Прва жена избрана за потпретседател: Амбициозната Камала покрај просечниот Џо

Камала Харис имаше важна улога во походот на Џо Бајден до Белата куќа, освежувајќи ја неговата кампања со енергија и харизма, па затоа и не беше големо изненадување што беше поздравена со можеби и посилни овации од идниот претседател на заедничкото обраќање до симпатизерите, кога демократската двојка конечно прогласи победа на изборите.

Додека Бајден со право го носи прекарот „Просечниот Џо“ и прилега на типичен политички ветеран, кандидат и претседател, Харис е сосема спротивна на него. Таа е прва во многу нешта. Прва потпретседателка во историјата на САД. Како прва ќерка на имигранти (од Јамајка и од Индија) на потпретседателската функција, таа воедно е и прва Афроамериканка на оваа позиција.

Наспроти личниот печат што го удира во политичката историја на САД, од победничката бина зрачеше со скромност, како вистински прв заменик на идниот шеф на државата.

– Се раѓа нов ден за Америка. Избравте надеж, наука и вистина. Го избравте Џо Бајден за следен претседател на САД, порача Харис.

Претседателски амбиции

Сопствениот подем не го смета за исклучок, туку за „раѓање на нов ден“ и на политичката сцена во Вашингтон, на која сѐ уште доминираат белите мажи.

– Можеби сум првата жена на оваа позиција, но не сум последна. Бидејќи ова е земја на можности. Сонувајте со амбиција, порача Харис.

Пред неполна година, самата Харис имаше голема амбиција – да стане првата во многуте категории на претседателската функција. Кога се бореше за претседателската номинација на демократите, таа го напаѓаше и Бајден, особено за прашањата за расната еднаквост во САД.

Нејзината кампања, сепак, брзо стивна, но нејзината енергичност го убеди Бајден да ја покани да му биде партнерка во обидот да се детронизира Трамп од Белата куќа.

– Среќата прво ѝ го сврте грбот, а потоа ѝ се насмевна на Камала Харис. Многумина не веруваа дека таа има доволно дисциплина и фокус за подемот до толку висока позиција во Белата куќа, без оглед што беа очигледни нејзината амбиција и потенцијалот да биде политичка ѕвезда, смета Џил Дјурен, кој во 2013 година беше директор за комуникации на Харис, а годинава ја критикуваше нејзината кандидатура за претседател.

Индиско наследство

Камала Харис е родена во Оукленд, Калифорнија, во семејство на имигранти. Мајка ѝ пристигнала во САД од Индија, а татко ѝ од Јамајка. Нејзините родители се развеле кога таа имала пет години, па таа израснала заедно со својата мајка Шјамала Гоплан Харис, со кариера на истражувачка на канцер, а во слободно време активистка за човекови права.

Камала растела под силно влијание на нејзиното индиско наследство и повеќепати ја посетувала земјата од кои ги влече корените, но за својата мајка вели дека ја прифатила црнечката култура од Оукленд и во тој дух ги одгледувала своите ќерки – постарата Камала и помладата Маја.

– Мајка ми знаеше многу добро дека одгледува две црни ќерки. Знаеше дека во новата татковина мене и Маја ќе нѐ гледаат како црни девојки и затоа беше решена од нас да направи горди црни жени, полни со самодоверба, вели Харис во автобиографската книга „Вистините што ги чуваме“.

Потеклото од мешани раси, како и духот на самодоверба ѝ помогнал да се поистовети и да освои почит од различни американски идентитети. Америка поминува низ период на брзи демографски промени, кои имаат влијание и врз политиката, па Харис на многумина им ги охрабрила амбициите.

Бестрашна во дебати

Првите политички чекори ги направила во осумдесеттите години од минатиот век на Хауард, еден од поеминентните историски „црни“ американски универзитети. Природно на своите ставови, се приклучила на демократскиот табор и водела енергични дебати со републиканскиот.

– Во тоа време претседател беше Реган и беше ера на апартхејдот. Многу се зборуваше за солидарноста со Африка и за прашањето за националниот празник во чест на Мартин Лутер Кинг. Знаевме дека со нашето потекло од поробени народи имаме специјална улога во времето на крај на колонизаторството, а образованието ни дава специјална позиција во општеството за да им помогнеме на промените. Тоа беше философијата и мотивот за активност од универзитетското искуство на госпоѓицата Харис, раскажува нејзината колешка и пријателка од универзитетот, Лита Росарио-Ричардсон, додавајќи: „Нејзината бестрашност ме привлече да се вклучам во дебатскиот тим“.

Едноставно, Американка

Но, Харис еднакво добро се снаоѓа и во „белите“ средини. Искуството го стекнувала живеејќи како дете во Канада, каде што нејзината мајка добила работа да предава на Универзитетот Мекџил. Затоа Харис вели дека нема никакви проблеми со идентитетот и се опишува едноставно како „Американка“, надвор од сите категории на раси или потекло.

– Јас сум таа што сум и немам проблем со тоа. Можеби некому му треба да сфати, но јас немам проблем, изјави Харис лани за весникот „Вашингтон пост“.

Од 2014 година, веќе како сенаторка, таа е во заедница со адвокатот Даг Емхоф, но не настојува да биде маќеа на неговите ќерки од претходниот брак.

– Кога се венчавме, со Кол и Ела се договоривме дека нема да го користиме изразот маќеа, туку „момала“, раскажува идната потпретседателка на САД.

Раскинување со „џандарското“ минато

До сенаторската позиција стигна како обвинителка. Работела во канцеларијата на главниот обвинител во Сан Франциско, а подоцна и самата била избрана за главна обвинителка на Калифорнија – се разбира првата Афроамериканка на таа позиција. Решителноста да ги премости расните бариери ѝ ја зголемува популарноста во партиската хиерархија на демократите, па во 2017 година е избрана за сенаторка во Калифорнија.

При врвот, морала вешто да балансира помеѓу прогресивните и поумерените партиски крила. На пошироката американска сцена се истакна со енергичното сослушување на Брет Кавано, кога тој беше номиниран од претседателот Доналд Трамп за член на Врховниот суд. Но, сепак, ни прогресивците ни умерените демократи не ја прифатиле како „своја“, особено поради „џандарското“ минато.

Дури како сенаторка и како кандидатка за претседател, а потоа и за потпретседател, таа успеа да се оддалечи од таа етикета. За време на расните немири низ САД, таа постојано повикуваше за промена на полициските практики, се залагаше за апсење на полицајците што ја убија младата Афроамериканка од Кентаки Бриона Тејлор и често пати ја истакнува потребата да се демонтира „расизмот вграден во системот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот