Пропадна владината еврообврзница од 600 милиони евра, мора да потпише новиот министер

Евра/ Фото: EPA/J.J. Guillen

Министерството за финансии попладнево соопшти дека процесот на задолжување на државата за 600 милиони евра преку издавање еврообврзница, ќе биде спроведен по изборот на новиот министер за правда. Задолжувањето, како што објавија некои медиуми, пропаднало бидејќи за него бил потребен и потписот на министерот за правда, а досегашниот, кој е во заминување, Никола Тупанчески, не го потпишал пред да поднесе оставка во Собранието, каде е во тек седницата на која треба да се избере новиот министер.

Со ова, процесот се враќа на почеток, односно државата ќе треба одново да издава еврообврзница, бидејќи оваа пропаѓа.

Владата минатата недела соопшти дека ќе ја задолжи државата за враќање на стари долгови кои доспеваат годинава.

„Целосната постапка за издавање на еврообврзницата ќе биде извршена по спроведување на административните процедури, кои подразбираат и мислење од новиот министер за правда. Веднаш по изборот на новиот министер за правда ќе се одржи нова аукција. За ова банките-агенти што посредуваа при издавањето на еврообврзницата ќе ги информираат инвеститорите, кои при минатата аукција имаа 2,5 пати поголем интерес во однос на понудената сума, како резултат на довербата во добрите економски политики“, соопштија од Министерството за финансии.

Од МФ потсетваат дека согласно процедурата за избор на нови министри во Владата на Република Северна Македонија, Собранието на 13 февруари 2023 година прими оставки од четворица министри, меѓу кои и министерот за правда, кои се прифатени од Собранието.

„Законски, за издавање на еврообврзницата, потребно е мислење на министерот за правда, кој е меѓу министрите кои поднесоа оставки до Собранието“, велат од МФ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот