Пуштен во употреба булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ (ФОТО+ВИДЕО)

Новиот булевар е широк 40 метри, со шест коловозни ленти од по три и пол метри. Од двете страни има велосипедски патеки широки два и пол метри, пешачки патеки од двете страни со променлива површина, простор за средишно зеленило и зелен појас од двете страни на булеварот.

Пуштен е во употреба булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош”. За изградба на оваа делница, во должина од два километри што се протега од крстосницата на булеварот „Босна и Херцеговина” до скопската обиколница, Град Скопје потроши 285 милиони денари или околу 4,6 милиони евра со вклучен ддв.

– Град Скопје од денеска е побогат за уште една важна сообраќајница, булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош”. Северниот дел од градот првпат целосно е поврзан со булеварско решение од обиколница до центарот на градот. Со пуштањето во употреба на овој булевар, од центар до северниот дел на градот, до скопската обиклоница ќе се стасува за 15-тина минути, а со велосипед за половина час со што најмалку двојно се скратува времето потребно за поминувње на оваа релација, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Новиот булевар е широк 40 метри, со шест коловозни ленти од по три и пол метри. Од двете страни има велосипедски патеки широки два и пол метри, пешачки патеки од двете страни со променлива површина, простор за средишно зеленило и зелен појас од двете страни на булеварот. Поставена е нова водоводна, атмосферска и фекална канализација и ново улично осветлување од 140 столбови.

– Градиме по план, потенцира Шилегов, кој очекува наскоро по овој булевар да поминуваат некои автобуски линии и додаде оти ќе се растовари метежот во сообраќајот. Изградбата на овој булевар, како што рече, ќе овозможи побрз излез на обиколница за повеќе од 100 илјади жители кои живеат во северниот дел во Скопје, Чаир, Скопје-Север, Топана, Железара, Бутел.

Тој потсети дека досега единствена сообраќајна опција за поврзување на центарот на Скопје со неколку десетици илјади жители на Бутел, Радишани, Љубанци, Љуботен, Чучер-Сандево и други населени места беше улицата „Бутелска”, на која, како што рече, се создаваше голем сообраќаен метеж. Потенцира дека за овие граѓани булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош” е нова сообраќајна алтернатива.

– Со изградба на булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош” завршивме едно од најдолгите поврзувања на релација север-југ, која почнува на улица „Бихаќка” во Црниче и продолжува речиси праволински по булеварите „Кочо Рацин”, „Крсте Мисироков”, „Цветан Димов”, па преку „Христијан Тодоровски – Карпош” до скопската обиколница, рече Шилегов.  Додаде дека во минатото повеќе се работело на поврзување на реалација исток-запад, а помалку на север-југ и најави дека тоа ќе се промени. Апелираше учесниците во сообраќаајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и повеќе да се користи велосипед, пешачење и јавен превоз.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шилегов рече дека за десетина дена треба да почне целосна реконструкцијата на улицата „Бутелска”.

Видео на денот