Радев и Мицотакис се сретнаа во Софија – за што разговараа двајцата лидери?
Премиерот Кирјакос Мицотакис се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, каде што двајцата лидери ја истакнаа важноста од продлабочување на соработката меѓу Грција и Бугарија во инфраструктурата, енергетиката, управувањето со водите и во европската одбрана, објави „Прототема“.
Препорачано
Во заедничките изјави тие ја нагласија стратешката улога на регионот во променливиот геополитички и економски пејзаж на Европа, со посебен акцент на зајакнувањето на поврзаноста и на заедничкото справување со безбедносните предизвици.
Мицотакис ја истакна важноста на инфраструктурниот коридор север-југ, кој би ги поврзал Грција и Бугарија, со можност да се прошири и кон Романија.
— Ја нагласивме важноста на вертикален инфраструктурен коридор што ќе ги поврзува Грција, Бугарија и потенцијално ќе се прошири кон Романија — изјави премиерот, потенцирајќи го и значењето на енергетските интерконекции и развојот на коридор за транспорт на природен гас од север кон југ.
Тој посочи дека Грција веќе ја покажала својата посветеност на ваквите проекти со завршувањето на интерконекторот Грција-Бугарија, ИГБ, во рекордно време.
Прекугранично управување со водите
Посебно внимание било посветено и на управувањето со заедничките водни ресурси. Мицотакис ја нагласи потребата од долгорочен договор за реките како Еврос и Нестос, што би им овозможило на двете земји да планираат клучни инвестиции поврзани со земјоделството и со климатската отпорност.
— Време е да гледаме долгорочно за да можеме да ги планираме важните инвестиции што се потребни не само за земјоделството, туку и за заштита од климатската криза — рече тој.
Нови инструменти за финансирање на европската одбрана
Осврнувајќи се на разговорите за идниот европски буџет, Мицотакис ја повтори поддршката на Грција за поамбициозен пристап кон финансирањето на европската одбрана. Тој оцени дека одбраната треба да се смета за европско јавно добро и дека може да се финансира преку нов инструмент за задолжување на ЕУ.
— Грција инсистира на поамбициозен буџетски пристап за одбраната. Европската одбрана е колективно јавно добро и може да се финансира преку нов европски инструмент за задолжување — рече тој.
Премиерот нагласи дека таквите средства треба правично да се распределуваат меѓу земјите членки и да ги покриваат одбранбените потреби на целиот континент.
Тој посочи и дека безбедносните предизвици со кои се соочува Европската Унија не се ограничени само на нејзиното источно крило.
– Нашиот регион се соочува со предизвици од 360 степени. Европската одбранбена политика мора да ги земе предвид грижите на земји како Грција и Бугарија, кои се наоѓаат на надворешните граници на ЕУ – рече тој, додавајќи дека Атина ќе продолжи да ги поддржува напорите за зајакнување на заедничките европски одбранбени капацитети.
„Заедничка одбрана на националните интереси“
Од своја страна, Румен Радев нагласи дека Атина и Софија ги поддржуваат напорите на ЕУ за зајакнување на европската стратешка автономија. Тој рече дека двете земји се договориле заеднички да ги бранат своите интереси во преговорите за новиот Фонд за конкурентност, со цел да се обезбеди рамномерна распределба на средствата меѓу земјите членки.
— Ги поддржуваме напорите на Европа да ја зајакне својата стратешка автономија. Се договоривме да ги браниме интересите на нашите држави, за секоја земја да има можност да ја развива својата конкурентност и да ја проширува својата индустриска база — рече Радев.
Бугарскиот претседател рече и дека постојат значајни можности за соработка во дигиталната инфраструктура и центрите за податоци.
— Бугарија и Грција имаат голем потенцијал за развој на центри за податоци и информации. Во неизвесен свет и во време на растечки тензии, нашите две земји ја делат одговорноста за безбедноста на нашиот регион во критичен период за Европа — истакна тој.
На крајот, Радев јавно ѝ се заблагодари на грчката влада за придонесот во зајакнувањето на способностите на Бугарија за воздушна одбрана.
— Би сакал да му се заблагодарам на премиерот на Грција за зајакнувањето на воздушната одбрана на Бугарија во критичен момент за регионот — рече тој, осврнувајќи се на растечките безбедносни предизвици со кои се соочува Југоисточна Европа.
Бугарите се втори по Грција по најдолгата работна недела во ЕУ


