Принтскрин Јутуб

Прилеп и Битола конечно ќе се поврзат, почнаа работите на Коридорот 10-Д

Денес беше поставен камен-темелник за автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10-Д, една од четирите делници што ќе се градат со Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Премиерот Ковачевски им порача на министрите и на градежниците „да престанат да зборуваат и да се фатат за работа“

Речиси сите досегашни министри за транспорт биле или од Прилеп, или од Битола или од Ресен и никој досега не изградил автопат меѓу Прилеп и Битола, ама затоа сега тоа ќе им го направи министер од Штип – Благој Бочварски, поентираше премиерот Димитар Ковачевски на свеченоста по повод поставување на камен темелник за автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10-Д, една од четирите делници што ќе се градат со Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, денес во Прилеп. Тој им порача на сите присутни и на компаниите што ќе градат „да престанат да зборуваат и да се фатат за работа“.

– Десетици години овие проекти беа само на хартија, а сега на терен може да видат реални подготвителни работи. Стануваме крстосница, престануваме да бидеме заобиколница. Модерната инфраструктура е иднината на секоја економија, таа носи нови инвестиции и нови работни места. Не само што поврзува градови, туку и регионите ги прави побогати. Најразвиени региони ни се оние покрај Коридорот 10Д, а најнеразвиени се оние покрај Коридорот 8, кој почнавме да го реализираме решително. Ова модерно автопатско решение во должина од 40 километри ќе направи пресврт во економскиот развој – порача Ковачевски.

Првиот вицепремиер Артан Груби имаше три пораки, а првата му ја упати на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, обраќајќи му се „дека никој, па ни свети Мицкоски нема да го спречи завршувањето на овој проект и дека оваа Влада ќе му ја пресече лентата“.

– Тоа што се случуваше неделава во Собранието и тоа што минатата недела го направи Владата, покажува дека ставаме крај на заложништвото во Собранието, крај на заложништвото за иднината на државата и на граѓаните. И конечно сакам да им порачам на сите дека мора станеме дел од европското семејство – истакна Груби, повикувајќи ги „сите да се подготват и да се качат на европскиот воз“.

Упатувајќи им честитки на сите ангажирани во историскиот инфраструктурен проект, министерот за транспорт Благој Бочварски ги потсети присутните дека тие што доаѓајќи кон Прилеп виделе бројна механизација е доказ дека Република Македонија забрзано работи на рехабилитација и модернизација на регионалните патишта, а врвот е оваа автопатска делница.

– Ова значи отворање нови 8.000 работни места и зголемен раст на БДП, ова значи извор на економски просперитет – додаде Бочварски, поентирајќи дека „нема да запрат, додека не ја завршат работата“. Свое обраќање до присутните имаше и Ејуп Рустеми, директор на ЈПДП, кој исто така ги поздрави сите ангажирани во овој историски проект, додека Ерик Мејер, в.д. американски амбасадор, се изјасни дека ќе биде уште посреќен кога низ овој автопат ќе почнат да возат не само автомобили, туку и камиони со стока, што ќе ја збогати не само локалната економија, туку и целиот регион.

Договорот со американско-турскиот конзорциум, стратешки партнер ангажиран со посебен закон и за проектирање и за изградба на автопатите, стапи во сила на 22 април. Преку Јавното претпријатие за државни патишта веќе се префрлени првите 117 милиони евра за подготвителните активности во пресрет на градежните работи, а со Програмата за финансирање на делниците на коридорите за годинава се предвидени вкупно 243 милиони евра. Вкупната вредност на проектот, според првичните најави од Владата, ќе изнесува 1,3 милијарди евра, како и дополнителни 300 милиони евра за експропријација.

За потсетување, во собраниската Комисија за европски прашања завчера почна расправата за измените на петте закони поврзани со изградбата на коридорите, што ги предложи Владата по скратена постапка со европско знаменце, со образложение дека со нив ќе се олеснат процедурите за поевтина и побрза изградба.

Ново модно усогласување на Груби, овој пат со 10-Д

Вицепремиер Артан Груби не само со зборови туку и преку облеката уште еднаш ја покажа својата посветеност на овој инфраструктурен проект, па така за овој ден имаше нова маица со жолт натпис „10-Д“. Груби на 4 април избра тегет комбинација со жолта осумка за да биде во „тон“ со Коридорот 8.

– Делницата ќе се заврши и по неа ќе возат граѓаните. Дојдено е крај на заложништвото на граѓаните и на иднината на Република Северна Македонија. Тоа нема да се толерира и се демонстрира дека е дојден крај – порача Груби.

Пораките од ЕУ за европското знаме не допираат до Владата

ЕУ за „Слободен печат“: Загрижени сме од неоправданото користење на европското знаме

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот