Престанете да ги кажувате овие 10 фрази за стареењето – особено кон себеси
Време е да „пензионираме“ некои од најчестите начини на кои зборуваме за стареењето: изразот „ме фаќа деменција“ кога не можеме да се сетиме на некој збор; добронамерното „млада дамо“ од непознат човек во продавница; или негодувањето што го покажуваме кога некој ни честита роденден. Овие автоматски клишеа не предизвикуваат само превртување со очи – тие можат да влијаат и на нашето здравје, пишува „Тајм“.
Препорачано
Децении истражувања на професорката по јавно здравје и психологија од Јејл, Бека Леви, авторка на книгата „Кршење на кодот на возраста“, покажуваат дека пораките што ги прифаќаме за стареењето, а потоа си ги повторуваме самите на себе, се поврзани со тоа колку долго и колку квалитетно живееме.
Луѓето што имаат попозитивни уверувања за стареењето одат побрзо, побрзо закрепнуваат, подобро се грижат за себе и покажуваат помалку мозочни биомаркери поврзани со деменција. Истражувањата на проф. Леви дури покажале дека постарите лица со позитивни уверувања за стареењето можат да го обратат благиот когнитивен пад.
– Оние што прифаќаат понегативни уверувања за стареењето имаат поголеми шанси да покажат полоши физички, ментални и когнитивни исходи. Од друга страна, и тоа е добрата вест, важи и обратното. Ако луѓето можат да усвојат попозитивни уверувања за стареењето, или да преминат од негативни кон позитивни, тоа може да донесе здравствени придобивки на повеќе различни начини – наведува проф. Леви.
Затоа преиспитувањето на нашиот јазик е од суштинско значење. Еве изрази што експертите сакаат да престанеме да ги користиме и кога зборуваме за другите и кога зборуваме за себе.
„Престар/а сум за тоа.“
Мислите дека сте „престари“ да се приклучите на бенд? Тоа не е нужно поради годината во која сте родени. Годините никогаш не се проблем, велат психолозите, затоа што секогаш постои некој на ваша возраст што го направил тоа вчера. Ниту една активност нема рок на траење.
Наместо тоа, подобро е зборот „стар“ да го замените со поконкретен збор што опишува што навистина мислите. (Можеби, на пример, едноставно не сте заинтересирани.)
Истиот совет важи и за навидум безопасната реченица: „Не се чувствувам старо.“ Што значи тоа? Дека не се чувствувате неспособно, невидливо, бескорисно? Затоа подобро употребете зборови што навистина опишуваат како се чувствувате: „Се чувствувам енергично, оптимистички, привлечно.“
„Ме фаќа деменција.“
Многу луѓе навистина доживуваат одредено забавување на когнитивните функции со стареењето. Но, да заборавите каде сте ги оставиле клучевите не е секогаш проблем на стареењето, тоа е и човечка работа. И децата постојано забораваат работи. Да се нарекуваат грешките или пропустите „старечка деменција“ ја претставува заборавеноста како неизбежна, иако тоа не е така.
Проф. Леви напоменува дека постојат многу фактори што придонесуваат за заборавеност. Нејзините истражувања исто така покажуваат дека луѓето со попозитивни уверувања за стареењето со текот на времето имаат подобра меморија. Освен тоа, одредени когнитивни способности како метакогницијата, односно способноста да размислуваме за сопственото размислување, имаат тенденција да се подобруваат во подоцнежниот живот.
„Имам 70, ама се чувствувам како да имам 50.“
Проблемот со инсистирањето дека се чувствувате помлади е тоа што со тоа ја зацврстувате токму идејата што мислите дека ја отфрлате: дека младоста е подобра и дека треба да се дистанцирате од своите вистински години. Тоа продолжува да го обезвреднува значењето на тоа да бидете на својата возраст. Имате толку години колку што имате и се чувствувате одлично, а не помладо.
Тоа е замислено како триумф – доказ дека сте го „надмудриле“ сценариото на стареењето. Не, имате 70 и се чувствувате како да имате 70. Само што тоа не е она што сте очекувале дека ќе значи да се има 70 години. Вашите 70 сигурно ќе изгледаат поинаку од нечии туѓи 70, но тоа и понатаму се ваши години.
Подобро е воопшто да не ги „преведувате“ своите чувства во помлад број. Ако се чувствувате енергично, љубопитно и вљубено во животот, тоа не кажува „педесет“, туку вие, со 70.
„Старо куче не се учи на нови трикови.“
Луѓето можат да учат нови работи на која било возраст и науката го потврдува тоа. Постарите луѓе можат да имаат корист од истите когнитивни стратегии како и луѓето од сите возрасти, нагласува проф. Леви.
Истото важи и за честиот изговор дека нешто е „премногу технолошки напредно“. Многу постари луѓе активно користат социјални мрежи, паметни телефони и нови алатки. Затоа, следниот пат кога ќе посакате да кажете нешто вакво, заменете го со поискрена реченица како: „Сè уште не сум пробал/а.“
„Отсега ќе ми биде сè полошо и полошо.“
Не мора да биде така. Во едно неодамнешно истражување, проф. Леви и нејзините колеги следеле група постари луѓе во период од 12 години и ги анализирале когнитивните способности и брзината на одење. Речиси половина од испитаниците покажале напредок во барем еден од тие два параметри.
– Значителен број луѓе ја побиваат таа тврдење – истакнува професорката.
Тоа не значи дека болките и болестите се прашање на личен избор, но значи дека претпоставката за неизбежен пад едноставно не е точна.
„Добро изгледаш за своите години.“
Коментарите за изгледот често се лизгав терен, особено кога се поврзуваат со возраста. Друга грешка е да му кажете на некого дека изгледа „младолико“, затоа што што точно значи тоа? Како треба да изгледа некој на одредена возраст?
„Како сте денес, млада дамо?“
Кога на жена од 73 години продавач на пазар ќе ѝ каже „млада дамо“, тој мисли дека е љубезен и дека дава комплимент. Но таквиот вид комплимент укажува на ејџизам и може да се доживее и како иронично потсмевање.
„Тоа не е соодветно за твоите години.“
Не постои нешто што е „соодветно за возраста“ кога станува збор за возрасни луѓе. Возрасните не се враќаат во детска состојба. Постојат стилови, но секој може сам да одлучи што му одговара. Истото важи и за активностите, нема „рок на траење“ за тетоважа, нова кариера или хоби.
„Можеш ли да веруваш дека сè уште работи?“
Тој збор, „сè уште“, носи повеќе значења отколку што изгледа. Тој сугерира дека е необично некој на тие години да работи или да биде активен. А реалноста е поинаква, сè повеќе луѓе работат подолго, поради финансиски причини или демографски промени.
„Баш убаво остарел/а.“
Иако звучи како пофалба, оваа фраза имплицира дека некој „положува“, а некој „паѓа“ на испитот на стареењето. Ако сте се разбудиле и дишете, вие успешно стареете.
Проблемот е и во тоа што овој концепт ја промовира идејата дека само физичката и менталната „способност“ е мерило за добро стареење, занемарувајќи го фактот дека повеќето луѓе во одреден момент живеат со некакви ограничувања.
Постои уште еден проблем: „убавото стареење“ подразбира дека уште сега знаете како ќе изгледа вашиот добар живот во иднина. А не знаете. Не го проектирајте сегашниот себе врз идниот. Она што ви е важно денес можеби нема да ви биде важно во осумдесеттите, а можеби ќе откриете сосема нови страсти.
Пораката е едноставна: начинот на кој зборуваме за стареењето го обликува начинот на кој го доживуваме, а со тоа и начинот на кој живееме.


