрасни луѓе ми се придружија на ова патешествие.

Какви се плановите за концертна промоција на „Јоруклук“?
– Откако се роди „Јоруклук“ се чувствувам возбудено и ранливо. Споделувам нешто што толку години било интимно, во мене. Сега е јавно. Многу ми е битно да допре до слушателите, секој да си се пронајде на свој начин, да го засака, да му предизвикува убаво чувство и да го инспирира. Секако, подготвувам и концертна промоција најпрвин низ Македонија, а потоа, здравје Боже, низ целиот свет.
Јавноста те познава како Елена од „Баклава“. Дали има некаква промена во однос на работата со групата?
– Елена Баклава и „Баклава“ се две страни на паричката, лев и десен џеб. Нема апсолутно никаква промена. Создавам на ист начин како што сум создавала и досега, со сето она што ќе успеам да го чујам од Божјиот шепот. Со „Баклава“ оваа година прославуваме 20 години од нашето постоење, имаме разновидни концертни чествувања. Така, сега имам по една лубеница под двете мишки.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 289, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13.7.2025)


