Фото: илустрација

„Природните ресурси се заедничко добро“ – „Еко правда“ отвори петиција против законите за минерални суровини и концесии

Граѓанска организација „Еко правда“ покрена јавна онлајн петиција против предложените измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, кои се наоѓаат во собраниска процедура. Сметаат дека предложените измени отвораат сериозни прашања од јавен интерес и носат потенцијални ризици кои директно влијаат врз животната средина, приватната сопственост и квалитетот на живот.

„Предложените измени создаваат реален ризик од негативни последици по јавниот интерес, вклучувајќи олеснето доделување концесии и отворање нови рудници, со што се зголемува притисокот врз природните ресурси. Понатаму, проширување на можностите приватни субјекти да иницираат проекти од ‘јавен интерес’, без доволно јасни критериуми. Исто така, потенцијална злоупотреба на поимот ‘јавен интерес’, што може да резултира со експропријација на приватен имот. Воедно, долгорочни последици врз животната средина – загадување на вода, почва и воздух, како и ризици по здравјето на населението, особено во локалните заедници“, стои во петицијата.

Дополнително, посочуваат од организацијата, загрижувачки е начинот на кој се предлагаат овие измени, а тоа е по скратена постапка, без доволна јавна расправа и без суштинско учество на стручната и граѓанската јавност.

„Во интерес на транспарентноста, одговорноста и заштитата на јавниот интерес, бараме итно повлекување на предложените законски измени. Бараме организирање на широка, инклузивна јавна расправа, со активно учество на експерти, граѓански организации и локални заедници. Целосна транспарентност во сите постапки поврзани со концесии, експлоатација на природни ресурси и јавно-приватни партнерства. Јасно дефинирање и заштита на јавниот интерес, со приоритет на заштитата на природните ресурси и здравјето на граѓаните“, бараат еко-активистите.

Според нив, ова прашање ги надминува политичките разлики. Односно, велат тие, станува збор за долгорочната заштита на природните ресурси и условите за живот во нашата држава.

Со потпишување на оваа петиција, застануваме зад принципите дека природните ресурси се заедничко добро и треба одговорно да се управуваат. Јавниот интерес мора да биде јасно дефиниран и заштитен. Одлуките што влијаат на сите граѓани треба да се носат транспарентно и со учество на јавноста. Твојот потпис прави разлика. Потпиши се денес“, стои во петицијата.

„Слободен печат“ веќе пишуваше за предложените законски измени, кои стигнаа во Собрание по скратена постапка по иницијатива на пет пратеници, а притоа повлекоа повеќе реакции.

„Природата не е на распродажба“ – еколозите алармираат за предложените закони за минерални суровини и за концесии

„Со носење на неиздржани и неаргументирани решенија во рударството, негативните импликации врз човековата природа и околина ќе траат со векови, а ќе влијае и врз опстанокот на македонската држава“, реагираа од  „Спас за Гевгелија“.

Од „Здрава котлина“ исто така реагираа за законските измени, кои, како што рекоа, би отвориле врата за концесионер да може да добие дозвола за експлоатација на минерални суровини на туѓа земја, без притоа да биде завршена и правосилна постапката за експропријација на земјиште.

„Ја повикуваме пратеничката Ели Панова да делува разумно и да го повлече овој избрзан предлог кој очигледно е правно неиздржан и ќе падне на Уставен суд, а во меѓувреме ќе продуцира многу спорови кои ќе се одразат на владењето на правото и заштитата на приватната сопственост. Ова има импликации на сите рудници (вклучително и Иловица-Штука) каде на мала врата се носи фалично законско решение без да се размисли за последиците! А последици ќе има!“, забележaa од „Здрава котлина“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот