Пораките од ЕУ за европското знаме не допираат до Владата
Предложените законски измени поврзани со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д не го заслужуваат европското знаменце за ставање на брза лента во Собранието. „Европското знаме може да се користи само кога има усогласување со европските закони и практики, а ова не е случај“, вели евроамбасадорот Дејвид Гир
До Владата очигледно не допираат забелешките од Европската Унија дека законите поврзани со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д не го заслужуваат европското знаменце за ставање на брза лента во Собранието.
Препорачано
И покрај секојдневните опомени од евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир дека европското знаме се користи само кога станува збор за усогласување со европските закони и практики, што не е случај со предложените до Собранието измени на пет закони, премиерот Димитар Ковачевски вчера го повтори и го потврди она што претходните денови го говореа министрите, вклучувајќи го и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Ковачевски го повтори образложението
Според Ковачевски, европското знаменце се користи „за да добиеме поевтини патишта“.
– Со оглед на тоа дека овие, како и низа други закони беа блокирани во Собранието, а имаат за цел унапредување на различни делови во нашето општество, беше одлучено да одат на Комисијата за европски прашања, која обезбедува нивно побрзо донесување и побрзо работење на терен. На граѓаните им се потребни коридори, а не дневнополитички препукувања. Нашата ориентација кон ЕУ е неспорна и тука нема дискусија, а во однос на изградбата на автопатските делници и законите со европско знаменце, ќе ви повторам дека нашата интенција е да градиме побрзо и поевтино – рече вчера Ковачевски, објаснувајќи дека коридорите се инфраструктурен проект значаен за нашата држава и за економијата и дека се стратешки и европски поврзани коридори.
Сепак, Ковачевски остана покус за одговор на забелешките од ЕУ.
Кусо по објаснувањето од Ковачевски стигна уште една опомена од Европската Унија. Амбасадорот Гир, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека со Владата имале редовни контакти за ова, но и за ред други прашања, и како претставници на Унијата секогаш се подготвени да ја сослушаат Владата што има да каже. Исто како што имаат редовен дијалог и со опозицијата за прашањата кои ги покренуваат.
– Го отворив прашањето дека европското знаме многу често се употребува за донесување некои закони. Европското знаме може да се користи само кога има усогласување со европските закони и практики, а ова не е случај. Освен тоа, за користење на европското знаме треба претходна вистинска консултација меѓу политички партии – рече амбасадорот Гир.
ЕУ нема механизам да ја спречи ваквата практика
Иако изразува загриженост, евроамбасадорот не одговори дали ЕУ има некаков механизам да ја спречи ваквата практика на власта.
Прашањето е дали ЕУ реално може да направи нешто повеќе од опомените кои ги пренесува амбасадорот Гир? Експертите што го следат процесот на евроинтеграција сметаат дека што и да направат од ЕУ, нема да влијаат врз крајниот исход, бидејќи власта е решена ова да го истурка до крај. Од ЕУ можат да испраќаат пораки со забелешки и опомени, може да се огласи некој повисок претставник на Унијата со поостра изјава, може да ни кажат дека ја кршиме Спогодбата за стабилизација и асоцијација или кога ќе ги почнеме преговорите по поглавја некој да се „закачи“ за ова прашање во делот за јавните набавки, па дури и да добиеме некаква одредница за тоа. Но тоа би било во некоја иднина.
Во меѓувреме, извесно е дека ова прашање ќе се најде во годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава што ќе се објави наесен, но и тоа ќе биде пост-фестум. Дотогаш прашање е што ќе преовлада по важност – европското знаменце или уставните измени?
И додека ЕУ и Владата ги повторуваат истите пораки, опозициски пратеници, членови на собраниската Комисија за надворешни работи, во писмо до Европската комисија и Европскиот парламент ја обвинија власта дека го злоупотребува европското знаменце за законите за коридорите со цел да ја скрие високата корупција. Писмото потпишано од 27 пратеници го испратија до претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, до еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи, до претседателот на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент Дејвид Мекалистер, европратеникот и известувач за Македонија Илхан Ќучук, како и до евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.
Како што стои во дописот до европските институции, договорот со „Бехтел и Енка“ нема ништо заедничко со ЕУ законодавството, туку целта е само да се скрати парламентарната дебата. Истовремено, тоа значи непочитување на мандатот на пратениците, како и дерогирање на репутацијата на ЕУ во земјава.
Хрватското искуство
Законите за договорот со „Бехтел и Енка“ не се прво вакво искуство за ЕУ. Уште во 2004 година Хрватска, која тогаш беше речиси на исто ниво во евроинтеграцијата на кое што е сега Македонија, по силниот притисок од опозицијата и медиумите, но и притисокот од Европската комисија, се повлече од договорот со моќната американска компанија.
Тогашниот премиер Иво Санадер и неговите министри попусто се обидуваа да ги убедат гласачите дека договорите на претходната влада им ги врзале рацете, па морале да го почитуваат договорот. Аргументите на противниците беа дека „избегнувањето јавен тендер е елдорадо кое отвора простор за корупција“.


