Работата на судиите и обвинителите низ сито и решето од јануари

Фото: МИА

Сега се постигнати сите услови за проветрувањето во правосудството, вели министерот Маричиќ

Веќе е познато кои судски случаи ќе бидат предмет на „чешлање“ во долгонајавуваниот процес на филтрација во правосудството, согласно новиот Интерен план за оценување на судиите, кој го усвои Судскиот совет. Овој план, за кој се очекува наскоро деталите да ги презентира првиот човек на Советот, Киро Здравев, ќе започне да се спроведува веќе од почетокот на јануари и најнапред предвидува формирање на т.н. тричлени комисии, кои покрај работата на судиите, ќе ја оценуваат и работата на претседателите на судовите.

Од она што е досега познато овие комисии, составени од членови на Судскиот совет, ќе започнат да ги преразгледуваат сите оние судски предмети за кои има претставки од граѓаните, застареле или се пред застарување, предмети кои предизвикуваат сомнежи околу законитоста во постапката, а во интерниот план како посебна точка се најдоа и сите случаи на организиран криминал што се воделе во Кривичниот суд во Скопје. По извршениот увид во предметот, тричлената комисија ќе има можност да поднесе барање за утврдување одговорност на судија. Ова барање ќе следува доколку Комисијата увидела нецелосна анализа на доказите од страна на судијата, недоволно аргументирана пресуда, одбивање на докази предложени од странките, а меѓу другото, акцент ќе се стави и на сите спорни одлуки за притвор, заплена на имот или пак замрзнување на финансии.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, откри дека Советот за реформи во правосудството веќе дал зелено светло за ваквиот начин на проверка и оценување на Судскиот совет, додавајќи дека конечно се создадени сите услови за проветрување во правосудството.

-После цела една година се состана ова тело и се донесоа важни одлуки. Пред сè, се усвоија интерните планови на Судскиот совет за проверката на работата на судовите, претседателите на судовите и судиите, а исто и методологијата за оценување на судиите и претседателите на судовите. Тоа е главна алатка за најавеното филтрирање и проверка на работата на судиите и судовите, изјави Маричиќ, кој воедно сподели дека е изготвен и усвоен и Правилникот за оценување на јавните обвинители што произлегува од процесот на филтрација.

Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, потврди дека институцијата што ја предводи од први јануари ќе започне да оценува по новиот Правилник, со кој, според него, значително ќе се зајакне одговорноста на неговите колеги.

-Досегашните критериуми на оценување на јавните обвинители не беа соодветни. Сега со новиот Закон за ОЈО има петнаесет членови посветени на оваа проблематика, кои со новиот Правилник се разработуваат во делот на професионалноста и ефикасноста. Оценувањето продолжува да го врши повисок јавен обвинител и тоа половина од предметите за разгледување ќе ги предложи самиот обвинител, а другата половина ќе бидат на предлог на неговиот претпоставен. Секако, доколку обвинителот не е согласен со одлуката од оценувањето ќе има можност да се жали до Советот на јавни обвинители, вели Јовески.

Шефот на ОЈО, истакна дека оваа година биле водени дисциплински постапки против пет јавни обвинители кои сториле повреди во текот на работењето, при што кај еден обвинител од ОЈО Скопје било утврдено нестручно работење, па тој поднел оставка, која единствено ја констатирал Советот на јавни обвинители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот