Преговорите за идеален наставен модел од септември продолжуваат, МОН инсистира на часови со физичко присуство

Скопје, 16 јуни 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

По денешниот состанок и Комисијата за заразни болести излезе со соопштение во кое се вели дека тие бараат дополнителни информации од МОН, кои очекуваат да ги добијат во наредните неколку денови.

По завршувањето на дешениот состанок помеѓу претставници на МОН и членови на Комисијата за заразни болести, министерот Арбер Адеми на пресконференција за новинарите соопшти дека преговорите за наставниот модел од септември ќе продолжат и во наредните денови, а најави дека во игра се три сценарија.

Пред да ги претстави трите модели, Адеми укажа и дека најпрво е потребно функционално собрание, па дури тогаш ќе се знае на кој начин би се одвивала наставата.

– За да може да почне школската година, потребно е да се донесат законски измени, а за тоа да се случи, мора да имаме функционално Собрание. Тие се подготовени од наша страна. Но , кога ќе се усвојат, зависи од Собранието – рече Адеми.

Според зборовите на Адеми новата учебна година би можела да започне да се реализира со физичко присуство на учениците, преку онлајн настава или со комбинација на овие два модели, но министерот потенцираше и дека ставот на МОН е организација на настава со физичко присуство.

– МОН останува на ставот дека треба да се организира настава со физичко присуство, тоа значи дека секаде каде ни дозволува епидемиолошката состојба ќе организираме настава со физичко присуство на учениците, имајќи ги предвид протоколите кои сме ги подготвиле за реализација на тој модел – истакна Арбер Адеми на денешниот прес за новинарите.

Адеми посочи дека ништо неможе да ја замени наставата со физичко присуство, а додаде и дека само во исклучителни ситуации би се реализирала настава на далечина.

– Нема замена за наставата организирана со физичко присуство, но треба да водиме сметка за епидемилошката состојба.  Во првиот модел е предвидено со конкретни услови, конкретни мерки, како би се организирала наставата со физичко присуство, со тоа што би се обезбедила физичка дистанца од најмалку 1.5 метри. Само кога навистина ќе нема друга опција би се определиле за онлајн настава – истакна Адеми.

Министерот за образование и наука потоа објасни на кој начин би се реализирала наставата според третиот модел, односно со комбинација од физичко присуство на ученците и далечинско учење.

– Во училиштата кои се пребукирани секако дека наставата треба да се организира со комбиниран модел – училниците да се поделат во помали групи, со помал број на ученици. Една група ќе следи настава со физичко присуство во текот на една недела, а истата таа недела другата група ќе следи настава на далечина и обратно – вели Адеми.

Комисија за заразни болести побара дополнителни информации од МОН

По денешниот состанок и Комисијата за заразни болести излезе со соопштение во кое се вели дека тие бараат дополнителни информации од МОН, кои очекуваат да ги добијат во наредните неколку денови.

„Од страна на Комисијата за заразни болести беше побарано од МОН да достави податоци за сите училишта во сите општини во Северна Македонија и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои се клучни податоци за да се утврди каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било евентуално безбедно да се одвива настава и со физичко присуство“, се вели во соопштението.

Фото: EPA-EFE/FELIPE TRUEBA

Протоколи за работа на градинките

Во врска со отворањето на градинките, денешниот заклучок на МОН и Комисијата за заразни болести е дека треба дополнително да се работи на усовршување на протоколите пред да се преземат следните чекори.

„Денеска на состанокот беа присутни и претставници на Министерството за труд и социјална политика и се разговараше и за протоколите за почеток на работењето на градинките. Заклучокот беше дека дел од протоколите треба да се доработат од страна на МТСП, да се разгледаат уште еднаш и потоа да се донесе одлука во врска со почеток на работењето на градинките“, се додава во соопштението на Комисијата за заразни болести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот