Промовирана „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски” во рамките на одбележувањата на патронот на Охрид

Свети Климент, архиепископ Охридски

„Книга за светите браќа Климент и Наум охридски” од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски претставува компилаторско дело, збир на статии, научни прилози и анализи за животот и дејноста на светите Климент и Наум, осврнувајќи се и како ученици на светите браќа Кирил и Методиј, истакна промоторот Диме Ратајкоски.

Делото, според него, е еден вид потсетник на најзначајните моменти од македонската историја, најголемите и најзначајни проучувачи на нивното дело и даваат една нова свежа мисла по однос на тоа како треба и како ќе се третира нивното дело.

Станува збор за едно дело кое навистина и е потребно на македонската историографија и лингвистика, особено сега во овој период кога и македонистиката преживува навистина едни траорни случувања по однос на признавањето, непризнавањето на нашиот јазик итн. Доаѓа во вистински моменти, затоа што претставува едно дело, кое и е потребно на македонската публика и потребно е да се обновува затоа што внатре се собрани дела не само на еминентни истакнати историчари и проучувачи на македонската медиевистика, туку и оригинални историски автентични извори во превод на современ македонски јазик, кои ќе бидат доближени на македонската јавност, македонската публика и на обичниот читател, рече Ратајкоски.

За Димитар Пандев, еден од авторите, книгата претставува синтеза на науката и уметноста, односно на климентологијата, тоа што е напишано за Климент Охридски во науката од почетокот на славистиката до денес и на уметноста односно на современата македонска уметност.

Во научниот дел од книгата дадено е прегледно делото на свети Климент и Наум Охридски низ сета македонска историја. Овде треба да се истакнат и првите публицистички натписи за нив, текстовите што своевремено ги објавувал првиот македонски публицист Јордан Хаџи Константинов Џинот, па и преку сите проучувања на Блаже Конески и на другите македонски проучувачи, истакна Пандев.

Во книгата, додаде, даден е избор од најзначајните исажувања и на македонските и на светските слависти по однос на Климент и Наум Охридски.

Треба да имаме предвид дека јазикот на Климент Охридски во голема мера е вложен во словенската писменост на Македонија, во црковните книги. Тоа е јазикот што е пречекан од македонските преродбеници, од Григор Прличев, Рајко Жинзифов, но и руските слависти во 19 век во голема мера за делото на Климент и Наум Охридски дознале од македонските студенти во Москава, од кои најзначаен е Константин Миладинов, посочи авторот.

Авторот Славе Ѓорѓо Димоски пак информира дека неговиот дел во книгата се однесувал на Климент и Наум во народното творештво и во уметничката литература.

Веќе десет векови нивниот култ е актуелен, предизвикувачки и речиси во сите генерации македонски современи писатели нашле одраз. Во народната литература се познати многу преданија и легенди за нив. Сите имаат некој анегдотски карактер кои ја претставуваат нивната духовна и надприродна моќ со што успеале да го анимираат тогашното население пред се од просветен карактер, истакна Димоски.

Во ова издание, како што посочи Перчо Божиновски, претставник од Општина Охрид, се поместени низа творби од народната и уметничката литература, кои носат силна порака, нагласувајќи дека локалната самоуправа ќе продолжи да дава поддршка на книги со кои се негуваат културата, историјата и традицијата.

Ова е шеста книга од серијалот со кои локалната самоуправа покажа дека е цврсто определна да ги негува културните традиции и да дава придонес во зачувување на историските вредности на Охрид. Убеден сум дека оваа практика ќе продолжи и во иднина и верувам дека наскоро ќе може да се радуваме на уште некое ново значајно издание, рече Божиновски.

„Книга за светите браќа Климент и Наум охридски” од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски е во рамките на програмата за одбележување на 8. декември, Денот на Свети Климент Охридски. Програмата ќе продолжи вечер со изложба на Фото клуб – Охрид и на учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски”, по што следува свечената академија на Општина Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот