Фото: архива

Протестот на камионџиите краток, последиците за економијата долгорочни

По неколкудневните блокади на товарните гранични премини од страна на камионџиите, сообраќајот постепено се нормализира, но последиците допрва ќе се чувствуваат во економијата и за граѓаните. Иако протестите се ставени во мирување по најавите за разговори со Европската Унија, штетите во логистиката и трговијата веќе се евидентни. Домашните транспортни компании информираат дека за време на блокадите биле задржани стотици камиони, што предизвика доцнење во испораката на суровини, прехранбени производи и индустриска стока. Во меѓувреме транспортерите се надеваат на трајно решавање на проблемот. Велат дека се оставаат во рацете на ресорните министерства кои во вторник на 3 февруари имаа состанок со Европската комисија. Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам транс“ за „Слободен печат“ вели дека очекува решение на проблемот после вторник, а за кратко и пишан документ од страна на Европската комисија кој ќе го регулира престојот на нашите превозници.

– Очекуваме од ЕУ во прво време да не се бројат деновите на нашите членови, а до април и трајно да се реши проблемот. Најавена е средба на министрите од сите држави кои учствуваа на протестот за вторник и од таа средба зависат многу работи – вели Муратовска.

Во комуникација е со српските и со босанските транспортери и очекува дека денес во текот на денот и тие да го прекинат протестот како црногорските и македонските превозници. Муратовска вели дека од синоќа нашиот и црногорскиот превоз се враќа во нормала.

Европска комисија: Потребно е системско решение на ниво на ЕУ за проблемот со возачите на камиони

Пролонгирани испораки

Економистите предупредуваат дека ваквите застои, дури и кога се краткорочни, доведуваат до зголемени трошоци за превоз, пролонгирани рокови за испорака, но и притисок за благо зголемување на цените кај одредени производи, особено увозните. За граѓаните ефектите нема да бидат драстични, но можни се поскромни поскапувања или повремени недостатоци на одредени производи, особено кај свежо овошје и зеленчук од увоз, индустриски суровини што влијаат врз домашното производство, но и делови и репроматеријали за фабриките.

Стопанските комори апелираат до институциите активно да се вклучат во решавање на проблемот со визните и престојните правила за професионалните возачи. Според нив, транспортот е „крвотокот“ на економијата, а вакви блокади директно ја погодуваат конкурентноста на македонските компании на европскиот пазар.

„Доколку не се обезбеди системско решение, ризикуваме ваквите ситуации да се повторуваат“, предупредуваат од бизнис-заедницата.

Во фокусот сега се најавените разговори со Европската комисија, од кои се очекува конкретен модел за олеснување на движењето на професионалните возачи во Шенген-зоната. Доколку тие разговори не дадат резултат, не е исклучена можноста и за нови протести.

Николоски: Возачите се прифатени од Брисел како професионалци

Претседателот на Српската стопанска комора на Србија, Марко Чадеж, изјави дека 93 проценти од извозот од регионот се спречени поради блокадата на транспортерите, што предизвика дневна штета од околу 92 милиони евра.

„За секоја компанија, ова значи казна од 10.000 до 50.000 евра дневно затоа што не испорачуваат стока до клиентите“, изјави Чадеж за Ројтерс во Белград, објави Српската стопанска комора.

Чадеж, неодамна предупреди дека поради бирократските процедури и несоодветната реакција на Европската Унија во врска со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната, економиите на Западен Балкан трпат директна штета од околу 100 милиони евра дневно само врз основа на извозот на стоки.

„Ова не е проблем само на Западен Балкан, туку на цела Европа. Се надеваме дека европската администрација ќе ги послуша големите компании во земјите членки кои сега им се обраќаат на своите влади, бидејќи овој пристап ја загрозува нивната сопствена економија“, рече Чадеж.

Европска комисија: Потребно е системско решение на ниво на ЕУ за проблемот со возачите на камиони

 

Српските и босанските превозници петти ден на протест

По вчерашното соопштение на претставниците на Европската Унија дека за одредени професии, како што се возачи на камиони, спортисти или уметници, се разгледуваат нови визни правила за престој во Шенген-зоната, транспортерите од Црна Гора и Македонија ги прекинаа блокадите. Но српските и босанските камионџии засега остануваат на граничните премини. Ова не значи дека конфликтот е целосно решен, туку дека преговорите постигнаа чекор напред, со ветување од ЕУ дека ќе се работи на системско решение за професионалните возачи кои често влегуваат и излегуваат од Шенген-зоната.

Европската комисија најави дека ќе воведе нова визна стратегија што би обезбедила олеснувања за професионалните возачи, трајно решение кое ќе овозможи подолг престој надвор од стандардните 90 дена за камионџии што редовно работат меѓу државите. Ова најверојатно ќе вклучи специјални категории или механизми за пресметка на престојот за транспортни работници.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот