Фото: rkprolet.mk

Ракометарите на Тинекс Пролет освоија цел плен во Струга

Ракометарите на Тинекс Пролет стигнаа до нова победа во рамките од плејаут фазата, откако вечерва на гостински терен ја совладаа Струга со 29:27. Во меч со многу пресврти Тинекс Пролет успеа да се одлепи резултатски во второто полувреме, на крајот да ја сочува предноста и заслужено да се радува на победата.

Стоилевски го постигна првиот гол на натпреварот, но стружани го свртеа резултатот во своја полза и набрзина поведоа со 4:2. Следеа голови на Дрпљанин (два) и на Стоилевски за минимално водство на Тинекс Пролет од 5:4, по што 10 минути поминаа во израмнета игра на двете страни.

Тинекс Пролет во 20 минута водеше со 9:8, по што следеа четири гола во серија на Струга за 12:9. Избраниците на Мајнов имаа одговор и со мини-серија од 3:0 стигнаа до израмнување, а на одмор се замина со минимални 15:14 за Струга.

Вториот дел почна со три брзи гола за Тинекс Пролет (два на Стоилевски, еден на Стојановски). Се играше во мини-серии на двете страни, најпрвин Струга поведе со 18:17, па Тинекс Пролет со 20:18. Погодоците на Глигоров и на Стојановски донесоа предност од најубедливи „плус четири“ (22:18), но стружани не се откажаа и на осум минути до крајот намалија на само еден гол разлика (25:24).

Тинекс Пролет имаше одговор кога беше најважно, реализираше три напади во низа, голманите одбранија неколку важни удари, за на крајот Андреј Стојановски да стави печат на победата, изразена со конечните 29:27.

Во победничката екипа доминираше Дрпљанин со девет голови, голманите Солев и Велиќиески заедно собраа 17 одбрани, а на спротивната страна Костоски запиша 10 голови, а голманот Тутенкоски 11 одбрани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот