Повеќе од 80 млади уметници на меѓународниот натпревар „Охридски бисери”

Повеќе од 80 млади уметници од Германија, Обединетото кралство, Русија, Полска, Литванија, Грција, Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и од државава ќе бидат дел од годинешното 18-то по ред издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери”, што почнува утревечер во големата сала на Општина Охрид.

Во рамки на петте натпреварувачки дена ќе настапат уметници на дувачките инструменти флејта, обоа, кларинет, саксофон, труба, хорна и тромбон, како и изведби на камерни дела во различни состави со споменатите инструменти.

Натпреварот во Охрид им овозможува на младите уметници да ги претстават своите вештини на инстументот, но и претставува можност за размена на искуства со колеги од целиот свет, како и контакт со врвни педагози и репродуктивни уметници од областа на класичната музика кои се дел од жирито. Поставувањето високи стандарди при конципирањето на програмата и строгата селекција на наградени учесници се предизвик за посебно надарени млади музичари од целиот свет кои веќе осумнаесет години доаѓаат во Охрид и со учеството на натпреварот ја надградуваат својата професионална уметничка кариера.

„Охридски бисери” е единствен меѓународен натпревар од Македонија е дел на Европската асоцијација на музички натпревари (ЕМСИ), заедно со уште педесетина други натпревари од 30 европски земји. Асоцијацијата ЕМСИ е формирана во 1970 година во Брисел, како можност за афирмација на особено надарени млади уметници и нивна промоција на професионалните концертни подиуми во Европа и во светот, што се остварува и преку организирање на семинари и мастер-класи со еминентни педагози и репродуктивни уметници, концертни турнеи, настапи со оркестри и вредни стипендии од универзитети во Европа и САД.

За годинешното издание на натпреварот своето учество во жири-комисиите го потврдија професори од повеќе европски музички академии и тоа Андреј Иков, професор по труба и прв трубач во светски познатиот Баљшој театар од Москва, Детлеф Бенсман, саксофонист и Петер Арнолд, хорнист од Германија, Пенчо Пенчев, професор по труба од Бугарија, Бранко Михановиќ, обоист од Загреб, Бранислав Аксин, тромбонист и Лаура Леваи Аксин, флејтистка, двајцата професори на Музичката академија во Нови Сад, Србија, Емир Нухановиќ, кларинетист од Сараево, Босна и Херцеговина, како и нашите Страшо Темков, професор по флејта и Васо Ристов, професор по труба од Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Инаку, на „Охридски бисери” ќе се доделуваат по три главни награди за секоја дисциплина и категорија, а од победниците на завршниот концерт стручното жири избира тројца добитници на вредни парични премии и наградата „Гран-при” за најуспешниот учесник на целиот натпревар. Освен тоа се доделуваат и специјални награди од асоцијацијата ЕМСИ, од Фондацијата „Томислав Зографски”, од нашите здруженија СОКОМ и СМУМ, како и награда инструмент саксофон од компанијата „Јамаха” за најуспешниот саксофонист.

На свеченото отворање утревечер со почеток во 21 часот, во салата на градското собрание на Охрид, концерт ќе одржат Ања Малков, флејтистка од Србија, добитник на наградата Гранд при на „Охридски бисери 2017″ и гудачкиот квартет на Македонската филхармонија.

Натпреварот „Охридски бисери” ќе се одржи со финансиска поддршка на Министерството за култура и градоначалникот на општина Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот