Ракометарите разочараа, поразени од Црна Гора

Втор пораз на Македонија на ЕП/ фото: EPA-EFE/Zsolt Czegledi

Ракометната репрезентација на Македонија го доживеа и вториот пораз на ЕП, откако загуби од Црна Гора со 24:28. За разлика од првиот натпревар против Словенија, овој пат избраниците на Кирил Лазаров одиграа далеку полошо, повторно се грешеше во нападот, не се реализираа шансите кога се кршеше резултатот, а и неиграњето на Стојанче Стоилов поради позитивен тест на ковид-19, беа премногу за да се совлада Црна Гора која ја оствари само втората победа на Европските првенства.

Ракометарите лошо го започнаа натпреварот, во првите три напади направија две технички грешки кои ги искористијат Црногорците за да поведат со 0:4. Избраниците на Лазаров првиот гол го постигнаа во петтата минута преку Мартин Серафимов, но проблем претставуваше тоа што противникот не грешеше и ги реализира првите пет напади за водство од 1:5.

На средина од првото полувреме, Македонија имаше негатива од пет гола (4:9), но со влегувањето на искусниот Филип Миркуловски во игра, негативата почна да се намалува. Во 22 минута, со постигнати два брзи гола со играч помалку, „црвеноо-жолтите“ дојдоа на еден гол негатива (11:12). Црногорците одговорија со два гола и за 11:14 по што следеше период во кој се играше гол за гол, се до влегувањето на Никола Митревски.

Голманот на Порто во последните моменти од првиот дел со две одбрани им овозможи на ракометарите да дојдат до 16:17, а во последната секунда од првото полувреме Георгиевски не успеа да погоди за израмнување. Во првиот дел, одлично одиграа Мартин Велковски кој даде четири гола, а Мартин Серафимов и Цветан Кузмановски со по три гола.

Второто полувреме започна со неуспешен обид на Кузмановски од крилната позиција, но Митревски ја забележа третата интервенција. Во следниот напад, Кузмановски беше прецизен од линијата за седум метри и во 33 минута донесе израмнување на 17:17.

Митревски влезе во ритам и го одбрани ударот на Вујовиќ, но во следната акција „црвено-жолтите“ пропуштија шанса за прв пат да поведат. Вујовиќ во 34. минута повторно и носи водство на Црна Гора, а „црвено-жолтите“ имаа пост од шест минути без постигнат гол кој не го искористи противникот. Талевски во 38. минута намали на 18:19, но Црногорците со мини серија поведоа со 18:21.

На средина од вториот дел, „црвено-жолтите“ четири минути не ја искористија предноста од играч повеќе во за да ја анулираат негативата, и тоа поради голманот на Црногорците, Симиќ кој имаше неколку одбрани. Следуваше казна преку Анѓелиќ кој погоди за 20:23, потоа и Шеваљевиќ ја врати предноста од три гола (21:24).

Слабата игра во нападот донесе нов пораз, овој пат од Црна Гора/ фото: EPA-EFE/Zsolt Czegledi

Лазаров одлучи да повика тајм-аут за да ги смири ракометарите, но тој потег не вроди со плод бидејќи се разбрани Симиќ кој дотогаш имаше седум интервенции и во последните десет минути Македонија влезе со негатива од три гола (21:24). Во моменти на безидејност во нападот, благодарение на Митревски кој се разбрани во вториот дел, немаше промена на резултатот. Кузмановски го прекина шестминутниот пост без гол за 22:24, но експресно возврати Шеваљевиќ.

Ласица во 55 минута и носи на Црна Гора водство од 22:26, Пешевски во следниот напад намали 23:26, но во нападот не беа искористени неколку шанси. Казната дојде преку Грбовиќ кој во 58. минута погоди за 23:27 и ја завери победата на Црна Гора. На крајот Црногорците славеа со 24:28.

Велковски постигна шест гола, Цветан Кузмановски даде пет, а Никола Митревски имаше девет одбрани, но тоа се покажа недоволно за победа. Во редовите на Црна Гора, Анѓелиќ и Вујовиќ дадоа по шест гола, а Шеваљевиќ пет, додека на голот блескаше Симиќ со 12 одбрани.
Задутре Македонија во последниот натпревар од групната фаза ќе игра против селекцијата на Данска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот