Превидза падна во Битола, Пелистер ја запиша првата европска победа сезонава
Македонскиот кошаркарски прволигаш Пелистер вечерва ја запиша својата прва европска победа, и тоа на домашен терен во Битола, каде што во рамките на второто коло од ФИБА Еврокупот славеше над словачкиот претставник Превидза со 90-83.
Препорачано
Натпреварот започна со доминација на гостинската екипа, која во првата четвртина имаше контрола врз резултатот и водство од седум поени (21-14). Но, битолчани не се предадоа и успеаја да се вратат и да израмнат на 31-31. Сепак, краткотрајниот пад во нивната игра ѝ овозможи на Превидза повторно да поведе (37-33), пред Пелистер со одлична серија да замине на пауза со минимална предност (41-40).
Во второто полувреме, Пелистер заигра подобро.. Со сигурна и ефикасна игра, битолчани ја зголемија предноста и влегоа во последната четвртина со убедлива разлика од 20 поени (81-61). Но, кога се чинеше дека победникот е веќе решен, Превидза приреди неверојатна серија од 18-0 и намали на само два поени (83-81), носејќи го натпреварот во неизвесна завршница.
Сепак, кошаркарите на Пелистер не дозволија целосен пресврт. Со сконцентрирана игра и важни поени во финишот, ја потврдија победата и ги израдуваа домашните навивачи со конечни 90-83.
Најефикасен во редовите на Пелистер беше Американецот Остин Прајс со 25 поени, 4 скока и 2 асистенции, додека Никола Малешевиќ беше блиску до дабл-дабл со 18 поени и 9 скока.
Преземено од: Спорт.ком.мк


