
Притисоците од ДУИ се политичко дивјаштво, смета претседателот на Уставниот суд пред подготвителната седница за Законот за јазиците
Подготвителната седница се свикува пред Уставниот суд да донесе одлука за поведување постапка, а на неа освен домашни експерти, ќе присуствуваат и еден судија од Венециската комисија и еден од Европскиот суд за човекови права.
Ова не е политички примитивизам, туку политичко дивјаштво и со индигнација ги отфрлам сите лаги и тешки манипулации, вели претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски за секојдневните притисици од ДУИ во пресрет на подговителната седница на Судот за законот за употреба на јазиците, закажана за 20 март. Во изминатиот период ДУИ континуирано се заканува дека никој не смее да чепне во албанскиот јазик кој е со крв стекнат.
Препорачано
Костадиновски на брифинг со новинарите најави дека на подготвителната седница ќе учествуваат подносители на иницијативата, повеќе експерти, вклучувајќи претставници од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Венециската комисија и професори од правните факултети во државава. Иако биле поканети нема да дојдат творците на Уставот и учесниците во Рамковниот договор.
– Зошто постои Уставниот суд? Што треба да направиме со таа иницијатива, да земеме да ја искинеме, да ја чуваме до 2030, 40, 50, што треба да направиме кога имаме јасно определени надлежности и должности. Ние сме должни да одговориме на прашањето. Ама да се употребат такви тешки зборови, да се игра на чувствата на граѓаните, да се манипулира, е, не знам како да го наречам, не политички примитивизам, туку политичко дивјаштво. Ова е брутално, ова се лаги, невистина. Од каде знаат каква ќе биде одлуката на судот. Кој може да ја предвиди одлуката? Уште од сега знаат каква е одлуката на судот. Што ако судот рече дека нема никаков проблем, ќе се извинат ли тогаш за ваквите тешки лаги. Со индигнација ги отфрлам сите лаги, тешки и опасни манипулации – рече Костадиновски.
Тој е дециден дека партиите мора да се научат на политичка култура зашто е ненормално целото општество да се чува во заложништо поради нечии политички амбиции, на која било партија.
– Не можам да ја разберам смислата за толку драматизирање. За што постои законодавецот? Дури и да донесеме некоја одлука ние му укажуваме ова не е во ред и тој знае како да го доуреди. И каде тука се загрозени правата на кого било? Тоа е владеење на правото. Законодавецот ако излезе од уставната рамка Уставниот суд го корегира, а законодавецот интервенира. Ама ваков жесток вординг, жестоки обвинувања… – констатира претседателот на Судот.
Тој цврсто стои на ставот дека Судот нема да прави компромиси со никого за владеењето на правото.
– Мојата цел не е да ги разубедувам политичарите, нема да престанат, нивните манипулации ќе продолжат. Ако со подготвителната седница успееме ние како Суд да ги убедиме граѓаните да не бидат манипулирани, тоа е успех – рече Костадиновски.
Тој информираше и дека го известиле МВР дека на 20 март ќе се одржи седницата и дека на полицијата е да одлучи како ќе постапи, особено што на претходната седница за Законот за јазиците, Коалицијата Европски фронт протестираше пред Судот.
ДУИ континуирано предупредува дека се прават обиди за напад на најчувствителното прашање од Охридскиот рамковен договор – прашањето за јазикот. Според интегративците, секој обид за оспорување на Законот за употреба на јазиците е обид за оспорување на Охридскиот договор и уставниот поредок на земјава.
– Денес ја одбележуваме четвртата годишнина од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците со што албанскиот јазик го доби заслуженото место во нашиот мултиетнички државен систем. Но, четири години подоцна, антиохридските духови повторно се разбудија за да го нападнат најчувствителното прашање, токму таму каде што синџирот е најслаб – прашањето на јазикот, најсилниот симбол на еднаквоста и меѓуетничката хармонија – велат од ДУИ.
За опозициската партија оспорувањето на Законот е напад врз темелите на соживотот и евроатлантската ориентација на државата. Оценувањето на уставноста на Законот, според ДУИ, е политички мотивиран и репресивен чин кој доведува до создавање тензии и отворање на старите рани од минатото.
-Апелираме до сите државни институции и меѓународни фактори да не дозволат земјата да се лизне по патот на ревизионизмот, кој може да доведе до длабока политичка и институционална криза со непредвидливи последици. ДУИ со сите демократски средства ќе го брани Законот за употреба на јазиците и нема да дозволи враќање назад – децидни се од ДУИ.
Костадиновски информира дека на подготвителната седница се поканети Мартин Кујер, потпретседател на Венециската комисија и холандски врховен судија, кој ќе го образложи пријателскиот совет што го побара нашиот суд и Артурс Кучс, судија на Европскиот суд за човекови права со експертиза за малцинските права и употребата на малцинските јазици, кој ќе ја образложи праксата на ЕСЧП во слични случаи и ќе ги презентира европските стандарди за употребата на јазиците.
Од домашните експерти на седницата ќе присуствуваат Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија на ЕСЧП, Рената Дескоска, професор по уставно право и член на Венециската комисија, проф. Борче Давитковски, Јетон Шасивари, професор по уставно право на Универзитетот за Jугоисточна Европа, Гордана Лажетиќ, експерт по казнено процесно право, Мерсељ Биљали, експерт по меѓународно право, Денис Прешова, експерт по уставно право, Мерсим Максути од Државниот универзитет во Тетово, Абдул Меџит Нуредин од Меѓународниот универзитет Визион од Гостивар, доц. д-р Азам Кор Бајрам од Визион Гостивар, Жаклина Доведен, претседателка на Апелацискиот суд Битола, Иван Џолев, претседател на Кривичниот суд Скопје и Бурим Сејдини, претседател на Управниот суд.
Претседателот објасни дека на седницата ќе се зборува само за материјалното право, бидејќи формалниот дел на уставноста е веќе апсолвиран. Станува збор за Указот за Законот за јазици за кој е веќе одржана подготвителна седница во 2021 година.
На седницата ќе се дискутира за шест спорни прашања.
Подготвителната седница се свикува пред Уставниот суд да донесе одлука за поведување постапка. Седница почнува со краток осврт на судијата известител за фактичката и правната состојба и кои биле спорните прашања, при што сите учесници ги даваат своите правни мислења исклучиво за спорните прашања.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии и здруженија, оформен во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венециската комисија. Уставниот суд може да ги отфрли иницијативите, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.
Законот за јазиците ќе оди на подготвителна седница во март, одлука најдоцна во мај