Владата ја задолжи државата за 600 милиони евра преку еврообврзница

Владата се задолжи преку нова еврообврзница, а износот е 600 милиони евра, иако од инвеститорите барала најмалку 800 милиони.

Каматата ќе изнесува 6,25 отсто, парите ќе се користат исклучиво за отплаќање на стари обврски, а ќе ги враќаме четири години.

„По основ на главница и камата, за сервисирање на стари долгови кон надворешни кредитори, годинава треба да исплатиме 594 милиони евра за главница како и 138 милиона евра за камати. Од нив, најголемиот дел отпаѓа на седумгодишната еврообврзница издадена во 2016 година, и за која само во оваа година треба да се исплати износ од 450 милиони евра, со камата од дополнителни 25 милиони евра“, велат од Министерството за финансии.

Поради доспеаните обврски, деветтата еврообврзница е издадена и покрај затегнатите услови на меѓународните пазари на капитал, за што сведочи и повеќекратното зголемување на референтните каматни стапки од големите централни банки, велат од МФ.

„Купонската каматна стапка од 6,25% на годишно ниво, која денес е постигната, е пониска од пазарните каматни стапки на веќе издадените еврообврзници, со кои во моментов се тргува на меѓународните берзи. Таа е многу пониска и од каматните стапки, кои преовладуваа во последните месеци од овој период на енергетска криза, која сѐ уште трае, и кои се движеа над 8%“, се вели во соопштението.

Одлуката за максималниот износ на новото задолжување преку еврообврзница Владата ја донела на седница на шести февруари, всушност истиот ден кога е направено претставувањето пред инвеститорите.

Последната еврообврзница Владата ја има издадено во март 2021 година, на сума од 700 милиони евра, а со овие пари, меѓу другото, се врати стар долг од 500 милиони евра.

За минатата година Владата исто така планираше да издаде еврообврзница, па дури и се спомена сума од 900 милиони евра, но потоа потребите од пари за буџетот се премостија со други задопжувања, а како причина за тоа се наведе фактот дека не биле поволни состојбите на меѓународниот пазар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот