Проектот „One stop shop“ на ГП „Ќафасан“ во завршна фаза

Фото: МИА

Реализацијата на проектот „One stop shop“ на граничниот премин Ќафасан е во завршна фаза, а како што информираше директорот на Царинска управа, Стефан Богоев во моментов се поставува соодветна инфраструктура, со што граничните формалности меѓу двете држави ќе се реализираат само со едно застанување.

По средбата со албанскиот колега Генти Гажели, Богоев информираше дека со овој проект ќе се олесни трговијата, транспортот и ќе се овозможи побрз проток на патници.

Во моментов во Царинската управа во подготовка се проекти за зголемување на бројот на сообраќајни ленти и автоматизација на граничниот премин со поддршка на Владата и финансиски средства обезбедени од Светска банка и ИПА фондовите. Сите овие активности се во насока на побрзо завршување на царинските постапки, намалување на трошоците и подобрување на конкурентноста на домашните компании на меѓународниот пазар, како и за побрза интеграција на нашата држава во Европската унија, истакна Богоев.

На овој граничен премин, потсети дека е воспоставена и приоритетна лента за сите товарни возила од земјите од Отворен Балкан, за стоки кои поминуваат во рамки на зелените коридори, како и за компаниите кои имаат сертификат за овластен економски оператор од Македонија, Албанија и Србија, за кои претходно е завршен процесот за меѓусебно признавање во рамките на ЦЕФТА.

Реализацијата на проектот „One stop shop”, според директорот на Царинската управа на Албанија, Гажели, ќе го подобри животот и бизнисот не само на Албанија и Северна Македонија, туку и за целиот регион и пошироко.

Тука сме денес за да најдеме решение и да го ставиме во функција овој многу значаен проект, кој ќе просперира и ќе го унапреди бизнисот во Албанија и Северна Македонија, рече Гажели.

Инфраструктурните зафати се очекува да завршат за неколку месеци по што ќе почне имплементацијата на проектот за заедничните гранични контроли меѓу Северна Македонија и Албанија на граничниот премин Ќафасан. Идејата за воспоставување на „Оne stop shop“ на Ќафасан почна во 2018 година, а протоколите за имплементација на проектот беа потпишани во ноември минатата година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот