ВИДЕО | Првпат прикажани Том и Џери: На денешен ден во 1940 година започна приказната што го одбележа детството на генерации
Далечната 1940 година на денешен ден 10 февруари, светот за првпат ги запозна култните ликови – мачката и глувчето кои подоцна ќе станат познати како Том и Џери. Тие дебитираа во анимираниот краткометражен филм „Puss Gets the Boot“, кој претставуваше пресвртница и почеток на една од најпознатите и најдолговечни анимирани франшизи во историјата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во овој цртан филм, мачката Џаспер (првичното име на Том) и глувчето Џинкс (првичното име на Џери) влегуваат во класична игра на надмудрување. Приказната го следи Џаспер, кој се обидува да го фати глувчето, но притоа несвесно крши вредна вазна. Неговата строга сопственичка, Мами ту шуз (Mammy Two Shoes), го предупредува дека ќе биде исфрлен од куќата доколку уништи уште еден предмет.
Лукавиот Џинкс умешно ја користи оваа закана во своја корист, предизвикувајќи хаос и туркајќи го мачорот да направи токму она што не смее – уште еден лом. На крајот, Мами ту шуз го исполнува своето предупредување и буквално го исфрла мачорот низ вратата.
Цртаниот филм е режиран од Вилијам Хана и Џозеф Барбера, додека продукцијата ја водел Фред Куимби. Анимацијата е создадена во рамките на студиото МГМ (MGM), а ликовите уште со првото појавување покажаа извонредна хемија што веднаш ја освои публиката.
Иако на почетокот носеле други имиња, ликовите набргу биле преименувани во Том и Џери – имиња кои денес се синоним за класична анимација. „Puss Gets the Boot“ постигна голем успех и дури беше номиниран за Оскар за најдобар анимиран краткометражен филм. Иако не ја освои наградата, MGM брзо го препозна потенцијалот на овие ликови, што резултираше со создавање на целата серија која со децении ги забавува генерациите ширум светот.


