Премиерот Зоран Заев го честита Денот на Армијата

Нашите војници покажуваат еднаквост во партнерството со нашите сојузници и способност заеднички да го гарантираат регионалниот и меѓународниот мир и стабилност, порачува премиерот Зоран Заев во честитката по повод 18 Август, Денот на Армијата.

-Почитувани припадници на Армијата, почитувани граѓани, Со особена чест и задоволство го честитам денешниот празник, упатувајќи искрена благодарност за вашата континуирана посветеност, професионалност и несебичниот ангажман за заштита на територијалниот интегритет и безбедноста на нашата држава, се вели во честитката од Заев.

На денешен ден, се додава, во 1943 година на Славеј планина е формиран првиот партизански одред баталјонот „Мирче Ацев”, кој подоцна во Народно ослободителната војна (НОВ) прерасна во војска која ја ослободи територијата на нашата држава, пожртвувано оставајќи печат вграден во темелите и независноста на татковината.

-Денеска, 76 години подоцна, нашата Армија на највисоко професионално ниво, заедно со војниците на земјите-членки на НАТО, дејствуваат согласно стандардите на Алијансата, учествуваат во меѓународни мировни мисии и даваат свој придонес во зачувување на глобалниот мир и безбедност. Почитувани граѓани, Пораката за својата подготвеност, за што сме особено горди и благодарни, нашата Армија ја испрати и со учеството во најголемата воена вежба „Одлучен удар”, кога нашите војници со претставници на уште пет земји-членки на НАТО покажаа дека имаат капацитет за изведување комплексни теренски вежби, се посочува во честитката.

Република Северна Македонија, се потенцира, ќе биде идната, 30-та членка на НАТО алијансата, а нашите професионални војници и офицери покажаа дека се партнери со нашите сојузници, со способност заеднички да го гарантираат регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.

-Почитувани претставници на Армијата, Благодарам од мое лично име и од име на Владата на Република Северна Македонија, за сите заложби, за сите несебични ангажмани, да помогнете, да осигурате и обезбедите, заедно со сите граѓани, перспективна иднина за сегашните и идните генерации! Нека ни е честит Денот на Армијата на Република Северна Македонија!, се нагласува во честитката од Заев по повод Денот на Армијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот