Протоколот за гласање на изборите е при крај и ќе биде доставен до ДИК

Деновиве до Државната изборна комисија ќе биде доставен финалниот текст на протоколот за гласање на изборите кои се очекува да се одржат на 5 јули, дознава Слободен печат. Текстот е во финална фаза така што прашање на ден е кога протоколите ќе бидат испратени до ДИК, велат нашите извори во Владата.

Неофицијално, во протколите нема да има некои препораки или отстапки од вообичаеното гласање, освен што ќе биде препорачано да се почитуваат здравствените мерки, држење дистанца, носење на заштитана маска и употреба на средства за дезинфекција поради коронавирусот. И овие избори, велат нашите извори, ќе се одвиваат како и до сега, во два дена. Ден пред изборите ќе гласаат болните, изнемоштените и затворениците. Првична верзија на протоколот за тоа како ќе се гласа на изборите веќе е доставена до претседателот Стево Пендаровски на последната лидерска средба. Од ДИК за Слободен печат велат дека до нив не стигнал никаков документ за тоа како ќе се гласа на овие парламентанри избори и дека чекаат Владата да го достави.

Додека партиите прават партиски пресметки кој колку пратеници очекува да освои на овие избори, високиот партиски функционер на ДУИ Артан Груби вели дека избори во јули треба да има и дека се можни промени на Изборниот законик, за да се овозможи гласање во неколку дена.

– Пензионерите ќе гласаат во еден ден, во друг тие што се во изолација, а останатите во третиот ден. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше 15 јули, а 5 јули е наше компромисно решение. Сметам дека сите ќе учествуваат на изборите затоа што не можат да си дозволат луксуз да не одат на избори, кои се всушност признание од институциите и се под мониторинг на ОБСЕ и ОДИХР. Кај меѓународната заедница има расположение за брзи избори – рече Груби во интервју за тв 24 вести.

Во време кога Собранието не работи, измените на Изборниот законик за гласање во неколку дена може да ги направи само Владата со Уредба.

Од партиите се уште нема никакви информации за одржување на нова лидерска средба. Од пред крајот на минатиот месец прекината е комуникацијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на тема датум за предвремени парламентарни избори. Тогаш лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека откако значително се влошила ситуацијата со коронавирусот не функционира повеќе „каналот за комуникација“ меѓу партиите во однос на изборите.

Од СДСМ и денеска информираат дека изборите ќе се одржат на 5 јули. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев оценува оти нема потреба од нова, петта одлука за вонредна состојба во државата, а според него, нема потреба ниту од нов, четврти пакет на економски мерки бидејќи третиот кој е донесен ќе се реализира до есен.

Притоа тој потенцира дека одлуката за вонредната состојба нема врска со рестриктивните мерки за спречување на ширење на коронавирусот, туку досега се носеше за економски мерки за поддршка на економијата и граѓаните.

Со цел усогласување на ставовите меѓу власта и опозицијата за датумот за избори, еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ денеска ќе има телефонски разговор со лидерите Заев и Мицкоски на тема датум за избори.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот