Прилеп има „Патека на славните“ – по девет години, на неа е откриена нова ѕвезда
Во надвечерјето на Денот на ослободување на градот, синоќа „Патеката на славните“ во Прилеп доби нова ѕвезда. За првпат по 2016 година, еден заслужен граѓанин доби почит и чест со поставување на вакво обележје. Се работи за Коста Смилески, кој остави неизбришливи траги во културниот живот на Прилеп, со својата посветеност, талент и љубов кон музиката и театарот.
Препорачано
Роден на 11.03.1939 година во Прилеп, Коста Смилески завршува музичко училиште во „Ордан Михајлоски-Оцка“ и музичка академија во Скопје. Како флејтист, активно учествува во КУД „Моминок“ и КУД „Мирче Ацев“ и е еден од основачите и иницијаторите на Долненскиот фестивал. Во 1962 година се вработува во Македонската радио и телевизија во Народниот оркестар како флејтист, а неговиот талент го донел до прва награда за првенец инструменталист на флејта во Загреб. Коста Смилески е автор, аранжер и мелограф на повеќе од 300 ора и голем број македонски народни песни. Неговата работа на ората „Зајачко оро“, „Прилепско оро“ и песните што ги изведуваше Јонче Христоски, како „Свирете ми чалгии“ и „Не сакам лажна среќа“, останува дел од македонската музичка традиција. До последните мигови тој остана вљубен во македонската народна музика и култура.
Ѕвездата на еден од најзначајните музички дејци на Прилеп ја открија градоначалникот на Прилеп заедно со членови на семејството на Коста Смилески.
„Оваа ѕвезда на патеката на славните прилепчани е уште едно потсетување дека музиката и наследството на нашиот град продолжуваат да живеат низ делата на своите луѓе“, рече градоначалникот Проданоски.


