Претставена е програмата на 27. Интернационален фестивал на монодрама во Битола
Во фоајето на НУ Центар за култура на 21 април се одржа прес-конференција на која беше претставена програмата на 27. Интернационален фестивал на монодрама, кој ќе се одржи од 23 до 29 април.
Препорачано
На прес-конференцијата говореа директорот на НУ Центар за култура – Битола, Сашо Илковски, селекторот на фестивалот Благој Мицевски, Љупка Коларевска Пајевиќ и Љупка Стефановска, додека за значењето на фестивалот и улогата на жири-комисијата се обрати и актерот Кире Ѓоревски, член на жирито.
Со популарната претстава „Менопауза“ со актерката Тијана Дапчевиќ свечено ќе биде отворено 27. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во НУ Центар за култура – Битола, додека фестивалот ќе биде заокружен со изведбата на претставата „Гидионовиот јазол“ на сцената на Народен театар Битола.
Годинашното издание на фестивалот ќе донесе 13 монодрамски претстави од 10 држави: Казахстан, Египет, Ерменија, Романија, Чешка, Бугарија, Полска, Италија, Грузија и Македонија.
Во рамките на програмата ќе бидат изведени три македонски претстави, со што фестивалот продолжува да ја поддржува и афирмира домашната театарска продукција.
Покрај официјалната натпреварувачка програма, фестивалот ќе понуди и Офф-програма, која вклучува ретроспективна изложба „Лауреати на фестивалот“, уличен перформанс „Статуи“ на Широк Сокак, како и неколку тематски работилници.
Со своето 27. издание, Интернационалниот фестивал на монодрама повторно ја позиционира Битола како значајна точка на театарската мапа, каде се среќаваат различни актерски поетики, сценски јазици и култури од целиот свет.


