Фото: Wikimedia Commons

„Звечево“ — од симбол на југословенската индустрија до технички стечај

Познатата хрватска кондиторска компанија „Звечево“, еден од најпрепознатливите брендови за слатки од поранешна Југославија, чија приказна е постара од 100 години и датира уште од 1921 година, западна во сериозна финансиска криза по преземањето од рускиот бизнисмен Денис Штенгелов, пишува „Б92“.

Компанијата минатата година прикажала нето загуба од 8,5 милиони евра, додека приходите изнесувале околу 12,5 милиони евра. Тоа е првата целосна деловна година под контрола на новиот сопственик.

Штенгелов пред две години преку компанијата Флексвеј Адриатик станал сопственик на „Звечево“. За 75 проценти од акциите на тогашниот сопственик Здравко Алвир платил 11 милиони евра, а подоцна ги откупил и преостанатите акции, со што станал единствен сопственик на компанијата.

Рускиот бизнисмен ја контролира и компанијата КДВ, голема прехранбена групација во Русија која произведува слатки и поседува синџир од повеќе од 1.000 супермаркети под брендот „Јарче“. Токму поради таа мрежа постоеле очекувања дека продажбата на „Звечево“ ќе порасне, но приходите продолжиле да паѓаат.

Во двете години под руско сопствеништво, компанијата акумулирала загуби од речиси 15 милиони евра. Според податоците на Финансиската агенција, капиталот и резервите на компанијата на крајот од минатата година биле во минус од околу 16 милиони евра, што практично значи дека „Звечево“ е во технички стечај.

Сепак, формален стечај не е прогласен бидејќи зад компанијата стои приватен сопственик за кого се претпоставува дека може да ги покрие обврските. Засега не е познато какви планови има Штенгелов за иднината на компанијата.

Рускиот инвеститор ја купил хрватската компанија преку новоформирана фирма во Хрватска, која е во сопственост на Флексвеј од Дубаи. Хрватските медиуми првично очекувале 2024 година да биде период на средување на финансиските биланси, а 2025 година да покаже дали новиот сопственик навистина има план за закрепнување на брендот. Наместо тоа, бројките во втората година биле уште полоши.

На чело на компанијата и понатаму останал Хрвоје Алвир, син на поранешниот сопственик Здравко Алвир. Во управата претходно бил и Илија Караматиќ, човек од доверба на Штенгелов, но повеќе не е дел од менаџментот.

Караматиќ и понатаму е директор на Флексвеј Адриатик, која ги поседува сите акции на „Звечево“, а воедно е и главен менаџер на руската КДВ групација за тој пазар и претседател на Надзорниот одбор на компанијата.

„Милка“ ги „измолзела“ купувачите со смалените чоколади, пресуди германски суд

Интересно е што во меѓувреме Караматиќ станал и единствен сопственик на фудбалскиот клуб „Горица“, каде што ја извршува и функцијата директор. Хрватските медиуми наведуваат дека зад клубот најверојатно стои капиталот на Штенгелов.

И покрај финансиските проблеми, во „Звечево“ не отпуштиле работници и задржале околу 190 вработени. Просечната нето плата минатата година изнесувала нешто повеќе од 1.000 евра, што е околу 100 евра повеќе од претходната година.

Во меѓувреме пораснала и вкупната вредност на имотот на компанијата, која достигнала околу 29 милиони евра, односно 70 проценти повеќе во споредба со претходната година. Сепак, долговите и загубите растеле побрзо од вредноста на имотот, поради што капиталот останал длабоко негативен.

Русите основале 7.000 компании во Србија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот