Прилепчани бараат казна за школскиот хигиеничар кој сексуално малтретирал девојче со посебни потреби
Прилепското обвинителство започна да работи по пријавата за сексуално вознемирување извршено од хигиеничар во училиште врз 15-годишна ученичка со посебни потреби. Како што пишуваше „Слободен печат“, и покрај тоа што случајот бил пријавен, осомничениот хигиеничар и нападнатото девојче и натаму одат во иста смена во училиштето.
Препорачано
-Започнавме со прибирање потребни известувања, а денеска имавме и распит, меѓу кои и на ученичката, а испрашани се директорката и социјален работник во училиштето. Поднесовме наредба до полицијата да ги прибави видеозаписите од училиштето. Психолог ќе вештачи за душевната состојба на ученичката за на крајот да решиме дали ќе се отвори предмет и дали ќе има кривично гонење, изјави за МИА јавниот обвинител Маријана Илиеска.
Настанот наводно се случил на осми февруари, па оттаму е нејасно зошто толку долг период беше потребен за надлежните да бидат информирани и да започнат да постапуваат. Хигиеничарот и ученичката одат во иста смена на училиште, снимките од камерите не се прегледани, а ниту осомничениот ниту девојчето не беа досега викнати во полициска станица, претходно објави телевизија „Клан“. Инаку, на 14 февруари годинава, вработена во училиштето пријавила дека малолетничката ја информирала дека била допирана по телото од вработен во училиштето.
– На 14 февруари во 10,40 часот во полициската станица во Прилеп од вработена во средно училиште било пријавено дека малолетна ученичка кај неа пријавила дека била допирана по телото од вработен од училиштето. Полициските службеници презеле мерки и активности и за случајот е известен јавен обвинител, информираат од СВР Битола.
Директорката на училиштето наведува дека ученичката била „дете под ризик“.
„Ги презедов сите потребни активности, беше направен разговор со родителите на ученичката, стручна служба, вработениот во училиштето. Поради тоа што добив различни изјави, настанот веднаш го пријавив во Центарот за социјални работи и во МВР. Ова дете е дете во ризик и затоа побарав од Центарот за социјална работа да се преземат нивни понатамошни активности“, вели директорката на школото „Орде Чопела“, Тереза Златеска.
Од пријавениот инцидент се поминати три недели, а хигиеничарот го негира делото. Граѓаните повикуваат на случајот да не му се дава партиска или друга позадина, а надлежните да го процесуираат согласно законите.
Лани во Прилеп, тренер по џудо доби 20 години затвор поради сексуално малтретирање на четири малолетни девојчиња, ученички на кои им бил тренер. За овој скандал сѐ уште се зборува низ прилепската чаршија. Јавноста дозна за злосторството кога еден од родителите го пријави тренерот-сексуален насилник во полиција.
Вработен во средното хемиско во Прилеп допирал ученичка, а сега двајцата се во иста смена


