Проф. Д-р Драган Даниловски: Претпоставка е дека меѓу 600.000 и 860.000 граѓани во Македонија веќе имале контакт со ковид- 19

д-р Драган Даниловски /Фото: Архива на Слободен печат

Пристигнувањето на првата вакцина против Ковид 19 ќе претставува пресвртница во пандемијата, но експертите велат дека секојдневниот живот, дури и за оние кои ја примиле вакцината, нема да се промени наскоро. За безбедноста на луѓето околу нас, важно е да продолжиме да носиме маски, да ги миеме рацете и да се дистанцираме физички откако ќе ја примиме вакцината.

Уште колку време по доаѓањето на вакцината во Македонија ќе мораме да носиме маски, да одржуваме социјална дистанца, да не се групираме и да живееме со рестриктивни мерки и од што ќе зависи временскиот период за нормализација, го прашавме професор Драган Даниловски од Медицинскиот факултет, кој исто така е и поранешен министер за здравство.

Тој за „Слободен печат“ тврди дека во Македонија се проценува дека контакт со вирусот имале веќе 7 до 10 пати повеќе граѓани од официјално регистрираниот број.

– Ако на 10 јануари сме имале вкупно околу 85.500 случаи, тогаш едноставната пресметка покажува дека реалниот број се движи меѓу 600 илјади и 860 илјади луѓе. Реалната големина на популацијата во Македонија, според податоците на Управата за електронско здравство при Министерството за здравство е 1.6 милиони. Произлегува дека во моментов процентот на колективниот имунитет е од 37.5 до 54 проценти. За да сопре епидемиското ширење до ниво на спорадично јавување, потребно е да се достигне таканаречениот праг на колективниот имунитет од 60 проценти или еден милион луѓе. Ако не се случи некое поголемо покачување на бројките во текот на овој месец заради празниците што поминаа и што претстојат, при сегашната динамика, прагот би требало да се достигне за 60 до 100 дена. Без вакцина. Само заради контакт со вирусот. И со сите тажни последици, имајќи предвид дека леталитетот е близу три проценти. Оттаму, вакцината е потребна за да се спречат тешките последици од заразување со вирусот. Особено за изложените и ризичните групи, здравствените работници, хронично болните и постарите од 65 години, ни изјави професор доктор Даниловски.

Според него, неспорен факт е дека и најлошата вакцина има неспоредливо помали ризици за штета по здравјето, отколку заразувањето со вирусот!

-Вакцините на Фајзер и Бионтек или Модерна, не се живи вакцини, така што нема ризик тие да предизвикаат Ковид 19. Тие нема да ја променат ниту нашата ДНК, едноставно затоа што внесената таканаречена гласничка РНК, воопшто не влегува во нашето јадро, во кое се наоѓа нашата ДНК! Само остава информација во цитоплазмата за непријателот. За во неа да се создаде одбрана против него. И се распаѓа после ден или два. Но, она што може да се очекува, се вообичаените несакани ефекти, како болка на местото на инјектирање, треска и болки во телото. Треба на луѓето да им се дадат точни информации, за да можат да бидат свесни што да очекуваат. Од искуството со вакцините во САД, веројатноста за настанување на анафилакса односно тешка алергиска реакција е 11 случаи на милион, што е занемарлив ризик! Од друга страна, за потсетување, од 100 заразени со ковид 19 кај нас, без оглед на тежината на клиничката слика, тројца умираат! Според мене, секој што ја прележал болеста нема потреба да се вакцинира, ако има позитивни антитела ИгГ. Дури и тогаш кога тие ќе исчезнат, кај нив останува веројатно повеќегодишна делумна заштита од заболување со потешки симптоми, врз основа на клеточниот имунитет. Ако тогаш се даде вакцина, таа може да послужи како поттикнувач на имунитетот преку повторно стимулирање на формирање на антитела, таканаречен хуморален имунитет. Според најновите сознанија, се проценува дека вакцините ќе обезбедуваат заштита веројатно дури и две години, посочува Даниловски.

Во врска со тоа кога ќе можеме да ги симнеме маските и да живееме без рестриктивни мерки, одговорот е тесно поврзан со нивото на намалување на вирусот во заедницата. Професор доктор Даниловски објаснува дека вакцината не започнува да функционира веднаш, туку по неколку недели и затоа маските во овој меѓупериод се клучни.

-Засега, треба да продолжиме со придржувањето кон мерките. Еве зошто. Вакцината не започнува да функционира веднаш. Според документ објавен од ФДА, Фајзер открива дека вакцинираните пациенти почнале да добиваат заштита од инфекција 10 дена по првата доза. Потребно е време телото да развие антитела. Тоа не се случува преку ноќ. И за Фајзер и за Модерна, целосната заштита не настанува се додека лицето не добие втора доза после три или четири недели, во зависност од вакцината. Ова значи дека луѓето кои биле вакцинирани треба да останат претпазливи. Можно е некое лице да било заразено со коронавирусот непосредно пред, или веднаш по вакцинирањето и потоа да се разболи, затоа што вакцината немала доволно време да обезбеди заштита. Ефикасноста на вакцините за ковид 19 е многу рекламирана во последните неколку недели. И Фајзер и Модерна се приближно 95 проценти ефикасни. Постои само пет проценти шанса да не заштитат целосно. Во светот на вакцините, 95 проценти ефикасност е феноменално висока бројка. На оние другите пет проценти, носењето маска ќе им помогне да избегнат инфекција, вели професор доктор Даниловски.

Тој додава дека уште една работа за која што уште нема конкретен одговор е во која мера вакцините спречуваат ширење на вирусот.

Испитувањата спроведени на вакцините Фајзер и Модерна ја следеа нивната ефикасност во спречување на луѓето да се разболат, но не следеа дали вакцинираните лица сепак може да се заразат и асимптоматски да го шират вирусот. Ако можат да се заразат, тоа претставува можност вакцинираните лица кои ќе престанат да носат маски да ја шират болеста на невакцинираните.

-Затоа, многу е важно, додека да станат имуни најмалку 70 до 75 проценти од населението, оние кои биле вакцинирани, особено во почетокот, да продолжат да носат маска. Докази дека вакцините, всушност, го забавуваат ширењето на вирусот, веќе пристигнуваат. Модерна веќе соопшти дека нивната вакцина, уште пред втората доза покажала 75 проценти помало ширење во однос на плацебо групата, односно групата која воопшто не примила вакцина. Значи, се очекува вакцините да го намалат ширењето, но, едноставно уште нема доволно податоци за да се процени во која мера. Потребата да се носи маска и да се држи физичка дистанца нема да трае бесконечно. Откако ќе се достигне заштитното ниво на колективниот имунитет, што ќе се случи кога 70 до 75 проценти од населението ќе има имунитет на ковид 19, тие препораки ќе исчезнат. Значи, враќањето во нормала нема да биде пристискање на прекинувач за светло, дури и кога вакцината ќе стане достапна. Се разбира, вакцинираните граѓани во секој случај ќе се чувствуваат порелаксирано и нема да биде потребна преголема строгост во врска со мерките како до вакцинирањето, додава професорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот