Ракометната репрезентација на Македонија ја оствари и втората победа во пријателскиот двомеч со Чиле, овој пат со 28:24.
Селекторот Данило Брестовац одлучи на натпреварите со Чиле шанса да одмори дел од најискусните репрезентативци со исклучок на стандарниот голман Никола Митревски и шанса да им даде на помладите кои дојдоа до рутинска победа.
Натпреварот беше речиси идентичен на тој од пред пет дена (25:21), чилеанците беа во резултатски егал со 15.тата минута по што избраниците на селекторот Брестовац направија серија од 3:0 и поведоа со 11:8 и рутински го добија првото полувреме со 16:12.
Во второто полувреме, селекцијата на Чиле повторно одлично започна, направи корекции во играта (седум на шест) и дојде до негатива од еден поен 19:18. Одговорот дојде до Поповски и Мишевски кои постигнаа три гола и Македонија дојде до предност од пет гола 26:21, која рутински ја задржа до крајот.
Филип Кузмановски беше најефикасен со четири гола, а по три постигнаа Талески, Пешевски и Поповски.
Денешниот натпревар против Чиле беше последна проверка за ракометарите кои се во исчекување на затворање на списокот на земји учесници на СП во Египет кое започнува веќе в среда. Македонија го има статусот на прва резерва во случај некоја репрезентација поради голем број на ракометари заразени од коронавирус, не може да настапи.