Предлози од градинарот „Цветко“: Пет саксиски растенија што може да ги подарите на Денот на вљубените
Предраг Митрикески Клекачкоски советува дека најважно е кога подарувате растение да видите кои карактеристики ги има и како тоа ве потсетува на личноста за која го купувате.
Денот на вљубените е совршено време да ѝ покажете на вашата сакана личност колку ви значи. Без разлика дали на овој ден ќе подарите нежен букет или внимателно одбрано саксиско растение што трае и расте, секое од нив ќе претставува порака од срце и спомен што останува долго по празникот.
Препорачано
Предраг Митрикески Клекачкоски, кој е познат по својот инстаграм-профил „Цветко“, е ентузијаст за растенија, екологија, животни и природата. Иако работи во сферата на маркетинг, тој секогаш наоѓа време да се посвети на природата и на грижата за растенија.

Денот на вљубените за него претставува повеќе нешта. Од аспект на традиција тоа е Свети Трифун, а од аспект на љубов е уште еден ден кој го потсетува колку треба да сме благодарни што сме ја имале среќата да почувствуваме нешто. Предраг вели дека љубовта за него претставува емоција што почнувала и завршувала војни, што ги инспирирала најзначајните уметнички дела, убава, страшна, опасна и во исто време толку комфорна.
– За мене е само потсетник за тоа колку треба да сакам секој ден од годината – вели Предраг.
Поради профилот „Цветко“, кој стана популарен на социјалните мрежи, луѓето го прашуваат какво растение најчесто подарува и како знае кое растение за кого е. Но, открива дека, всушност, многу ретко подарува растение некому.

– Верувам дека изборот на нашиот „саксиски пријател“ е личен и најубаво сами си го избираме. Сакам да подарувам режано цвеќе, сакам букети. Тоа е форма на восхит на растение што нѐ потсетува дека во животот не трае сѐ вечно, ни укажува дека во некои убавини се ужива краткотрајно и еднаш. Никогаш нема да дадам совет како „букетот подолго да издржи во вазна“ затоа што сакам да уживаме во краткотрајноста на таа убавина, да сме потсетени дека убавите нешта имаат крај и дека тој крај е тука со причина, а таа причина е да отвори пат за следниот почеток – следниот букет или цвет подарен за специјална пригода. Силно поттикнувам да подарите букет, уште ако е без пластична фолија и од локална цвеќарка, имате плус поени во мојата книга – вели тој.
Според него, секој има своја перцепција за растенијата, како што може да е спомен од детството. Па, затоа советува дека најважно е кога подарувате растение да видите кои карактеристики ги има и како тоа ве потсетува на личноста за која го купувате.

– Силни листови? Меки цветови? Издржливо или растение што бара внимание? Дајте му персонификација, и дајте си време при изборот, сменете го наративот и редефинирајте го значењето, тогаш и обична грмушка може да е носител на тон емоции – вели Предраг.
Тој смета дека нема потреба цвеќињата да носат порака, бидејќи тие природно сами по себе се една целина и се доволни, и секогаш им се восхитува.
– Секако сакаме да поврземе емоција, момент или традиција со цветовите, но според мене тоа треба да е лично и интимно искуство, затоа предлагам – видете го растението и шепнете му какво значење има за вас и тогаш подарете го на љубовта или подарете си го себеси, така ќе има многу побитно значење од она што Четџипити ќе ви го објасни – вели тој.

Предраг советува да подарите растение што ве потсетува на љубовта. Вели дека е многу поубаво да посветите половина час избирајќи го растението, отколку да го изберете тоа што сте прочитале некаде дека симболизира љубов за некој друг.
– Љубовта е труд, влог, желба и константа, водете се според тоа кога избирате растение, не според предлогот на некој друг – вели Предраг.
Во продолжение, „Цветко“ ни предлага пет саксиски растенија што се лесни за одржување и се сигурен избор како подарок за Денот на вљубените.
Замија: за оние што сакаат скулптурно растение, цврсто стебло и силен лист. Бара ретко вода – на две недели, дури и на месец, зависи од влагата, топлината и светлината во домот, но дефинитивно помалку е повеќе.
Спатифилум: oва растение комуницира, сака повеќе вода, и најлесно да знаете кога му треба вода е да видите кога листовите малку се „наведнуваат“, дури тогаш ставете му вода.

Сансеверија: скулптура од растение што ужива во мала саксија, го има во многу бои и форми, сака малку вода и толерира слаба светлина.
Потос: има многу имиња и е секаде застапен, го има во бело-зелена форма, златна, син сјај и каков уште не… Tолерира ниска светлина и е идеален за почетници.
Антуриум: црвен, срцевиден цвет познат насекаде, кој бара умерено вода. Треба да почекате да се исуши горниот слој земја, па да ставите вода. А, сонце – бара индиректна светлина.
– Овие растенија толерираат ниска светлина. Тоа значи да го гледаат прозорецот, но да се далеку од директна светлина. Толерираат осцилации во температура, но внимавајте на многу ниски температури. Секогаш дополнително консултирајте се со вработените и истражете онлајн пред да одлучите – заклучува Предраг.


