Преседан во Премиер лигата, прекината вековна традиција
„Boxing Day“, празникот на фудбалот во англиската Премиер лига, оваа година ќе биде далеку од вообичаениот спектакл и еден од најомилените денови за фудбалските навивачи на Островот.
Препорачано
Имено, на 26 декември – ден кој со децении беше синоним за целосно коло фудбал во Англија – оваа сезона ќе се одигра само еден натпревар.
Познатиот термин, особено популарен и кај навивачите надвор од границите на Англија, овојпат нема да донесе класично комплетно коло од Премиер лигата. Поточно, во петок, ден по Божиќ според грегоријанскиот календар, на програмата е само дуелот на „Олд Трафорд“ помеѓу Манчестер јунајтед и Њукасл.
Од Премиер лигата објаснија дека ваквата одлука е донесена поради згуснатиот распоред, договорните обврски кон телевизиските партнери, како и проширената европска сезона, која дополнително го оптоварува календарот на натпреварувањето.
Бидејќи 26 декември оваа година паѓа во петок, а лигата има обврска да одигра 33 кола за време на викендите во сезоната, единствениот слободен термин за ТВ-пренос тој ден му припадна на натпреварот во Манчестер.
Сите останати средби од 18. коло ќе се играат во сабота и недела, на 27 и 28 декември, со што ќе се прекине една од најдолгите и најпрепознатливи традиции во англискиот фудбал.


