Позитивната енергија од списанието „Сенса“ ја пренесе на „Оригинал“, нова оригинална приказна на Јасмина Стојановиќ

Околностите некогаш не можеме да ги промениме, но секогаш можеме да го менуваме нашиот одговор на нив. Без разлика на тоа каде се наоѓаме и во какви услови, развојот на свеста и на својот ум секогаш ни е на располагање.

И како долгогодишна уредничка на популарното списание „Сенса“, и денес, како уредничка на списанието „Оригинал“, Јасмина Стојановиќ шири оптимизам и позитивна надеж. Во новото списание и проект „Оригинал“, кое за сега е достапно само на српскиот пазар, Јасмина го пренесе духот на „Сенса“.   – Духот е секогаш посилен од сè и падот на духот зависи само од нас, смета оваа инспиративна жена за односот на луѓето во новонастанатата ситуација со коронавирусот.

Инаку, директор на проектот „Оригинал“ е Јелена Ѓоковиќ, додека проектот е дел од Фондацијата Новак Ѓоковиќ, а целта е промоција на квалитетни вредности и позитивни примери од пракса, со акцент на поддршка на младите, но и на жените и претприемачите.

– Во зависност од проектот, секој може да биде дел од Оригиналната заедница, вели Јасмина Стојановиќ во разговорот за „Слободен печат“.

Како ги поминувате деновите во изолација? Во последниве години главно работите од дома, сигурно веќе имате навика и дисциплина за работа, па претпоставувам дека не ви паѓа толку драстично и тешко. Која е предноста на работата од дома?

Да, по случај на околностите почувствував силен порив да работам од дома, да бидам независна од големите системи и да си го креирам своето време. Голем дел од тоа беше потреба на мојата душа, а потоа и животните ситуации бараа нов вид на организација. Претходните години за мене беа интензивни и деловно и приватно, и ми годеше поинаков ритам кој е поблизок на мојот биоритам. Предноста на работата од дома е сопствената организација на времето, фактот да избирате со кого ќе се видите и кога, како ќе ги вклопите останатите обврски. Исто така, за мене тоа се покажа многу попродуктивно, зашто во работата од дома нема муабетење со колегите и „празен од“. Сè зависи од тоа дали некој умее да го организира своето време, дали е интерно мотивиран, колку е посветен, а по малку и колку зависи од опкружувањето. Јас отсекогаш имам интерна мотивација, не ми е проблем да се посветам на работата, лесно се организирам и од друга страна, независна сум, па така мене сè ова ми годи многу повеќе отколку работата во канцеларија.

Секој е оригинален и секој може да биде оригинален. Сакаме да бидеме поддршка другите тоа да го препознаат, да се изразат и да добијат заслужена медиумска потпора.

И како уредничка на списанието „Сенса“, шест години, и денес, како уредничка на списанието „Оригинал“, ширите оптимизам и позитивна надеж, меѓутоа, како да се остане оптимист во вакви ситуации, да не се падне со духот?

– Во „Оригинал“ сум на позиција проектна менаџека и едиторијал менаџерка. Тоа значи дека сум задолжена и за проектите и за содржината, но заедно со тимот кој стои зад „Оригинал“. Беше неминовно да го пренесам духот од „Сенса“ зашто таму долго работев, со текот на времето се едуцирав во многу области и многу бев посветена на мисијата која „Сенса“ ја има. Таа мисија ја препознав во „Оригинал“ и затоа и станав дел од оваа заедница. Како да не се падне со духот? Така што духот е секогаш појак од сè и тој пад зависи само од нас. Околностите некогаш не можеме да ги промениме, но секогаш можеме да го менуваме нашиот одговор на нив. Без разлика на тоа каде се наоѓаме и во какви услови, развојот на свеста и на својот ум секогаш ни е на располагање. Тоа внатрешно богатство не може некој да ни го одземе туку-така. Денес, многумина се во своите домови. Дали тоа за нив ќе биде драма, трагедија, опуштање или тензија, навистина зависи само од нив самите. Можам секому да препорачам да се позанимава со работата на Виктор Франкл (австриски невролог и психијатар, н.з), кој истакнуваше дека дури и кога е најмрачно, човекот е кадарен да преживее и да сочува дел од душевната слобода. А, Виктор го преживеал и холокаустот, и логор и загубата на најсаканите. Може да му се верува, не само затоа што е стручен психијатар, туку и зашто таков опстанок доживеал на своја кожа.

Директор на проектот „Оригинал“ е Јелена Ѓоковиќ, додека проектот е дел од Фондацијата Новак Ѓоковиќ. Кои се целите на проектот?

– „Оригинал“ ги поддржува младите, иновациите, претприемништвото, креативноста – оригиналноста на поединци и компании. Целите се да се промовираат квалитетни вредности, позитивни примери од пракса, да се понуди независна платформа која ги зајакнува младите и ѝм пружа можности за стекнување на знаења и вештини, да дојдат до квалитетни инспиративни предавачи, да се вклучат во работата на заедницата. Секој е оригинален и секој може да биде оригинален. Сакаме да бидеме поддршка другите тоа да го препознаат, да се изразат и да добијат заслужена медиумска потпора.

Можам секому да препорачам да се позанимава со работата на Виктор Франкл кој истакнуваше дека дури и кога е најмрачно, човекот е кадарен да преживее и да сочува дел од душевната слобода.

Фокусирани сте на младата популација, но и на жените, на кој начин ги мотивирате, им помагате? Какви се за сега резултатите?

– Ги мотивираме со темите во списанието и со сите актулени информации кои можат да го унапредат нивниот живот. Организираме отворени конференции и семинари, едукации кои им нудат можности и вработувања. Учествуваме на други конференции, како говорници, или во вид на делење на списанието и интеракција со публикара. Основавме блог платформа на која секој може да има блог катче и да пишува. Имаме Вибер заедница во која дополнително се зближуваме и делиме совети. Од неодамна започна и проектот Оригинални лидери, идеја на младата и амбициозна колешка Даниела Јовичиќ и со тоа потврдивме дека тука сме да ги поттикнеме младите да напредуваат во рамките на самиот наш тим. Овој проект е наменет на претприемачите во цел на нивното зајакнување преку „коучинг“ и професионална обука. Донираме списанија на библиотеките, на селата и културните институции ширум Србија за да можат да го читаат списанието и оние на кои не им е лесно достапно. Последниот број направивме да биде достапен за сите на сајтот, гратис, поради сите вонредни околности. Секојдневно на сајтот и на социјалните мрежи делиме инспиративни приказни и личности и ги мотивираме другите да го прават истото. Резултатите се сеопфатни и постојано се развиваме за да добиеме поголема заедница, повеќе читатели и посетители на страницата.

Дали вашите проекти се однесуваат на промоција и поддршка само на талентираните луѓе во Србија? Дали може да се препознае во тие проекти, на пример, еден успешен млад Македонец?

– Нашите проекти се насочени на Србија само затоа што најмногу го покриваме тој реон. Но, во зависност од проектот, секој може да биде дел од Оригиналната заедница.

Најголемата слабост на жените е што се обидуваат да бидат како мажите.

Живееме во земји во кои доминираат мажите, сè уште заостануваме во поглед на еднаквите можности и еднаквите права, во што гледате најголеми слабости на системот, но и на самите жени?

– Најголемата слабост на жените е што се обидуваат да бидат како мажите. Ние сме погубени во ова. Повеќе не ја почитуваме и признаваме нашата природна женска енергија, не можеме да станеме нешто што не сме и тогаш одиме во друга крајност. Ја преземаме машката енергија, машкиот принцип, влегуваме премногу во акција, а нашето тело најмногу трпи. Женската енергија привлекува, таа е нежна, но многу моќна. Треба да научиме да ѝ се вратиме, да ја препознаеме, да ја почитуваме и да ѝ дозволиме да работи за нас. Од друга страна, мажите се многу повеќе тимски ориентирани, се држат еден со друг, се покриваат и делуваат во групи. Жените се повеќе склони да се свртат на меѓусебното ривалство, да не се поддржуваат една со друга, да се натрпеваруваат…Ја развиваат „женската љубомора“, наместо соработката.

Бидете први претци на новата женска лоза која не настанува од страв и страдање, туку од надеж и сила.

Дали некогаш сте се чувствувале феминистички?

 – Некако не ја сакам терминологијата, особено не онаа која секој може да ја „развлече“ како сака или да ја политизира. Постојано се чувствувам, и сè повеќе така, да сакам жените да станат посилни, посамостални, поотпорни. Правата да не се третираат како права на жени или мажи, туку како права на суштества и личности кои секој ги добива со раѓањето. Да не постои воопшто прашање дали некој е женско или машко. Тоа е толку бесмислено, на толку нивоа, што не можам да верувам дека денес сè уште водиме борба околу основните права. Сакам и колку можам придонесувам за жените да ја освестат својата моќ, да веруваат во себе, да го пронајдат патот кој не е ни агресија ни насилство, туку развој на свеста и така да се издигнат. Би сакала уште повеќе во иднина на тоа да се посветам, но ќе видиме како и каде животот нè носи.

Што значи денес да се биде оригинален?

– Сите ние сме уникатни родени. Со толку убавина во себе, со толку потенцијал. Замислете дел овој Универзум, ѕвездена прашина, генерации претци, вселенска светлина, сите се здружиле за вие да настанете. Да одите, да пишувате. Да постоите на оваа планета Земја. Зарем не е прекрасно да остварите некоја мисија која е волшебна? Зарем не е потребно со своето делување да покажете благодарност кон таа Креација од која токму вие сте настанале? Сите ние сме оригинални, само треба да дозволиме таа светлина да сјае од нас, да си дозволиме да бидеме креативни, да работиме за поголемо добро и да ја почитуваме планетата.

Кои се хероините на новото време?

– Нашите ќерки се хероини на новото време. Тоа се сега млади жени, девојчиња кои растат во посебен еволутивен момент на човештвото. Тие ќе бидат носителки на новиот женски принцип, водачи на нови проекти, креаторки на новиот свет. Учете ги на сè што вас не ве учеле, учете ги колку се вредни и убави. Дајте им крилја да летаат, дајте им ги своите сништа, својата сила што не сте ја прикажале, дајте им ги вашите тајни вештини, вашата доверба. Бидете први претци на новата женска лоза која не настанува од страв и страдање, туку од надеж и сила.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот