Иако работам и сум прилично ангажирана, сепак, имам чувство како да ми се има направено некаква неправда и тоа неколку пати, во однос на вработувањето / Фотографија: Жарко Чулиќ

Разговор со актерката Наталија Теодосиева: Си дозволувам да се разлеам во различностите

Актерката Наталија Теодосиева го оствари впечатливиот и темпераментен лик на Родна во филмот „Врба“ на Милчо Манчевски, но впечатливи ликови креира и во претставите во кои игра на театарската сцена.

Театарската и филмска актерка Наталија Теодосиева некако еднакво се појавува и на театарската сцена и на филмското платно. Учествувала и во долгометражни и во краткометражни филмови, настапувала и на независната театарска сцена и во театарски установи, како Македонски народен театар и Драмски театар.

Нејзиниот актерски талент, посветеност и професионалност, конечно, беа забележани и наградени на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Секоја награда има значење. Какво значење за тебе има наградата за Главна женска улога, која ја доби на 55. МТФ „Војдан Чернодрински“ за неколкуте ликови што ги играш во претставата „Мојот маж“ во Драмски театар?

– Ова е моја прва театарска награда и се разбира дека има значење. Би било лажно од моја страна ако кажам дека ова е само една награда која претставува едно признание, и тоа е тоа. Јас ѝ се израдував искрено, значењето која таа ми го носи е токму тоа – награда! Награда за работата на себе, за неуморноста со која го сакам театарот, за посветеноста на секој нов почеток на креирање театар. Па, така, би рекла дека оваа награда го означува моето созревање како актерка.

Со неколкуте ликови во претставата „Мојот маж“, Наталија Теодосиева ја доби наградата на 55. МТФ „Војдан Чернодрински“ / Фотографија: Кире Галевски

Прашањето за значењето на наградата, можеби, би било клише ако стануваше збор за актерка кшто има решен актерски статус. Потпрашањето би било што таа значи за невработена актерка?

– Од моја перспектива не би било клише, има и многу вработени актери кои, за жал, немале можност да бидат наградени за нивниот труд и талент, а заслужуваат. Верувам дека примањето ваква награда поттикнува и мотивира дополнително. Но, ако ја земеме предвид позицијата од која јас дејствувам – да, многу веројатно дека таа има поголемо значење, а тоа е така зашто, иако работам и сум прилично ангажирана, сепак, имам чувство како да ми се има направено некаква неправда и тоа неколкупати, во однос на вработувањето, нели. И во овој случај наградава е и повеќе од добредојдена, се надевам дека со неа заедно ќе започне и една нова ера за мене како актерка. И кога сме тука, кај значењето на наградите, се прашувам дали некому, исто така, му има некаква важност оваа плакета, дали има значење кај одговорните и кај оние што одлучуваат за решавање на мојот статус. Повеќе од очигледно е дека јас моето место го заслужив во редовите на кој било ансамбл во Скопје, но дали требаше да се случи наградата за некој конечно да се осмели или да собере храброст да го стисне зеленото копче? Па, веројатно ќе оставиме на времето да покаже какво значење има една награда за невработена актерка.

Сепак, во последниве неколку години не ти недостигаат ангажмани, ниту на театарската сцена ниту на филмското платно. Дали таквиот статус ти дава поголема слобода во изборот на тоа што го работиш?

– Па, да, тоа може да е една од предностите во овој случај. Кога ќе подразмислам, сфаќам дека досега имам сработено и изиграно повеќе квалитетни и успешни претстави и проекти во кои сум била среќна, помалку ми се чини се оние во кои не сум се пронашла и само сум сакала да им го видам крајот. Не знам дали тоа се должи на мојата селективност или на случајноста. Како и да е, слободата е многу поголема кога не зависиш од институција, тогаш имаш можност да истражуваш повеќе и да работиш во различни ансамбли. Сепак, предизвиците се многу поголеми и на креативно, но и на финансиско поле.

Мислам дека првпат на театарската сцена те гледав како девојче во претставата „Сината птица“, по текст на Морис Метерлинк во режија на Златко Славенски, во МНТ во 2014 година. Како оттогаш до денес ја чувствуваш сопствената актерска трансформација низ многубројните ликови и претстави?

– „Сината птица“ е претставата со која го направив првиот чекор по дипломирањето, и тоа му го должам на Златко, оттогаш почнав активно да работам. Се случија трите соработки со режисерот Слободан Унковски, потоа претставите на Нела Витошевиќ, интернационални перформанси и проекти итн. Во почетоците, се сеќавам, се соочував со личните несигурности, па така повеќе се занимавав со себе и работев на тоа да ги надминам тие пречки, за кои чувствував дека ме ограничуваат. Со текот на искуството ги победував, па така почнав да ризикувам, престанав да се плашам од неуспех и од бламирање, сѐ повеќе почнав да се впуштам во она за кое сум мислела дека не можам да го направам. Сега сум доста самоуверена во мојот пристап и сакам да пробувам што е можно повеќе форми и стилови, си дозволувам да се разлеам во различностите. Не знам до кога ќе ми трае оваа фаза, но сигурна сум дека таа ме гради како актерка и ми го дозволува токму тоа – трансформации, гледани од повеќе аспекти.

Актерката Наталија Теодосиева на прес-конференција за филмот „Врба“ на Милчо Манчевски во Рим во 2019 година

Паралелно со театарот те има и на филмското платно, и во кратки и во долгометражни филмови. Во „Врба“ на Милчо Манчевски беше една од трите грации, односно една од главните женски улоги. Со светската премиера на филмот бевте дури во Рим. Се сеќаваш ли какво чувство како актерка имаше таму?

– Со „Врба“ научив многу, а и имав можност да погледнам низ некои нови призми. Рим беше едно интересно доживување, публиката беше многу заинтересирана за филмот, а и за нас. Во таквите големи места, каде што филмот зазема голем простор, љубителите на кинематографијата имаат особена почит кон филмските уметници. И не го кажувам ова за јас да се почувствувам поважна или вие да ме гледате така, туку едноставно се работи за почит и вреднување, кое и не мора да се сфати лично. Просто, публиката ја цени таа уметност и ја поддржува и слави. Тогаш ми е повеќе од драго и уште повеќе си ја засакувам професијата.

Потоа ја доби главната улога во филмот „Мими“ на Даријан Пејовски, претставата „Мојот маж“ е вратена на репертоарот во Драмски театар, а играш и во претставата „Грдиот“ во режија на Ирена Стеријовска во Театар Комедија. Каква иднина гледаш пред себе?

– Некако вака, слична на ова што го наброја, шарена и исполнета и стабилна. Се надевам дека „Мими“ ќе блесне во свое време, а по неа ќе си дојдат нови филмски предизвици.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 103, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот