Препознајте ги и поддржете ги „Сончогледите“: Радоста на сончогледовиот цвет за лицата со невидлива попреченост

Групата со забрзан ритам собира сè повеќе нови членови, а македонските креативки и уметници, кои се приклучија во поддршка на групата, веќе дизајнираат разни креативни и практични предмети за Сончогледите.  

Ако на улица, во супермаркет, во јавен превоз или на кое било друго место сретнете лице кое носи лента со сончогледи околу вратот – имајте трпение и дајте му предност. Оваа симболична, специфична, сончогледова лента, открива дека лицето има потреба од дополнителна поддршка поради скриена попреченост или аутизам.

Делењето на сончогледовите ленти е бесплатно и се однесува само на лицата со „невидлива“ попреченост.

Ваквата иницијатива е поддржана од повеќе организации низ светот, а кај нас е новина, и активна е само на социјалната мрежа Фејсбук преку групата „Сончогледи за невидлива попреченост“.

Иницијаторка на оваа идеја и основач на групата е Јасна Милкиќ. Групата со забрзан ритам собира сè повеќе нови членови, а македонските креативци и уметници, кои се приклучија во поддршка на групата, веќе дизајнираат разни креативни и практични предмети, за кои средствата од продажба одат во поддршка на групата.

Ирена Лозана, Ирена Николовска Ристановска, Маргарет Курт и Јасна Милкиќ

– Ја креирав групата и се обединивме со Маргарет Курт, отец Оливер Петровски, Ирена Лозана и Ирена Николовска Ристановска. Еден од начините на кој може да се приклучите кон оваа шема е директно приклучување – таа е отворена за сите правни субјекти преку сајтот hiddendisabilitiesstore.com. Друг начин на приклучување се оние физички или правни лица кои изразија желба да се вклучат и директно да помогнат во акцијата, а ги понудија своите производи. Тие понудија средствата од продажбата на производите да се донираат и со тие средства да се набават ленти од Англија. Третиот начин е секој што сака да се вклучи, а не е директно засегнат со лице со скриена попреченост, може да биде поддршка и да добие алка или беџ – вака обележани ќе бидат лицата што им нудат помош на лицата на која таа им е потребна – ни објаснува Јасна Милкиќ.

Идејата за сончогледи потекнува од 2016 година кога лондонскиот аеродром се запрашал како би ги препознале лицата со невидлива попреченост. Тогаш приватна компанија го креира брендот „Сончоглед“, кој ќе помогне дискретно да бидат забележани лицата на кои им треба помош и повнимателен однос. Го зеле симболот цвет од сончоглед зашто симболизира радост, позитива, сила, самодоверба.

Придонес од Габриела Ристевска

Кристина Мауровска изработи преубави волнени капчиња

–  Се надевам дека оваа зима потопло ќе се чувствувате со ова што го изработив. Желбата ми беше да ви подарам, покрај моето внимание и чест што ве запознав, и дел од она што ме исполнува и ме прави среќна. Бидете ми секогаш со погледот кон сонцето! – порачува Кристина.

Вредните раце на Славица 

Славица Трчкова, адвокатка по професија, има вешти раце за најразлични, чудесни рачни изработки независни од видот на техниката. Уште од дете била опкружена со преубавите плетки од баба ѝ и со везовите на мајка ѝ, а сега махерка е за квилинг и декупаж. Цаци се приклучила на групата со љубов да помогне, па понудила „букмаркери“ и подметнувачи, а сите средства од продажбата ќе бидат донирани во иницијативата.

Тања: Кој колку сака и може да даде!

– Соработката почна интуитивно, откако се приклучив во групата посакав да направам нешто за нив. Знам да плетам, па си реков зошто да не понудам капчиња со сончогледи? Не ставив цена на капите, туку кој колку сака и може да даде. Дел од парите што ќе ги добијам ќе ги дадам за ленти, а дел за капи за тие што не можат да си дозволат – ни рече Тања Димеска.   

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот