Протести поради отворање на нов бугарски клуб

Охрид / архива / Фото: Profimedia

Бугарски здруженија, кои се оценуваат како провокација, се појавија во неколку македонски градови, а државата засега нема механизам за да го спречи тоа

Додека Северна Македонија се занимава со формирање комисии и бара начин како да го спречи говорот на омраза и можните провокации, на терен се множат бугарските здруженија кои носат имиња на спорни историски личности. Последниот клуб е регистриран во Охрид со контроверзно име „Цар Борис Трети“. Партијата Левица повикува на протест в петок пред трговскиот центар Амам во Охрид против отворањето на уште еден бугарски клуб.

„Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис Трети“, Левица – Охрид ја повикува јавноста на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза! Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата, повика Левица.

Партијата повикува на мобилизација и искажување на антифашистички порив: „Не за славење на крвници на македонската нација и не за воздигнување на непријателите на човештвото! Не за бугарскиот Хитлер! Најстрого го осудуваме отворањето на овој клуб и премолчувањето од страна на Владата која директно ја подржува рехабилитацијата на фашизмот. Сплотени против империјализмот и антимакедонизмот, да го искажеме народниот револт“, се вели во повикот на Левица. Протестот е најавен во 11.30 часот, половина час пред официјалното отворање на клубот на Бугарите.

Итна законска измена

Бугарски здруженија, кои се оценуваат како провокација, се појавија во неколку македонски градови, а државата засега нема механизам за да го спречи тоа. По промовирањето на културниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, што предизвика лавина реакции во јавноста и кулминираше со подметнат пожар, се појави и новоформирано здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид, а се споменува можноста да никне и клуб Цар Фердинанд во Богданци.

Претседателот Стево Пендаровски предупредува дека е потребно по итна постапка да се смени законот и да се воведе регистер на имиња кои не може да ги даваат.

„Не мислам дека телото кое допрва треба да се формира ќе го реши проблемот, затоа што нема да работи ретроактивно. Тоа што сме спиеле како држава, не не оправдува. Ние мораме да го промениме законот“, вели Пендаровски.

Министерот за правда, Никола Тупанчески вчера изјави дека Советодавното тело за употреба на имиња на историски личности на здруженија ќе почне со работа наскоро, бидејќи државата мора да бидеме подготвена за идни потенцијални провокации. Ад хок телото е формирано со цел да се бајпасира вакуумот кој би настанал до донесувањето на новиот закон за здруженија и фондации кој е во фаза на подготовка.

„Комисијата е формирана и на последната седница, разговаравме околу некои технички аспекти. Тоа не е комисија во рамки на Министерството за правда, туку тоа е владина комисија. Јас верувам дека за кратко време ќе биде одржана конститутивната седница бидејќи имињата се познати“, вели министерот.

Тој додава дека сето тоа е содржано во Кривичниот законик.

„Доколку сакаме да направиме некакви ретроакции, моето мислење и како професор и како министер за правда е дека тоа треба да го направиме преку други институции. Кога станува збор за оваа хиперсензибилна сфера тогаш постојат и други институции каде што на некој начин би требало да се санкционира евентуалниот говор на омраза, негативните чувства. Сето тоа е содржано во Кривичниот законик” – посочува тој.

И Сојузот на борците деновиве го осуди отворањето на бугарски здруженија, користејќи ги имињата на личности од историјата кои „длабоко и болно го побудуваат чувствата на нашите граѓани од минатото“.

„Секогаш сме биле и ќе останеме на страната на пријателството и добрососедството, но ваквиот чин го осудуваме и тој не претставува чин на добрососедство, напротив го поткопува соживотот, добрососедството и патот кон европските вредности“, е ставот на борците од НОБ и антифашистичката војна.

На седми октомври во Охрид ќе се отвори новиот бугарски културен клуб во Македонија, наречен „Цар Борис Трети“. Отворањето е четири дена пред Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор во Македонија и државниот празник 11 Октомври.

Текстот е преземен од Дојче Веле.

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот