Прва енциклопедија за деца за основоположниците на современата македонска уметност

Современата македонска уметност станува подостапна за најмладите кои од денеска за оваа тема ќе можат да читаат и да се информираат во првата Енциклопедија за деца за основоположниците на современата македонска уметност. Изданието е проект на Центарот за визуелна комуникација Ефектива, а автор на енциклопедијата е Елизабета Баковска. Проектот е поддржан од Националната галерија на Република Северна Македонија и општина Центар.

„Првпат во Македонија е создадена енциклопедија за основоположниците на македонската современа уметност чија целна публика се пред сè децата. Ова е дело кое ја допира суштината. Суштината е дека публиката треба да ја создадеме, а таа се создава од мали нозе“, вели Софија Семенпеева од Центарот за визуелна комуникација Ефектива.

Главната вредност на ова дело е што е создадено на специфичен јазик со цел да успее на едноставен начин да допре до најмладата публика и да ја поттикне љубопитноста на децата за една особено значајна тема.

Енциклопедијата беше промовирана на денешното одбележување на 15 Април – Светскиот ден на уметноста, настан кој првпат се случува кај нас. Во рамките на одбележувањето се одржа и трибината на тема „Значењето на уметноста во развојот на децата и општеството“, на која се отворија суштински и општествено важни прашања за значењето на уметноста во растот и развојот на едно општество.

Исто така се доделија награди на 12 ученици од основните училишта кои по повод одбележувањето на 15 Април твореа на тема „Општеството кое јас го создавам“.

Центарот Ефектива ќе донира по 15 енциклопедии за деца во сите основни училишта на територијата на општина Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот