Фото: Pexels/David Garrison

Како Израелците и Палестинците се справуваат со траумата?

На Саемот на книгата во Франкфурт, кој се одржа минатиот викенд, ДВ разговараше со палестински и израелски автори кои, секој од својата реалност, имаат потреба да бидат сведоци на две години војна.

Атеф Абу Саиф: „Јас не живеам. Постојам“

Атеф Абу Саиф тешко го прикрива своето огорчување. Израелската војска, вели палестинскиот писател за Дојче Веле, не уништила само домови, туку и цела една култура. Со пишувањето тој се обидува да спаси сè што сè уште може да се спаси. Но, што воопшто може да се спаси кога остануваат само урнатини и пепел? Сè што останува, вели Абу Саиф, е сеќавањето – само описи од неговото и од перото на други автори.

Атеф Абу Саиф е еден од најпознатите палестински писатели, веројатно и затоа што од 2019 до 2024 година бил министер за култура во Палестинската управа и портпарол на партијата Фатах во Рамала. Роден е во Џабалија, на северот од Појасот Газа, во поранешен бегалски камп. Тој и неговото семејство се преселиле на Западниот брег откако ја презел политичката функција.

Но, на 7 октомври 2023 година, кога борците на Хамас влегле во Израел и извршиле терористички напад во кој убиле или заробиле стотици цивили, Атеф Абу Саиф бил во посета на Појасот Газа со својот син. За разлика од претходните војни, овој пат, по почетокот на израелските напади во Газа, тој многу се плашел за животот на својот најмлад син, но и за својот живот. Дури по речиси три месеци страдање и разурнување, откако биле убиени членови на неговото семејство и тој бил ранет, му било дозволено да ја напушти Газа заедно со синот.

Минатата година ја објави книгата за тој период: „Не гледај лево: дневник на геноцидот“ – документ за ужасот, но и обид да се смири себеси. Откако го напуштил Појасот Газа, Абу Саиф се сели од место во место. „Не живеам“, вели тој, „јас постојам“.Но, како писател чувствува должност да сведочи, да ги раскаже приказните на сите жртви кои инаку би биле заборавени.

Махмуд Муна: „Каде што има книги, таму е мирно“

Годината кога се родил Махмуд Муна неговиот татко ја отворил „Образовната книжарница“ во Источен Ерусалим, по која се отворени уште две книжарници. Со нив управуваат Махмуд и неговото семејство. Книжарниците се специјализирани за палестинска култура и историја, за Ерусалим и за блискоисточниот конфликт.

Тоа се книги кои понекогаш откриваат непријатни вистини – токму тоа им е и целта. Махмуд Муна очајно сака луѓето да ги преиспитуваат наративите, да се образуваат за историјата, но и да се инспирираат да замислат нова, поинаква иднина.

„Каде што има книги, таму е мирно“, велел неговиот татко, раскажува Муна. И додава: „Нашите книжарници се места каде луѓето сè уште можат да се среќаваат“.

Муна е познат како „ерусалимскиот книжар“, а меѓународно внимание предизвика рацијата на израелската полиција во двете негови книжарници во февруари 2025 година. Тогаш полицијата го приведе него и неговиот внук. Биле пуштени по две ноќи, а обвинението за поттикнување тероризам било отфрлено. Дали сето тоа го загрижува?

Муна не сака да зборува за тоа. На панелите на Франкфуртскиот саем на книги тој претпочита да зборува за својата визија – да им помогне на луѓето подобро да го разберат светот. Говори и за делото „Зора во Газа: приказни за животот и културата на Палестина“ – книга во која, заедно со други издавачи, им овозможува на повеќе од сто луѓе од Појасот Газа да ги раскажат своите приказни – за животот пред и за време на војната. Приказни од секојдневието, во кое понекогаш може да се забележи и зрак надеж.

Сара Леви: „Сè уште не е готово“

Германската новинарка и авторка Сара Леви живее во близина на Тел Авив. Како Еврејка, чувствува должност да продолжи да пишува и да протестира против владата која, според неа, сака да ја направи земјата „помалку демократска“. На Саемот на книги во Франкфурт минатиот викенд таа ја претстави својата нова книга „Ниту една друга земја. Белешки од Израел“, во која опишува како земјата се променила по 7 октомври 2023 година и под владата на Нетанјаху.

Сара Леви емигрирала од Германија во Израел во 2019 година. Мажена е за Израелец и е мајка на тригодишно дете кое поминало повеќе од половина од својот живот во војна. Ноќните бомбардирања редовно го будеа од сон.

Но, Сара Леви секогаш ја споредува состојбата на своето семејство со онаа на луѓето во Појасот Газа – ја гледа нивната болка и смрт. И сфаќа дека во тоа е прилично осамена:

„Имав многу либерални еврејски пријатели кои се радикализираа и ги дехуманизираа Палестинците“. Од основањето на Израел, самиот опстанок на државата често бил загрозен – и тоа довело до широко распространето убедување кај многумина, вели таа: „Не сакам да слушам за страдањето на другите“.

Сега е во сила примирје, а преживеаните заложници се вратија во Израел. „Мирот е воедно и желба да се престане со омразата“, вели Леви, „но се плашам дека сме уште далеку од тоа.“

Сигалит Гелфанд: „Последниве две години беа ужасни“

Сигалит Гелфанд го води „Израелскиот институт за хебрејска книжевност“ во Тел Авив, кој од 1962 година, со средства од даночните обврзници, работи на промовирање на преводи на израелски автори на други јазици. На Саемот на книги имала штанд и организирала неколку настани со израелски автори.

Оваа година тоа беше единствениот штанд од Израел, бидејќи ниту еден издавач од таа земја не дојде на Франкфуртскиот саем на книги 2025. Поради војната во Газа, имаше меѓународни повици за бојкот на саемот поради германската политика кон Израел. Но, само Израелците не дојдоа.

Последниве две години, вели Гелфанд, беа ужасни – растечки антисемитизам низ целиот свет, исклучување од културни настани. Еден нејзин колега, раскажува таа, бил отповикан од еден фестивал, а странските издавачи реагирале внимателно за време на преговорите. Но на крај, секогаш помагало тоа што се воделе директни разговори, се воспоставувале контакти и се барал дијалог.

Можеби објавувањето на некои книги ќе биде одложено, но во целина, Сигалит Гелфанд е оптимист. Минатиот месец ги поканила меѓународните издавачи на разговори во Тел Авив – дошле 25, а израелскиот печат со воодушевување известил за настанот. Сега се надева дека примирјето ќе се одржи, дека омразата ќе престане – дека ќе се врати нешто налик на нормалност.

Тоа е веројатно она што сите го посакуваат – и Палестинците и Израелците. Но, до таму има уште долг пат.

Извор: Дојче веле/ Автор: Сабине Кизелбах

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот