Арнудхати Рој -Фото: Принтскрин/Јутјуб

Познатата писателка се повлече од Берлинале поради изјавите на жирито за Газа: „Шокирана сум и згрозена“

Индиската писателка и добитничка на Букеровата награда, Арундати Рој, се повлекла од овогодишниот Берлински филмски фестивал – Берлинале, по изјавата на претседателот на фестивалското жири, германскиот режисер Вим Вендерс, кој изјавил дека филмските автори треба да останат надвор од политиката, пренесува „Гардијан“.

Рој испратила порака дека е „згрозена“ од ваквиот став, оценувајќи го како неприфатлив во момент кога, како што нагласила, пред очите на светот се случуваат страшни злосторства.

На почетокот на овогодишното издание на фестивалот Берлинале, кога жиријата, предводено од Вим Вендерс, одговарало на прашања за војната во Газа, на прашањето дали филмовите можат да влијаат на политички промени, Вендерс изјавил дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.

„Филмските автори треба да останат надвор од политиката, бидејќи ако правиме филмови кои се исклучиво политички, влегуваме во полето на политиката. Ние сме контрапункт на политиката, спротивност на политиката. Треба да ја работиме нашата работа, а не работата на политичарите“, истакнал тој.

Во соопштението што го објавила во петокот, при најавата за повлекувањето, Рој ги нарекла овие коментари „несовесни“ и изразила загриженост што тие се прошириле до „милиони луѓе низ светот“. Писателката требала да присуствува на проекцијата на реставрираната верзија на својот филм од 1989 година, „In Which Annie Gives It Those Ones“, кој беше вклучен во програмата „Класика“ на фестивалот.

„Да слушнеш некој да каже дека уметноста не треба да биде политичка е невообичаено. Тоа е начин да се угуши разговорот за злосторствата против човештвото додека тие се случуваат во реално време, во момент кога уметниците, писателите и филмските автори треба да направат сè што е во нивна моќ за да го спречат тоа“, напишала Рој.

Таа додала дека е „длабоко вознемирена“ од ставовите на германската влада и некои културни институции за Палестина, но нагласила дека од германската публика претходно добивала политичка солидарност кога зборувала за своите ставови за, како што рече, геноцидот во Газа.

Покрај Вендерс, овогодишното жири го сочинуваат американскиот режисер и продуцент Рејналдо Маркус Грин, јапонската авторка Хикари, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам, јужнокорејската глумица Бае Доона, индискиот режисер и продуцент Шивендра Сингх Дунгарпур и продуцентката Ева Пусцзињска, позната по филмот „The Zone of Interest“, награден со Оскар.

„Ние се обидуваме да разговараме со секој гледач и да го поттикнеме да размислува, но не можеме да бидеме одговорни за тоа дали некој ќе одлучи да ја поддржи Израел или Палестина. Постојат и други војни во кои се прават геноциди, за кои не зборуваме“, изјавила таа.

Рој оваа недела беше вклучена во поширокиот избор за наградата „Women’s Prize“ за публицистика за своето мемоарско дело „Mother Mary Comes to Me“. Во својата изјава го повторила ставот дека се одвива геноцид над палестинскиот народ во Газа и нагласила дека, според неа, владите на САД и Германија, како и некои европски земји, се соучесници бидејќи даваат политичка и финансиска поддршка за Израел.

„Ако најголемите филмски автори и уметници на нашето време не можат да станат и да го кажат тоа, треба да знаат дека историјата ќе ги суди. Шокирана сум и згрозена“, порача Рој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот