Прва лига, плеј-оф: Еуро Никел 2005 ќе се бори за шампионскиот пехар!

Фото: kfsm.mk

Во дополнителните пет минути, кавадарчани беа по втор пат подобри од Работнички (88:87, 74:74), конечни 2:0 во полуфиналната плеј-оф серија во македонската Прва кошаркарска лига.

Еуро Никел 2005 е првиот финалист оваа сезона во шампионатот и го чека подобриот од втората полуфинална пресметка, МЗТ Скопје Аеродром-Пелистер, во која „металците“ водат со 1:0.

По нецели осум минути игра од вториот меч од полуфиналето на плеј-фот, Еуро Никел 2005 водеше со сосема солидни (21:12). Без особени промени во играта протекна и вториот период од овој меч, Еуро Никел изгради уште повисока предност и до паузата имаше комотни 43:30 на семафорот.

Во вториот дел гостите од Скопје заиграа нешто поангажирано, особено во фазата на нападот. И тоа резултираше со намалување на високата предност на ривалот од Кавадарци. По три одиграни четвртини, Работнички фати приклучок, односно намали на 54:62.

Продолжија да ја бркаат таа не баш ниска негатива. Иако минуваа минутите, не паничеа, и на 03:27 минути пред крајот, по реализацијата на Питс, Работнички дојде и на само „половина поен“ заостанување (69:70), по што мечот во Гевгелија почна да станува и драматичен.

Тоа беше и најава за пресврт, последна која ја испратија „црвено-белите“. Во последната минута стигнаа и до егал резултат. Аска погоди за нерешени (74:74). Но, последниот напад го имаше Еуро Никел 2005. Шансата за финале прво ја промаши Дубински, а некоја секунда подоцна, не погоди ниту Рикиќ. Затоа се играше и продолжение од пет минути…

Во него, екипата од Кавадарци „потегна прва“, поведе со (83:77). Но, рано беше за крај. Дојдоа минутите на Работнички, за серија од (8:1) и прво водство (85:84), на нешто повеќе од една минута до крајот на продолжението. Меѓутоа Рикиќ најде решение во последниот напад, и го врати Еуро Никел 2005 во минимално водство (88:87), кое Питс не успеа да го поништи, па во големото финале и трката за титулата оди Еуро Никел 2005!

Во победничките редови доминираше Соколов со 18 поени (шест скокови), пред Дубински (седум асистенции) и Рикиќ (13 скокови) кои имаат по 16 поени. Значаен придонес имаше и Караколев кој запиша 15 коша..На спротивната страна убедливо најдобар и воопшто на мечот беше Питс со 31 поен (шест скокови, пет асистенции), 12 поени беа дело на Караџовски, 11 имаше Младеновски (четири скокови), а Мулалиќ 10 поени (четири асистенции).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот