Законот за јазиците ќе оди на подготвителна седница во март, одлука најдоцна во мај

Криза пред уставен/ фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

 Законот за јазиците ќе се најде на подготвителна седница на Уставниот суд во март, а најдоцна до мај се очекува одлука за уставноста на Законот. Откако тројца судии ја напуштија седницата, ДУИ реагираше дека е недозволиво во мултиетничка држава највисокиот орган да одржува седници со моноетнички состав, особено на чувствителни теми.

Во отсуство на тројца судии – двајца Албанци и еден Турчин, Уставниот суд одлучи да одржи подготвителна седница пред расправата за уставноста на Законот за употреба на јазиците. Одлуката на Судот не ги поколеба лидерите на Европскиот фронт, Али Ахмети и Зијадин Села, да продолжи „стражата за јазикот“, затоа што како што велат, единствена правилна одлука на Уставниот суд е да ги отфрли сите 13 иницијативи за уставноста на Законот за јазиците. Според ДУИ, подготвителната седница само ја покажува тенденцијата на Судот да го укине Законот, во спротивно воопшто не требало да заседава во моноетнички состав.

Судот заседаваше под засилено полициско обезбедување, не само на зградата на Уставниот суд, туку беше блокирано движењето на сите мостови во центарот на Скопје што водат накај Судот, а полиција имаше и пред Собранието.

Полиција пред Уставен суд-Фото: Слободен печат- Драган Митрески

Уставните судии со пет гласа „за“ и еден „против“ го прифатија предлогот на судијката известител Елизабета Дуковска да се одржи подготвителна седница. Против предлогот беше само судијката Добрила Кацарска.
Аргументите за подготвителната седница според Дуковска и колегите што го прифатија предлогот се дека Судот на тој начин пред граѓаните ќе покаже дека е непристрасен за да ги слушнат мислењата на експертите по уставно право, но и тие на странските експерти од Венециската комисија, од кои побарале пријателски совет.

– Подготвителната седница е и за да ги разобличиме сите обвинувања и обиди за етнизација и политизација на Уставниот суд. Наша должност е да ги увериме граѓаните во нашата непристрасност – рече Дуковска.

Другите аргументи се дека Судот треба да покаже дека владее правото и дека уставноста на законите не се брани под шатори, на улица и со политички ставови, туку во Судот. Судијката Ана Павловска Данева смета дека Судот треба да одржува повеќе подготвителни седници за да може и науката да го даде своето мислење. Според судијката Тања Васиќ Бозаџиева, подготвителната седница ќе ја покаже транспарентноста на Судот особено кога се расправа за чувствителни прашања. На тој начин Судот покажува дека е одговорен.

Криза пред уставен/ фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Подготвителната седница ја поддржа и судијката Јадранка Дабовиќ, бидејќи смета дека така ќе биде отфрлен секој сомнеж затоа што во јавноста некои Законот го читаат со ум и со разум, додека други со емоции и со срце. И претседателот на Судот Дарко Костадиновски е за подготвителна седница за да се разобличат сите обиди за политизација и за етнизација на Судот и за да ја уверат јавноста во нивната непристрасност и независност.
Само судијката Добрила Кацарска се изјасни против одржување подготвителна седница, бидејќи веќе имало подготвен реферат во кој е одговорено на сите иницијативи за оспорување на Законот, како и став од Венециската комисија.

– Зарем науката ќе ни каже дали Законот во целост или некои негови делови се во спротивност со Уставот. Кој треба да ни објасни дали со овој Закон може да се дерогираат двотретински закони? На овие прашања треба ние да одговориме. Венециската комисија во 98 точки се изјаснила за Законот – рече Кацарска.

На седницата не присуствуваа судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари. Пред гласањето на
дневниот ред, од седницата замина и судијата Фатмир Скендер, бидејќи не беше прифатен неговиот предлог да се одложи оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците поради бојкотот на судиите Кадриу и Ајдари.

Криза пред уставен/ фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Пред зградата на Уставниот суд, функционери од Европскиот фронт со негодување ја дочекаа одлуката за подготвителна седница. Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи рече дека е недозволиво во мултиетничка држава највисокиот орган да одржува седници со моноетнички состав, особено на чувствителни теми.

– Секогаш ваквите моноетнички состанувања или седници биле најава на лоши периоди во мултиетнички држави. Пораката на тројцата уставни судии од етничките заедници со нивното неприсуство беше доволен сигнал за да прекине седницата веднаш. Во име на албанскиот народ ја одбивам секоја одлука што значи продолжување на процесот на укинување на Законот за употреба на јазиците. Единствената праведна одлука што требаше Уставниот суд денеска да ја донесе е да ги отфрли сите 13 иницијативи и да се затвори ова прашање. Закажувањето на подготвителни седници е само продолжување на процесот на укинување на Законот за јазици – рече Османи.

Тој додаде дека ова не е само кауза за албанскиот јазик, туку и за заштита на мултиетничка европска Македонија и дека очекуваат поддршка од сите етнички заедници за да ги изолираат „силите што ја враќаат Македонија 20 години наназад“.
Османи најави дека „стражата за јазикот“ ќе продолжи, односно дека ќе бидат пред Судот кога ќе се одржи подготвителната седницата.

Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од граѓани, политички партии, здруженија и оформен е во 2019 година. Уставниот суд треба да одлучува за уставноста на Законот за употреба на јазиците, по иницијативите во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно за сите 25 членови на Законот.

По однос на иницијативите, Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за Законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Собранието.

Ахмети: Уставен да ги отфрли иницијативите за сузбивање на албанскиот јазик

Претходно додека траеше седницата на Уставниот суд, Ахмети оцени дека треба да се отфрлат 13-те иницијативи за укинување на албанскиот јазик. Ахмети кажа дека таму не се собрале да се тепаат, туку да го слушнат гласот на разумот.

Криза пред уставен/ фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

– Денеска овој едностран суд мора да ги отфрли 13-те иницијативи за сузбивање на албанскиот јазик. Тоа би била нивната најмудра одлука бидејќи таму се етнички чисти, без присуство на поголемата албанска заедници и на третата – турската заедница. Сакаме мир, стабилност, дојдовме тука како семејство. Не дојдовме ни да се судриме, туку да го слушнеме гласот на разумот – рече Ахмети.

Тој го спореди денешниот ден со случувањата во 1989 година, кога поранешниот претседател на Србија Слободан Милошевиќ ја потисна автономијата на Косово, повлекувајќи историски паралели со сегашните состојби.

Костадиновски: Судот е под политичко насилство, уцени и притисоци

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски обвини дека подолг период сведочат на политичко влијание, насилство, притисоци и уцени врз Уставниот суд.

-Тоа е резултат на фрапантно отсуство на политичка култура, да не зборувам за уставна култура. Повеќепати кажав дека нема да дозволам Уставниот суд да биде уценуван од никого и да биде под притисоци и закани од кого било. Секој што мисли дека владеењето на правото, правната држава ќе ја попречат со политичко влијание и со манипулации, воопшто да не се трудат, такво нешто нема да се случи. Уставниот суд е чувар на Уставот, чувајќи го Уставот ние го чуваме поредокот. Алтернативата од тоа е влез во непоредок, а секој непоредок создава хаос – рече Костадиновски.

Криза пред уставен/ фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Тој додаде дека иако не сакаат да полемизира со политичарите, приморани се за да ги уверат граѓаните во нивната независност и непристрасност.

– Денешната одлука не сакам од никој да биде разбрана како слабост или подлегнување под нечиј притисок. Ние ќе продолжиме со постапувањето по тој предмет – рече претседателот на Уставниот суд.

Тој како манипулации на политичарите со чувствата на граѓаните ги оцени обвинувањата дека Судот е параполитичка организација и дека посакувале дестабилизација. Дека се доведува во прашање употребата на албанскиот јазик, дека укинуваат нечии права и дека работат политички. Костадиновски најави дека подготвителната седница најверојатно ќе биде закажана во март следната година откако ќе го добијат мислењето од Венециската комисија, а на седницата ќе бидат поканети и експерти од таму. Најдоцна во мај Уставниот ќе одлучува за уставноста на Законот за јазиците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот