Палестински затвореници пуштени на слобода од страна на Израел - Извор Х

Протекоа грозоморни детали за тортурата што ја трпат палестинските затвореници – им кршат коски, ги силуваат и ги осакатуваат

Адвокати собрале сведоштва за брутални злоупотреби врз палестински притвореници – од недобивање медицинска помош до казни со кршење палци и сериозни обвинувања за убиства, силувања и тортура во израелските притворски центри.

Стотици палестински затвореници се држат неограничено време во подземен израелски притворски објект, лишени од сончева светлина и изложени на тешко насилство, велат палестински адвокати, во момент кога сè повеќе извештаи за злоупотреби излегуваат на виделина за време на израелската војна во Газа, објави „Ал Џазира“.

Адвокати кои застапуваат Палестинци притворени во „Ракевет“, подземно крило на затворскиот комплекс „Рамла“ во Израел, велат дека нивните клиенти биле тепани, изгладнувани и оставени без медицинска нега и покрај тешките повреди.

„Кога затворениците пристигнуваат на разговор со адвокат, нивните лица покажуваат што претрпеле. Особено во овој затвор, затворениците се плашат да зборуваат. Соба за разговор е мала еден квадратен метар, а чуварите одбиваат да излезат“, изјави адвокатката Надја Дака.

„Казни со кршење на палците“

Дака и други адвокати собралe сведоштва од луѓе притворени во Ракевет.

Еден притворен, означен со иницијалите И.Х., имал скршена вилица, рамо и ребра, но не добил никаква медицинска помош. Друг, пак, означен како К.Х.Д., изјавил дека израелските чувари ги казнуваат затворениците „со кршење на палците“.

Овие извештаи се најнови во низата документирани злоупотреби во израелскиот затворски систем, додека државата масовно ги зголеми апсењата на Палестинци за време на нејзината двегодишна геноцидна војна во Појасот Газа.

Повеќе од 9.200 Палестинци се притворени во израелските затвори, според најновите податоци на организацијата „Адамир“. Повеќето се во т.н. административен притвор, држени без обвинение и без судење.

Извештаи за убиства, силувања и за тешка тортура

Десетици од Газа, исто така, се држат во прочуениот израелски воен камп Сде Тејман, каде што од почетокот на војната има извештаи за убиства, тортура и сексуално насилство, вклучително и силување.

Иако израелските власти ги негираат обвинувањата, бројни Палестинци ослободени за време на минатомесечниот прекин на огнот сведочеа за монструозни злоупотреби.

Телата на убиените палестински притвореници, што ѝ беа вратени на Газа под истиот договор, покажувале јасни знаци на тортура, осакатување и егзекуција, некои дури имале јажиња околу вратот во моментот на предавање.

Како Израелците и Палестинците се справуваат со траумата?

Неколку израелски организации за човекови права велат дека затворите и притворските центри на Израел претставуваат форма на тортура и сурово, нечовечко казнување.

„Организациите документираа широко распространети злоупотреби, вклучувајќи физички тепања, сексуално насилство, малтретирање и закани, што укажува на систематско и намерно малтретирање“, соопшти Комитетот против тортура во Израел (PCATI) во јуни.

Овој бран злоупотреби се случува паралелно со иницијативата на владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ги заостри мерките против палестинските затвореници.

Смртна казна за „терористички дела мотивирани од расна омраза“ само за Палестинци

Оваа недела, израелскиот парламент го придвижи законот кој пропишува смртна казна за т.н. терористички дела мотивирани од „расна омраза“ против Израелци — мерка што организациите за човекови права ја осудија, предупредувајќи дека ќе се применува исклучиво врз Палестинци.

Нападите, што израелските доселеници ги вршат врз палестински цивили во Западниот Брег, кои се во пораст и честопати се спроведуваат неказнето и со поддршка од израелската армија, не би паднале под овој закон.

Западен Брег: Живот во страв од израелските доселеници

„Донесувањето закон за смртна казна, применлива исклучиво врз Палестинци, претставува нов чекор во долгото угнетување и сериозна ескалација на израелските прекршувања, вклучително и стотици вон-судски егзекуции“, соопшти „Адамир“ на 9 ноември.

Професорот Басил Фараџ од Универзитетот Бирзејт во Западниот Брег изјави дека подземниот објект Ракевет е само дел од поширокиот систем на израелска репресија.

„Овој таен центар е симптом на поширокиот феномен на израелското затворање, каде што Палестинците се третираат на насилен и екстремно брутален начин што ги негира сите нивни права“, рече Фараџ.

Тој објасни дека многу Палестинци се уапсени под израелскиот закон за „незаконски борци“, кој ѝ дозволува на државата неограничено да ги држи затвореници наводно поради безбедносни причини, без да мора да докаже нешто.

„Фактот што сте задржани без судење додава уште еден слој на психолошка тортура. Не знаејќи зошто сте притворени… ова дополнително ги продлабочува слоевите на насилство и тортура што Израел ги засилува последниве две години“, рече Фараџ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот