Проблеми во КК Куманово: Кошаркарите и стручниот штаб се заканија со бојкот

КК Куманово по втор пат е исфрлен од БИБЛ лигата/ фото: balkanleague.net

Подолго време ситуација во КК Куманово не е како што треба, клубот се соочува со проблеми, а најголем проблем се финансиите.

Кошаркарите на Куманово заедно со стручниот штаб сега се одлучија да се огласат со соопштение до јавноста. Во соопштението се наведуваат тешкотиите низ кои поминуваат, а поради лажните ветувања најавија бојкот на тренинзите и натпреварите.

Соопштението од КК Куманово ви го пренесуваме во целост:

„Во името на сите играчи и стручен штаб на КК Куманово сакаме да ја известиме јавноста за реалната ситуација во клубот. Пред сè „Кумани“ како навивачка група, и Куманово како кошаркарски град. Сметаме дека кумановци заслужуваат да ја знаат вистината за клубот кој безусловно го бодрат. Долг од пет плати, ладна сала која протекува, тејпови за бандажирање, физиотерапевт, вода за пиење, па дури и искинати мрежи на кошевите, терапија за повредените играчи. Ова е само еден мал дел од проблемите со кој се соочуваме во текот на цела натпреварувачка сезона.

Кошарката во Куманово е заложничка на две спротивставени структури кој управуваат со клубот, единствени директни жртви сме ние играчите и стручниот штаб. Слушавме информации дека клубот ке биде продаден, но тоа не се случи, градските власти немаат намера да помогнат.

Прашуваме дали градоначалникот ке дозволи во големата сала која се реновира да нема прволигашка кошарка!?! Што се однесува до добиениот ваучер со кој треба клубот да застане цврсто на нозе горенаведените структури не се способни да го уновчат, најавуваме дека после натпреварот против Струмица во недела целосно застануваме зад нашите барања и нема да тренираме и играме натпревари, а сите знаете дека со два службени натпревари клубот испаѓа во најнизок ранг.

Доста беше со лаги и празни ветувања од луѓето кој го водат клубот, овој пат нема отстапка. Дозволете ни да играме кошарка и да се врати клубот на старите патеки и кумановци да се вратат во сала!!!“.

Кумановци на две кола пред крајот на сезоната се претпоследни и без шанси за место во плеј-офот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот